Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 24.09.2026

Извадок на дел од дневните настани 24.09.2026

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Ж.(38) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 04.12.2025, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Р.(41) од с.Добри Дол, општина Врапчиште, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „загрозување со опасно орудие“. На 07.06.2026 во близина на наплатна станица Желино, пријавениот упатувал закани на Н.Џ., а потоа го нападнал со дрвен предмет.              

   

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Д.(44) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. На 14.08.2026, пријавениот упатувал закани и физички ја нападнал неговата сопруга.  

 

На 24.09.2026 во 00:20 часот на ул.„Мордо Нахмијас Лазо" во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишија од слобода А.К.(47) и К.Б.(36), двајцата од Битола, затоа што при преглед кај нив, кај А.К. била пронајдена прашкаста материја. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 23.09.2026 околу  11:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Христо Татарчев“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Љ.Ј.(65) од Скопје и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од A.Б.(20) од с.Сопиште, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 23.09.2026 во 11:45 часот во Полициското одделение Зајас, 69-годишник од кичевско село пријави дека, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот брат С.С.(66). Се работи на расчистување на случајот.

 

На 22.09.2026 околу 10:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Борис Трајковски“ во Скопје, патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од П.Г.(41) од Скопје, удрило во инвалидска количка, во која бил Т.П.(70) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Т.П., констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 23.09.2026 во 06:40 часот во СВР Скопје, од Јавната здравствена установа „Свети Наум Охридски“ - Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесена Е.Д.С.(31) од населба Илинден. Според пријавеното, на бул.„Koчо Рацин“ во Скопје таа била удрена од електричен тротинет, по што женското лице кое го управувало тротинетот го напуштило местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето и за расчистување на случајот.  

 

На 23.09.2026 во СВР Охрид, од Итна медицинска помош е пријавено дека во болницата „Св.Еразмо“ со тешки телесни повреди го пренеле Б.М.(52) од Охрид. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи во објект во изградба за правно лице од Струга. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Охрид и трудов инспектор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.09.2026 во 18:20 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Д.К.(35) од Кочани. Претходно, Д.К. бил затекнат додека пребарувал во една соба во куќата на С.А.(29), каде што одзел пари и други предмети, а при обид да избега бил спречен од сопственикот С.А.(29), при што физички го нападнал. За настанот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот  ќе следува соодветна пријава.

 

На 24.09.2026 во 02:05 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода И.Б.(23) од Кавадарци, постапувајќи по пријава дека отишол во домот на неговиот 19-годишен брат, физички го нападнал и му се заканувал. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 22.09.2026 на Граничниот премин „Свети Наум“, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода С.Ч.(44) од Охрид, со живеалиште во Битола. Лицето било барано по централна потерница распишана по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. С.Ч. е лице под истрага и е опфатено со кривична постапка за дела „злосторничко здружување” по член 394, „даночно затајување” член 279 и „перење пари и други приноси од казниво дело” по член 273 од Кривичниот законик.

 

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода шест возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, четири лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: С.И.(30) од Скопје, Е.Б.(18) од Тетово, А.А.(18) од Струга и М.П.(19) од прилепско. Додека пак, под дејство на алкохол возеле две лица и тоа: Д.А.(62) од светиниколско и Н.Н.(50) од Ресен. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

На 23.09.2026 во 16:10 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Р.А.(20) од с.Рогле, тетовско, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 23.09.2026 во 15:00 часот во СВР Тетово е пријавено дека во Ургентниот центар Тетово со тешка телесна повреда бил донесен М.К.(24) од с.Копачин Дол. Според изјавата на негов родител, М.К. управувал мотоцикл во дворот од куќата, каде изгубил контрола и паднал. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

 

На 23.09.2026 во 19:00 часoт во СВР Куманово, 41-годишна жена од Куманово пријави дека била физички нападната од нејзиниот сопруг. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.09.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје, Н.Ј.Н.(32) од Германија пријави дека околу 16:00 часот на клупите покрај река Вардар во Скопје, едно лице му одзело ранец со лаптоп, мобилен телефон и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.09.2026 во 11:40 часот во СВР Скопје, 46-годишен маж од скопско пријави дека бил измамен од Б.Р. од с.Горна Матка за сума од 338.250 денари. Според пријавеното, во декември 2025 направиле усмен договор Б.Р. да му изгради куќа за одреден паричен надомест. Како што е пријавено, откако му дал дел од парите, не можел да стапи во контакт со него, по што сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.09.2026 околу 18:00 часот во СВР Скопје, 68-годишен маж од скопско пријави дека во неговиот дом во скопско бил физички нападнат од неговиот 46-годишен внук. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 23.09.2026 околу 11:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека  во с.Визбегово, скопско, настанал пожар на сува трева, кој се проширил и зафатил два објекти во изградба. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лице нема.  Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 23.09.2026 во 23:15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода  Ј.Ј.(44) од Скопје. Според пријавеното, по претходна расправија, поради нерасчистени имотно-правни односи, во домот на неговиот сосед А.Ш.(38) од Скопје, со остар предмет го нападнал и им нанел повреди на А.Ш., неговата сопруга Ѓ.У. и на сосетката Д.Д., која се обидела да ги раздели. Во врска со настанот, приведен е и А.Ш. и со него бил извршен службен разговор. По целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. 

 

На 24.09.2026 во 02:15 часот во СВР Скопје, Д.Ј.(53) од Скопје пријави дека околу 01:00 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападнат од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 24.09.2026 во 00:30 часот во населба Илинден, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа И.Б.(40) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.    

 

Мени за пристапност