Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 27.04.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Т.Н.(25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13.11.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавената, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Н.З.(20) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 13.04.2026 во Радовиш, по кратка расправија, пријавениот физички нападнал малолетник.  

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Б.(42) од с.Глумово, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“. Пријавениот, нелегално набавил разновиден алат од странско потекло, во вкупна вредност од 295.645 денари со намера да го продаде алатот, избегнувајќи да плати давачки по основ на царина, акцизи и данок во износ од 62.360 денари.

 

На 26/27.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.А.(26), М.Т.(35), И.Р.(31), М.Д.(37), М.Ј.(19) и М.П.(34)  сите од Скопје, Ј.Ѓ. (30) од с.Црешево, скопско и Н.А.(21), затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите против нив  ќе следуваат соодветни поднесоци.    

 

На 26.04.2026 во 21:06 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на регионалниот пат Прилеп - Крушево, во с.Врбјани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ланд ровер“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од А.Џ.(28) од Прилеп и патничко возило „опел вектра“ со крушевски регистарски ознаки, управувано од Н.З.(32) од Крушево. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „опел вектра“ Н.З., кој во болницата во Прилеп починал. Со телесни повреди се здобила неговата сопатничка С.Б.(29) од Прилеп и возачот на патничкото возило „ланд ровер“, констатирани во Општа болница Прилеп. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Прилеп.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице – угостителски објект од Охрид, сопственост на Е.Н.(43) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на дете“. На 04.04.2026 на тројца малолетници им било овозможено во објектот да консумираат алкохол, без притоа да им биде побаран документ за идентификација.

 

На 26.04.2026 околу 14:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на скопската обиколница, на клучка Приштина, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.А.(23) од Скопје и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ќ.(22) од с.Грчец, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле сопатникот од патничкото возило „бмв“, Ф.М. и сопатничката од патничкото возило „мерцедес“ Е.Б.(23), додека со телесни повреди 23-годишната Е.А. и другите сопатници Ф.Х.(21) од с.Кондово, скопско, З.И.(22) од Скопје и Џ.Ф.(22) и Б.А.(18), двете од с.Раовиќ, скопско, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје и Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Х.М.(19) од с.Селокуќи, дебарско и против И.К.(28) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Првопријавената, поттикната од второпријавениот, во периодот од 10.03.2026 до 12.03.2026 довела во заблуда повеќе луѓе така што лажно прикажувала факти преку социјална мрежа, односно преку профил со кој менаџирал второпријавениот, собирала парична помош за операција, односно лекување на наводно болно дете од Дебар.  На тој начин првопријавената се стекнала со противправна имотна корист во вкупен износ од 3.200 евра  и 6.000 денари.

 

На 26.04.2026 околу 15:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Мајка Тереза“, пред влез за Клинички центар „Мајка Тереза“- Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ланд ровер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.М.(43) од с.Волково, скопско и мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од К.Т.(35) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во приватна болница во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 26.04.2026 во 13:40 часот на Граничен премин Богородица, на излез од државата, полициски службеници го лишија од слобода Б.П.(43) од Република Србија затоа што при извршена гранична контрола било констатирано дека бил баран по телеграма од ОВР Неготино поради сомнение за сторено кривично дело по член 235 од Кривичниот законик. Тој бил предаден на полициски службеници од ОВР Неготино за понатамошна постапка.

 

На 26.04.2026 во 20:55 часот во СВР Скопје, Н.Д.(64) од Скопје пријави дека околу 19:55 часот во с.Зелениково, скопско, бил физички нападнат од А.Д.(20) од с.Зелениково. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Е.(31) од гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење “. Пријавениот, во текот на 2025 и 2026, ја следел неговата поранешна 34-годишна партнерка, а на социјалните мрежи, преку лажни профили и упатувал закани на неа и на нејзиното семејство.

 

 

На 26.04.2026 во 21:05 часот во СВР Охрид е пријавено дека околу 14:00 часот две лица со параглајдер се спуштиле на пешачката патека после каналот „Студенчишта“ во Охрид, по што паднале на плочникот. Притоа, дел од опремата на параглајдерот ја зафатила електричната канделабра поставена на централниот дел од патеката која се скршила и паднала на пешачката лента. Во СВР Охрид нема пријава за повредени лица, а во консултација со јавен обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 26.04.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје, Г.Х.(47) од Скопје пријави дека на 25.04.2026 во парк на подрачјето на Центар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 26.04.2026 во 13:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека во спортска обложувалница на подрачјето на Центар бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.С.(62) и Н.Ц.(63), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 25.04.2026 во 22:30 часот во СВР Скопје, Б.Т.(29) од Скопје пријави дека на 20.04.2026 околу 19:00 часот пред угостителски објект на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Е.Ќ., А.А. и Н.С., при што Н.С. му се заканил и со огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 26.04.2026 во 13:00 часот во СВР Скопје, В.Н.(54) од Скопје пријави дека неговиот 13-годишен син, додека бил со петмина свои другари, на 25.04.2026 околу 21:00 часот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од поголема група малолетници, при што бил употребен и тврд предмет, а еден од напаѓачите настанот го снимал со мобилен телефон. Исто така, другар на нападнатиот малолетник, пријавил дека напаѓачите се обиделе и него да го нападнат, при што еден од нив извадил и нож. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Мени за пристапност