Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 25.02.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Велес поднесе кривична пријава против З.Ј.(53) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории кај пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ш.(45) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Пријавениот, во текот на 2025 во викенд населба „Попова Шапка“, на државно земјиште изградил објект од тврда градба, без соодветно одобрение за градба издадено од надлежен орган.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.И.(23) од с.Боговиње, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 10.07.2025 во угостителски објект во с.Боговиње, тетовско, пријавениот агресивно се однесувал и упатувал закани кон полициски службеник кој вршел службени дејствија.

 

На 24.02.2026  во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Л.А.(20) од Скопје и М.Р.(23) од Тетово, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и нож. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 24.02.2026 во 10:30 часот во СВР Штип е пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.

 

На 24.02.2026 во 15:35 часот во Полициското одделение Теарце, вработен во приватна фирма пријави дека при вршење ископ со работна машина-багер на имот сопственост на А.Н. од с.Теарце, кој бил на привремена работа во Данска, пронашол експлозивна направа- граната, која била рѓосана. Известена е Дирекцијата за заштита и спасување, од чија страна ќе биде подигната екплозивната направа. 

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Л.(30) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Тој бил затекнат од полициски службеници при продажба на марихуана на лице од Охрид, по што биле лишени од слобода.

 

На 24.02.2026 во 13:30 часот во СВР Битола, 83-годишник од Битола пријави дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра. Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати. Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Б.Б. поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело „попречување на правдата“. Пријавениот Б.Б., на работно место помлад инспектор за малолетничка деликвенција и семејно насилство во Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани при СВР Штип, со намера да сокрие и уништи докази за да го отежне докажувањето на кривично дело во постапката поведена против осомничено лице, неосновано одложил извршување наредба на јавен обвинител за прибирање предмети што може да послужат како доказ во постапка пред суд или друг надлежен орган, со што го спречил, односно отежнал докажувањето на  продолжено кривично дело „измама“. Имено, при лишување од слобода на осомниченото лице и при неговото спроведување до полициска станица  не го одзел мобилниот телефон, со што му  овозможил да ракува со мобилен телефон, а потоа  да го изнесе од полициска станица, со што го направил овој доказ неупотреблив. Одделот за внатрешна контрола против пријавениот ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.

 

На 25.02.2026 во 01:35 часот во СВР Струмица е пријавено дека на магистралниот пат Струмица -  Граничен премин Ново Село,  во с.Турново, општина Босилово,  се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед без регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(45) од с.Бориево и товарно возило „ивеко“ со полуприколка со струмички регистарски ознаки, управувано од В.Г.(64) од Струмица, кој не застанал на местото, но по преземени мерки бил сопрен од полициски службеник. Во несреќата со  тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Медицински центар Струмица. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Струмица.   

 

На 24.02.2026 во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

 

На 24.02.2026 во 17:45 часот во СВР Скопје, Е.Б.(49) од Скопје пријави дека на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила и го одзел паричникот со пари и документи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.М.(26) од с.Јажинце, општина Јегуновце, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 12.12.2025 на регионален пат Тетово – Јажинце, пријавениот агресивно се однесувал и попречувал полициски службеници додека му изрекувале казна за сторен сообраќаен прекршок.  

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.И.(56) од с.Чифлик, општина Желино, со престој во Струмица, Ш.П.(30) и Д.С.(25), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории каде престојувал првопријавениот, при што биле затекнати второпријавениот и третопријавената, а биле пронајдени и одземени кокаин, дигитална вага и мобилни телефони. 

 

На 24.02.2026 во 13:45 часот во СВР Скопје, Д.Х.(27) од Скопје пријави дека на подрачјето на Чаир, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 25.02.2026 во 04:00 часот во СВР Скопје, Д.Т.(21) од Скопје пријави дека околу 00:50 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Д.Д. и К.Ј.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.02.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во населбата Ќерамидница настанал пожар во куќа, сопственост на 71-годишната Т.П. од Скопје, која имала здравствени проблеми. Од Екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје  пожарот бил изгаснат, а на местото е пронајдена почината сопственичката. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 24.02.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, И.С.(52) од с.Сарај, скопско, пријави дека околу 11:45 часот на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање во сообраќајот, додека се движел со патничко возило бил пресретнат од друго патничко возило, по што возачот на тоа возило застанал и му упатил закани со пиштол. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.02.2026 во 22:30 часот во Полициската станица Кисела Вода од слобода е лишен А.С.(41) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на подрачјето на Бит Пазар се обидел со тврд предмет да го нападне И.М., при што кај себе имал и огнено оружје. Според пријавеното, подоцна И.М. со разни тврди предмети ги оштетил прозорците од куќата на А.С.. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок. 

 

Мени за пристапност