СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.В.(23) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.10.2025 во близина на место викано „Шипковичко теќе“, полициски службеници извршиле преглед на паркирано патничко возило „фолксваген голф“, паркирано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана. При претрес во домот и помошните простории на пријавениот биле пронајдени и одземени пиштол калибар 7,65 мм и рамки со куршуми, кое ги поседувал таткото на пријавениот, без соодветна дозвола. На пријавениот му е изречена мерка притвор од 30 дена.
ОВР Кочани поднесе кривична пријава против Р.Т.(46) од Кочани поради постоење основи на сомнeние за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 07.09.2025 во с.Долни Подлог, пријавениот со огнено оружје упатил закани на едно лице.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Б.В.(37) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице во вршење службено дејствие“. На 08.08.2025 во угостителски објект во Виница, пријавениот со дрвен предмет нападнал полициски службеник додека извршувал службени дејствија.
СВР Битола поднесе кривична пријава против З.Р.(44) од с.Могила, битолско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавениот, поранешен раководител во ЈП „Национални шуми“ – подружница „Кајмакчалан“ Битола, во 2023 година, наместо да ја следи реализацијата на договорот склучен помеѓу ЈП „Национални шуми“-Скопје и пилана во с.Дихово и да не врши испорака на техничко дрво, бидејќи претходно авансно не било платено, му овозможил на правниот субјект да се стекне со материјална корист, односно на јавното претпријатие му нанел штета во износ од 321.765 денари.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.Б.(48) од Скопје, управител на правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. На 14.12.2024, пријавениот постапил спротивно на Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје при работа, на тој начин што на објект во изградба во с.Липково, поради непоставена парапетна заштита на надворешно и внатрешно монтажно скеле, дошло до пукање на конструкцијата, при што двајца работници се здобиле со повреди.
На 28/29.10.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.У.(43), Ф.М.(46) и Х.И.(19), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Велес поднесе кривична пријава против А.З.(45) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 09.02.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на првопријавениот, при што биле пронајдени и одземени две ловечки пушки, ловечки карабин, два пиштола, 146 куршума, 21 ловечки патрони, расклопен ловечки карабин и репетирачка пушка.
На 28.10.2025 во 20:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Перо Наков“ во Скопје, патничко возило удрило во 11-годишна малолетничка од Скопје, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и за целосно расчистување на случајот.
На 28.10.2025 во 13:20 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода М.М.(45) од Гевгелија. При преглед кај него и во патничкото возило „пежо“ со гевгелиски регистарски ознаки, кое го управувал, пронајдени и одземени се кокаин, марихуана, мали шишиња исполнети со течност и таблети. Подоцна, со судска наредба, извршен е и претрес во неговиот дом, при што се пронајдени и одземени предмети со остатоци од марихуана. За настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 28.10.2025 во 14:50 часот во СВР Скопје, Б.С.(38) од Скопје пријави дека на подрачјето на Центар, додека извршувал градежни работи на објект во изградба, бил физички нападнат од друг работник М.Р.(39) од Куманово. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.10.2025 во 19:30 часот во СВР Скопје, Д.П.(39) од Скопје пријави дека на 25.10.2025 околу 16:00 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 28.10.2025 во 09:30 часoт во СВР Скопје, Г.А.(50) од Скопје пријави дека околу 09:00 часoт во основно училиште на подрачјето на Чаир, по претходно недоразбирање, неговиот малолетен син бил физички нападнат од негов соученик, кој употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 28.10.2025 во 18:35 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, У.Ф.(54) од Скопје, во својство на згрижувач, пријави дека од домот се оддалечил неговиот штитеник Р.Х.(15). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 28.10.2025 во 15:00 часот во СВР Скопје, 28-годишна жена од кумановско пријави дека била измамена од лице вработено во туристичка агенција во Скопје за сума од 2 000 евра. Според пријавеното, кон крајот на февруари 2025, таа отишла во агенцијата да изврши уплата за патување, при што лицето кое работело, побарало парите да ги даде на рака веднаш, а сметката за извршена уплата да и биде дадена во наредните денови. Како што е пријавено, неколку пати се обидела да го контактира телефонски, при што лицето и кажало дека не може да ги обезбеди потребните документи за патување, а откако побарала парите да и бидат вратени, лицето не одговорило на повиците. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.