Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 27.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против А.Р. (27) и Н.М. (21), двајцата од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено  производство и  пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.05.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот  на пријавените, при што биле пронајдени и одземени марихуана и хашиш.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.А. од тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда’’ и „загрозување на сигурноста“. Пријавениот во семејниот дом физички ги нападнал неговите сопруга и ќерки, нанесувајќи им повреди.

 

На 26.05.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.М.(23), С.Б.(30), Е.Л.(18), сите од Скопје и А.В.(20) од Кратово, затоа што кај нив се пронајдени и одземени кафеава и бела грутчеста материја, прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 26.05.2026 во 10:00 часот во СВР Тетово, Б.Ф.(36) од с.Мала Речица, тетовско, пријави дека околу 07:30 часот забележал дека има дупка на кровот на неговото патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, додека во близина на возилото пронашол заталкано зрно од огнено оружје. Извршен е увид на местото, а проектилот е подигнат за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.

 

Во СВР Куманово е пријавено дека во напуштена куќа во село Челопек, општина Старо Нагоричане, пронајдени се две рачни бомби  и две запалки од артилериски гранати 76 мм, кои потекнуваат од Првата светска војна. На 26.05.2026, бомбите безбедно се подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Увид на местото извршила екипа од СВР Куманово.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против И.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 став 1 од КЗ. И.Д., на работно место „помлад полицаец“ во ПС Битола на 25.03.2026 околу 17:00 часот, во период кога не бил работно ангажиран, отишол во просториите на ЈП за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во Општина Битола, се претставил дека е полициски службеник и поднел барање за поништување на налог за наплата за нерегуларно паркирање на патничко моторно возило „ауди“, сопственост на неговиот брат, при што во рубриката „образложение на причината за поништување на налогот“ своерачно напишал МВР. Со наведеното дејствие дал лажна изјава дека возилото е сопственост на МВР со што сакал да ги доведе во заблуда вработените на ЈППЈЛП за да биде ослободен од плаќање на казната. ОВККИПС против И.Д. ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против В.К. (43) од Прилеп  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,кражба“ на дрва. На 22.01.2026 полициски службеници затекнале патничко возило „фолксваген пасат“ со бесправна сеча на дрва, управувано од пријавениот.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против Д.С. (43) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување општа опасност“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.07.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени две рачни бомби.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Н.(36) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници од криминалистичката полиција пронајдоа и одзедоа кокаин.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.М.(64) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „напад врз службено лице при вршење работни на безбедноста“. На 14.05.2026, пријавениот физички нападнал полициски службеници кои преземале службени дејствија.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против С.Ш.(64) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа ловечки карабин „маузер“ калибар 8 милиметри, кој неовластено го поседувал.

 

На 27.05.2026 во 08:50 часот во СВР Скопје, М.Т.(29) од Скопје пријави дека на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 26.05.2026 во 10:52 часот во СВР Скопје, Б.А.(39) од Скопје пријави дека на подрачјето на општина Аеродром, додека управувал велосипед, едно лице физички го нападнало со тврд предмет и му го одзело ранецот со пари и лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

 

Мени за пристапност