СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.П.(25) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 06.07.2025 полициски службеници извршиле преглед над пријавената, при што биле пронајдени и одземени марихуана, дробилка и други предмети.
СВР Штип поднесе кривична пријава против Е.З.(38) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено на кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 04.09.2025 во Штип, пријавениот, без дозвола и согласност од 75-годишна жена од Штип, со нејзината банкарска картица, неовластено извршил трансакции од банкомат.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н. М. (20) од село Пирок, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 01.11.2025 година во Тетово, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавениот му нанел убодна рана на А.К.(20) од Тетово.
На 27/28.11.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.С.(44), М.М.(34) и Д.П.(35), сите од Скопје и 26-годишната С.Д. од Велес, затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 27.11.2025 во 08:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локалниот пат с.Кучково-с.Волково, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус „лаз“ со скопски регистарски ознаки, управуван од И.С.(61) од с.Никиштани, скопско и патничко возило „сузуки свифт“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(71) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Б.Т., констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 27.11.2025 во 16:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Јустинијан Први“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.А.(39) од с.Моране, скопско удрило во пешакот К.С.(60) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 27.11.2025 околу 10:30 часот во атар на с. Бањани, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Н.Л. од с.Мирковци, скопско. При преглед на патничко возило „мерцедес“, кое го управувал Н.Л., била откриена поголема количина на огревни дрва без жиг и една моторна пила. По целосно документирање на случајот против Н.Л. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 27.11.2025 во 12:35 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип ја лишија од слобода А.К.(52) од Р.Турција, која во моментот престојува во Штип, поради тоа што физички нападнала полициска службеничка, која била работно ангажирана за физичко обезбедување за време на судски процес кој што се одвивал во Апелационен суд Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.11.2025 во 23:45 часот во село Банско, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Б.М.(65) од село Банско. Според пријавеното, тој околу 20:30 часот во село Банско, во близина на неговата куќа, со воздушна пушка пукал кон малолетник од Струмица и го погодил во ногата. На малолетникот му е укажана помош во Општа болница Струмица, а воздушната пушка била пронајдена и одземена од Б.М.. Тој е задржан во Полициската станица Струмица и за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.А.Д.(50) и Ј.С.(44), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „поткуп при избори и гласање“ по член 162 од Кривичниот законик. На 19.10.2025, за време на локалните избори, двајцата се затекнати како со пари и список со лични податоци и адреси на живеење на лица со право на глас од Охрид, се движеле од куќа во куќа и на евидентирани лица со избирачко право, им нуделе и делеле парични средства со намера да придобијат односно да го извршат избирачкото право во корист на кандидатот за градоначалник на една политичка партија.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против А.Д.(43) од кичевското село Колари, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“ по член 244 од Кривичниот законик. Тој, на градежна парцела во близина на месноста „Сеферов бунар“ во Кичево, без да обезбеди одобрение и друга соодветна документација, започнал градба на објект, со што постапил спротивно на членот 136 од Законот за градење. Нелегалната градба ја констатирал овластениот градежен инспектор при општина Кичево.
Денеска (28.11.2025) околу 07:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на тротоар на бул.„Илинден“ во Скопје бил пронајден починат Т.К.(66) од Скопје, кој претходно беше пријавен дека не се вратил во неговиот дом. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција.
На 27.11.2025 околу 18:00 часот во СВР Скопје, Н.С.(73) од Скопје пријави дека на подрачјето на општина Аеродром, по претходно недоразбирање, била физички нападната од сосетката Б.Т.(87) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 26.11.2025 во 11:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека во холот на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца малолетници од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.11.2025 во 15:00 часот во СВР Скопје, О.М.(44) од Скопје пријави дека на 24.11.2025 околу 09:00 часот во училница од основно училиште на подрачјето на Драчево, неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.11.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје Б.К.(29) од Скопје пријави дека во спортска обложувалница на подрачјето на Драчево бил физички нападнат од Д.Н., кој со тврд предмет оштетил и дел од инвентарот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 26.11.2025 во 04:50 часот во СВР Скопје, О.А.(27) од Скопје пријави дека околу 01:20 часот пред угостителски објект на подрачјето на Чаир, бил физички нападнат од А.Ч., А.К. и уште едно лице, кои употребиле и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.11.2025 во 00:05 часот во Клиничката болница во Штип полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода Ј.А.(29) од с.Таринци, општина Карбинци. Претходно, во болницата за лекарска помош бил донесен неговиот татко В.А.(54), но и покрај пружената помош, В.А. починал. Кога Ј.А. пристигнал во болницата, но и откако од страна на медицинскиот персонал му било кажано дека татко му починал, тој се однесувал агресивно кон нив и искршил стакла и други делови од инвентарот. За настанот е известен јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција, а по целосно документирање на случајот против Ј.А. ќе биде поднесен соодветен поднесок.