СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.П.(38) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.10.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и амфетамин.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(55) од с.Пирок, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.08.2025 во с.Пирок, тетовско, по претходно нерасчистени должничко-доверителски односи, пријавениот физички нападнал едно лице.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Г.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 03.12.2024 во Скопје, по претходно нерасчистени меѓусебни односи, настанала физичка пресметка помеѓу пријавениот и лице од Скопје, при што пријавениот со остар предмет му нанел убодна рана.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против И.Н.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 07.07.2025, пријавениот склучил договор со лице од Струга за изнајмување на патничко возило, но не го вратил возилото до наведениот рок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против П.М. од Виница, вработен во угостителски објект, Г.Ј.(51) од Виница, управител на угостителскиот објект и правното лице- угостителски објект поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на дете“. На 19.07.2025 во угостителскиот објект во Виница полициски службеници затекнале тројца малолетници кои биле послужени со алкохол од првопријавениот, а второпријавениот не го спречил тоа иако бил должен да обезбеди контрола во објектот.
На 27/28.10.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.Р.(29) од Куманово, Д.М.(22) , А.Р.(24), О.Ч.(47) и С.С.(25), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 27.10.2025 во 11:20 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека на ул.„Шишка“ во Кавадарци се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од З.Д.(59) и патничко возило „фолксваген фокс“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од В.Р.(45), двајцата од Кавадарци. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил З.Д., а со телесни повреди се здобил В.Р., констатирани во Општа болница Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кавадарци.
На 27.10.2025 во 09:30 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на магистралниот пат Кичево-Гостивар, патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(63) од Скопје, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила неговата сопатничка Д.С.(91) од Скопје, констатирани во Медицинскиот центар во Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.
На 27.10.2025 во 20:35 часот во ОВР Демир Хисар е пријавено дека во с.Единаковци, демирхисарско, Н.К.(43) од с.Единаковци, управувајќи мопед без регистарски ознаки, изгубил контрола и со мопедот паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Битола, а при преземање мерки констатирано е дека го управувал мопедот со 2,42 промили алкохол во крвта. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Демир Хисар и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против С.Р.(30) од Скопје, со привремен престој во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“. На 22.10.2025 во Струга, полициски службеници во содејство со Центарот за социјални работи извршиле контрола на ул„Маршал Тито“, при што го затекнале пријавениот како ја носи неговата малолетна ќерка да проси и потоа ги земал парите од детето. Тој веднаш е лишен од слобода и поднесена му е пријава.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против С.В.(58) од Прилеп, со привремен престој во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 04.10.2025 на место со див отпад во Струга, пријавениот предизвикал пожар на тој начин што запалил кабли. Тој сам го изгаснал пожарот, но бил затекнат на местото и бил лишен од слобода.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против А.Н.(53) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста со опасно орудие при тепачка или караница“. На 04.10.2025 на паркинг простор во Струга, по претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавениот со остар предмет се обидел да нападне едно лице од Струга.
На 27.10.2025 во 17:00 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Д.Б.К.(41) од Богданци затоа што при извршени гранични проверки било констатирано дека бил баран од Основен суд Гевгелија за издржување на казна затвор за сторено кривично дело по член 367 од Кривичниот законик. Додека, при преглед во возилото „мерцедес“ со полски национални ознаки, со кое допатувал, бил пронајден и одземен еден гасен пиштол. Тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
На 27.10.2025 во 20:05 часот на Граничен премин Блато, на излез од државата, полициски службеници го лишија од слобода А.Х.(29) од Република Албанија, затоа што при извршени гранични проверки било констатирано дека лицето евидира со мерка „апси“ по барање на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поради сомнение за сторено кривично дело по чл.235 од Кривичниот законик. Тој е предаден на полициски службеници во ОВР Ресен за понатамошна постапка.
На 27.10.2025 во 17:10 часот во продажен објект на ул.„Методија Шаторов Шарло” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ја лишија од слобода А.В.(41) од Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Таа била затекната при вршење на кражба во објектот, при што одзела повеќе производи. Украденото било вратено на сопственикот, а по документирање на настанот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 27.10.2025 во 10:10 часот на граничен премин Деве Баир, полициски службеници го лишија од слобода О.Ц.(47) од Република Турција, затоа што при гранична контрола било констатирано дека приложил фалсификуван зелен картон за возилото кое го управувал. Тој е предаден на полициски службеници од ОВР Крива Паланка и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 27.10.2025 во 15:30 часот во СВР Битола, Д.Џ.(39) од Битола пријави дека на 25.10.2025 во угостителски објект на ул.„Партизанска“ во Битола бил физички нападнат од едно машко лице, при што бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 27.10.2025 во 17:50 часот на ул.„Ѓорче Петров“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го приведоа Н.Т.(27) од с.Порој, тетовско, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба за издржување на казна затвор за сторено кривично дело „одземање на моторно возило“ по член 242 од Кривичниот законик. Тој е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на затворската казна.
На 27.10.2025 во 15:30 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода М.П.(31) од Велес, постапувајќи по претходна пријава од 55-годишна велешанка дека на работното место во здравствена установа во Велес ја заклучил во една од просториите, кршел предмети, физички ја нападнал, ѝ се заканил со остар предмет и со средство за чистење ја испрскал во очите. Тој е задржан во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 27.10.2025 во 15:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Горно Коњари, општина Петровец, настанал пожар на патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Т.(29) од Скопје, кое целосно изгорело. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид бил извршен.
На 27.10.2025 во 13:21 часот во СВР Скопје, И.П.(51) од Скопје пријави дека околу 11:30 часот на подрачјето на Центар, едно лице, кое било со уште две други лица, со употреба на физичка сила одзело пари од неговиот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.10.2025 во 16:45 часот во Скопје на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.С.(37) од скопско, постапувајќи по претходна пријава дека околу 14:00 часот агресивно се однесувал и упатувал закани на неговата 40-годишна партнерка пред нејзиниот дом По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.10.2025 во 21:40 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Т.Ј.(35) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:30 часот во и пред казино со уште едно лице физички го нападнале Д.М.(53) од Струмица, со престој во Скопје, а потоа агресивно се однесувал и кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Исто така, и неговата 29-годишна сопруга пријавила дека физички ја нападнал во домот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.10.2025 во 23:25 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Д.Д.(24) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.