Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 27.12.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

27.12.2025

ИЗВАДОК ОД ДНЕВНИТЕ НАСТАНИ       

 

На 26/27.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.М.(27), В.К.(46), Е.Ќ.(31), А.П.(28), В.Н.(28), сите од Скопје, како и Д.Т.(31) од с.Булачани, скопско, Б.И.(36) од Гостивар, Е.Х.(35) од с.Отља, липковско и Е.Е.Г.(20) од Турција, со престој во Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 26.12.2025 во 18:30 часот во с.Слатино, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба го приведоа Ј.И.(42) од с.Слатино, кој бил баран за издржување на казна затвор во траење од една година за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промает на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Тој е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 26.12.2025 во 09:40 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Н.Ч.(41) од Турција затоа што при гранична проверка и пасошка контрола е констатирано дека на увид приложил фалсификувани зелени карти за товарно возило „ман“ со приколка со турски национални ознаки со кои допатувал. Тој е предаден на полициски службеници во Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Г.К.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 06.08.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „мерцедес“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 26.12.2025 во 06:45 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Тетово - с.Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.Н.(20) од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од с.Брвеница. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид извршила увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 26.12.2025 во 15:10 часот во ОВР Струга е пријавено дека на магистралниот пат А - 2, патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, управувано од В.М.(31) од с.Франгово, струшко, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Медицински центар Струга. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Струга.       

 

На 26.12.2025 во 10:15 часoт во ОВР Виница, 58-годишен маж од Виница пријави дека бил измамен од едно лице за сума од 4.400 евра. Според пријавеното, тој во текот на октомври 2025 година на лицето Г.З., кој се претставил дека е од Чаир – Скопје, во три наврати му ја дал сумата, а за возврат тој требал да му увезе возило од Швајцарија. Како што е пријавено, откако не го добил возилото, сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.К.(24) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.04.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило „тојота“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 26.12.2025 во 20:00 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го приведоа А.К.(26) од Штип,  постапувајќи по претходна пријава дека околу 19:00 часот кај место викано „Штипски куќи“ физички го нападнал Е.Д.(50) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 27.12.2025 во 00:10 часот во СВР Скопје, Б.М.(23) од с.Страхојадица, општина Зелениково, пријави дека во с.Зелениково од неколку лица било сопрено неговото возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, во кое бил со тројца пријатели, по што  А.Д. се обидел да го нападне со остар предмет, а друго лице со тврд предмет му го оштетило возилото. Известен е јавен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.И.(32) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.05.2025 во с.Мралино, општина Илинден, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фиат“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 26.12.2025 во 20:40 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје, го приведоа Н.М.(23) од Скопје затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници додека вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 26.12.2025 во 07:29 часот во ОВР Свети Николе, С.П.(49) од Свети Николе пријави дека околу 06:45 часот во неговиот семеен дом експлодирал електричен бојлер. Од настанатата експлозија, тој се здобил со телесни повреди, констатирани од лекар од Итната медицинска помош. Извршен бил увид од увидна екипа и се работи на расчистување на случајот.

 

На 26.12.2025 во 10:17 часот во СВР Скопје, С.Д.(22) од Скопје пријавила дека на 22.12.2025 околу 17:40 часот  пред продажно место на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од друго женско лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.12.2025 во 11:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека од парк на подрачјето на Центар во Скопје е одземена спомен бистата на народниот херој Вера Јоциќ. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

На 27.12.2025 во 00:20 часот во СВР Скопје, К.С.(39) од Скопје пријави дека на 26.12.2025 околу 22:10 часот за време на концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“  во Скопје бил физички нападнат од Д.К., кој му се заканил со остар предмет и уште едно машко лице, кое употребило боксирач. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 27.12.2025 во 03:00 часот во СВР Скопје, В.П.(37) од Скопје пријави дека пред кабаре на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија со друг гостин, бил физички нападнат од сопственикот на објектот С.К.(47) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 25.12.2025 во 15:10 часот во СВР Скопје, 21-годишник од скопско пријави дека бил физички нападнат од неговиот татко Г.Б.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Мени за пристапност