На 24.11.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.И.(29), Ф.Р.(21), И.К.(42), Д.П.(18), сите од Скопје и К.И.(26) од Турција затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 25.11.2026 во 02:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Козле“ во Скопје, патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.Б. од Скопје, удрило во бетонска ограда. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот и неговата 24-годишна сопатничка М.Ц. од Скопје, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 24.11.2026 во 23:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода М.П.(39) од Куманово. Таа била барана со судска наредба за издржување казна затвор за сторено кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик. Таа била спроведена во Казнено-поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.
На 24.11.2026 во 20:50 часот на ул.„Вангел Тодоровски“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Х.М.(36) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија, а при извршен преглед над него биле пронајдени и одземени марихуана и нож. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Д.С.(66) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 07.05.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени две пушки (една старинска и една репетирачка марка „Маузер“) и боева муниција за кои не поседувал дозвола.
На 24.11.2026 околу 12:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Кочо Рацин“ со ул.„706“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хонда“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.Т.(74) од Скопје и велосипед управуван од И.Е.(70) од Скопје. Во несреќата со тешки телeсни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Јавна здравствена установа „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.П.(19) од с.Пирок, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 25.07.2026 на патот Тетово-Гостивар, пријавениот со патничко возило „јагуар“, кое го управувал, удрил во патничко возило „фолксваген голф“, кое го управувал Ф.Р.. Од ударот возилото „голф“ излетало од патот и се превртело, а пријавениот продолжил со движење со своето возило.
На 24.11.2026 околу 18:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„Александар Македонски“, ул.„16 Македонска бригада“ и ул.„Интернационални бригади“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.С.(29) с.Средно Коњаре, општина Петровец и мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од Ф.И.(27) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Јавна здравствена установа „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
СВР Струмица поднесе известување од Законот за правда за децата против три деца од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство врз дете“. На 16.10.2026 во училница во основно училиште во с.Ново Село, пријавените физички нападнале друго дете и му нанеле повреди.
На 24.11.2026 во 21:20 часот, полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце го лишија од слобода И.А. од тетовско село. Тој се сомничи дека во семејниот дом, по претходна расправија, физички ја нападнал неговата сопруга. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 25.11.2026 во 00:05 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Н.Т.(23) од Велес затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Ј.Б.(38) од струшко село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 02.11.2026 во семејниот дом, пријавениот физички го нападнал неговиот татко и му упатувал закани.
На 24.11.2026 во 23:10 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода З.С.(61) од Прилеп затоа што во семејниот дом физички ја нападнал неговата 81-годишна мајка. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 24.11.2026 во 12:40 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишиле од слобода И.А.(54) од Радовиш. Според пријавеното, околу 10:30 часот во Радовиш тој со остар предмет го нападнал И.А.(19) од село Градашорци, струмичко. Лицето било задржано во Полициска станица Радовиш, а за настанот е известен јавен обвинител. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 24.11.2026 во 13:40 часот, полициски службеници од Полициско одделение Чашка го лишија од слобода Д.М.(34) од село во општина Чашка, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 26-годишна вонбрачна сопруга. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против З.Р.(47), О.Р.(22) и А.Р.(25), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 23.08.2026 во охридското село Пештани, пријавените физички го нападнале Р.Б., кој во раце го држел неговото малолетно дете, кое во нападот се здобило со телесни повреди. По брза интервенција на полициските службеници, напаѓачите биле пронајдени и лишени од слобода.
На 23.11.2026 во 23:10 часот во село во општина Долнени, полициски службеници од Полициско одделение Ропотово го лишија од слобода С.П.(25) од селото затоа што во семејниот дом физички го нападнал неговиот 50-годишен татко. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 24.12.2026 во 10:30 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода А.Д.(25) од Велес. Тој се сомничи дека од објект на правно лице во Велес одзел електричен апарат. Одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот и по документирање на настанот против А.Д. ќе биде поднесена соодветна пријава.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Е.Ш.(49) од дебарското село Хаме поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување на лиценца“. При контрола во патниот сообраќај на улица „Елена Ѓика“ во Дебар, полициски службеници сопреле патничко возило „шкода“ со дебарски регистарски ознаки, кое го управувал пријавениот, при што било констатирано дека вршел такси превоз на патници без лиценца издадена од надлежен орган.
На 23.11.2026 во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Ф.С.(21) од Струмица. Според пријавеното, тој истиот ден во Струмица извршил обљуба врз 12-годишна малолетничка. За настанот се известени јавен обвинител и Центар за социјални работи Струмица, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 24.11.2026 во 16:20 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Б.(47) и Љ.Б.(42), постапувајќи по претходна пријава дека подолг временски период физички и психички ги малтретирале нивните три малолетни деца. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 25.11.2026 во 02:00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Д.К.(32) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 24.11.2026 во домот физички ја нападнал неговата 64-годишна мајка, а оштетил и дел од покуќнината. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово и Ф.Е.(39) од Тетово, сопственик и управител на правниот субјект, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама’’. Во периодот од 11.06.2026 до 02.07.2026, пријавениот ангажирал четири лица од Јажинце за работа во неговата фирма. По завршување на месецот, ниту им ги исплатил заработените парични средства, ниту пак ги пријавил во Агенцијата за вработување.
На 24.11.2026 во 00:50 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.О.(42) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 23.11.2026 физички ја нападнал неговата 33-годишна партнерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 24.11.2026 во 14:40 часот во Скопје, на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода Е.Д.(47) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнала нејзината 19-годишна ќерка и со остар предмет и ѝ упатувала закани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Велес поднесе кривична пријава против Д.М.(46) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”. На 03.04.2026, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес извршиле претрес во домот во кој живее пријавениот, при што пронашле и одзеле пиштол „Застава” и рамка со седум куршуми.
На 24.11.2026 околу 19:30 часот во СВР Скопје, Б.Ш.(39) од Скопје пријави дека во с.Ќојлија, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 24.11.2026 во 19:05 часот во СВР Скопје, Ф.С.(43) од с.Сарај, скопско, пријави дека пред обложувалница бил физички нападнат од И.И.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 23.11.2026 во СВР Скопје е пријавено дека Б.Ж. упатувал закани кон малолетничка и нејзината баба поради претходна расправија помеѓу малолетничката и неговата малолетна ќерка околу наводно скршен мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.