На 23.11.2026 во 17:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Христо Татарчев“ во Скопје, 65-годишниот В.Д. од с. Сопиште, скопско управувајќи патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки удрил во 57-годишната А.М. од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.М., констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Н.Н.(62) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка телесна повреда“. На 29.10.2026 во адвокатска канцеларија, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал С.О.(50) од с. Градец додека извршувал работни задачи.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против В.А.(42) од с. Долно Палчиште, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка телесна повреда“. На 15.08.2026, по претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавениот со употреба на тврд предмет го нападнал Г.Ј.(45) од с. Топлица, гостиварско, и му нанел тешки телесни повреди.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Ј.Б.(38) од с. Бороец, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 02.11.2026 во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот син.
На 23/24.11.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.А.(29), О.Д.(18), Е.Д.(37), В.М.(38), М.Г.(26) сите од Скопје, П.З.(19) од Неготино, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, прашкаста портокалова материја и течност. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.Р.(23) од тетовско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 22.09.2026 по претходна расправија во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот татко.
На 23.11.2026 во 16:50 часот во СВР Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.Г.(40) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава од неговата 39-годишна жена, дека подолг период и физички ја малтретирал и ѝ упатил закани со огнено оружје. А.Г. е задржан во полициската станица и со потврда биле одземени ловечка пушка, пиштол со рамка и куршуми и дозвола за поседување оружје. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 23.11.2026 во 18:30 часот полициски службеници од Полициското одделение Галате го лишиле од слобода Ф.Н.(31) од с. Градец, гостиварско, кој бил баран со судска наредба за издржување казна затвор во траење за сторено кривично дело “противправно лишување од слобода” по член 140 став 2 од Кривичниот законик. Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Ф.Р.(40) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 18.06.2026 во семејниот дом, пријавениот извршил психичко и физичко насилство врз неговата сопруга.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.И.(27) од с. Ложани, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 15.10.2026, по претходна расправија, пријавениот со неговото возило удрил во возилото на М.С..
На 23.11.2026 во 19:30 часот на ул. „Иљо Антесвки Смок“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар ги лишиле од слобода А.С.(21) и Ј.З.(22) двајцата од Гостивар, затоа што при преглед во патничко возило „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана и дробилка. По документирање на случајот против нив ќе следува соодветен поднесок.
На 23.11.2026 во 21:00 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода И.И.(50) од Штип, постапувајќи по пријава од неговата 36-годишна сопруга дека во семејниот дом и се заканувал и физички ја нападнал. По целосно документирање случајот, ќе следува соодветна пријава.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против против В.И.(44) од с. Камењане, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“. На 25.05.2026, пријавениот телефонски лажно пријавил во СВР Тетово дека во близина на угостителскиот објект било извршено кривично дело.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Ресен поднесе извештај против двајца малолетници од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност“. На 02.11.2026, пријавените предизвикале пожар во напуштен објект на Водостопанство, при што едното снимало со мобилен телефон.
На 23.11.2026 во СВР Скопје е пријавено дека на 19.11.2026 дека А.Т., родител на ученик во основно училиште на подрачјето на општина Аеродром телефонски се јавил кај родители на друг ученик и упатувал закани кон нив и други родители, наставници и деца. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 23.11.2026 во23:10 часот во с. Ропотово, општина Долнени, полициски службеници од полициско одделение Ропотово го лишија од слобода С.П.(25) од с. Ропотово, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом, по претходна расправија, физички го нападнал неговиот 50-годишен татко. По документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ѓ.Ч.(67) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против правен субјект-Друштво за градежништво и трговија од Кавадарци, негова сопственост. Пријавениот, во својство на надзорен орган составил и потпишал технички извештај и ставил во употреба хотелски комплекс изграден во Охрид, лоциран на катастарска парцела „Елшани“. Тоа го сторил иако знаел дека хотелот е изграден спротивно на издадено одобрение и има изведени нелегални градби на хотелски комплекс.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против О.Г.(52) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уништување или оштетување јавни инсталации“. На 12.11.2026 пријавениот, кај месноста „Говедарски пат“ кај Дебар, со употреба на работен алат свесно и со умисла, ги пресекол каблите поставени на дрвени столбови за улично осветлување и ги собрал. На тој начин, пријавениот ја направил неупотреблива електричната инсталација за јавна употреба на енергија и улично осветлување, во должина од околу 120-150 метри .
На 24.11.2026 во 01:40 часот во струмичко село, полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 46-годишен жител на тоа село. Според пријавеното, на 23.11.2026 околу 23:00 часот во семејниот дом, физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против П.С.(40) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ и „изнуда“. Пријавениот, во периодот од почетокот на април 2026 до крајот на јули 2026, на лице од Струмица, му давал пари на заем со обврска за враќање на износ, значително повисок од примената сума, а потоа заради наплата на побаруваните пари, му упатувал закани по неговиот живот и животот на неговото семејство, употребувајќи физичко насилство врз него.
На 24.11.2026 во 03:50 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Т.(56) од Скопје, по претходна пријава дека во домот со остар предмет упатувал закани кон неговите двајца синови, а оштетил и дел од покуќнината. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 23.11.2026 во 10:25 часот во СВР Скопје Е.Ј.(43) од Скопје пријави дека на 19.11.2026 околу 15:30 часот во државна институција на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзиниот колега В.З.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.11.2026 во 18:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Радишани Н.С.(66) бил физички нападнат од В.А.(53) двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 23.11.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје А.Е.(34) од Скопје пријави дека на подрачјето на Драчево неговиот сосед Б.Д. му упатувал закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 23.11.2026 во 13:50 часот во СВР Скопје М.М.(41) од Скопје пријави дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба, Љ.Б. и упатувал закани, каде двајцата биле вработени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице, А.Т.(28) и М.Т.(41), сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Во периодот од 2025 година и 2026 година, второпријавената, управител и одговорно лице во правното лице, и третопријавениот, со заедничко дејствување, во текот на работењето на автоплацот за продажба на моторни возила, користејќи ги личните податоци на лице ангажирано за миење и чистење на моторните возила, а кој не бил пријавен како вработен, составувал и користел фиктивни договори за посредување при продажба на моторни возила, во кои А. Б. бил прикажан како лице кое му ги остава моторните возила на правното лице заради нивна понатамошна продажба, односно како договорна страна која на правното лице му доверува возила за продажба. Второпријавената, во својство на управител на правното лице, учествувала во наведените активности преку овозможување и прифаќање на ваквото документирање на наводните договорни односи, со што се создавала привидна слика за начинот на стекнување и продажба на моторните возила, како и за постоење на деловни односи со А. Б., кои фактички не биле воспоставени.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.И.(66) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. На 05.11.2026 на ул. „Борис Кидрич“, пред зелениот пазар, пријавената во три наврати се обидела да пушти во оптек фалсификувана банкнота од 50 евра.