Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 24.06.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.М.(48) од с.Ново Село, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 20.02.2026 на регионалниот пат Тетово-Волковија, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „цитроен“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека возачката дозвола која ја дал на увид е фалсификувана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Л.(51) од Тетово поради постоење основи на сомнение за кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2025 година, во својство на инвеститор, на парцели сопственост на РСМ на подрачје на општина Тетово, пријавениот изведувал градежни работи без соодветно одобрение издадено од надлежен орган од општина Тетово.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.Ј.(33) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во февруари 2026 година, пријавениот довел во заблуда 29-годишен маж од гостиварско дека за износ од 2.330 евра ќе му помогне при царинење на мотор кој го донел од Швајцарија.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против З.Ѓ.(71) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 25.05.2026 во семејниот дом, пријавениот упатил закани кон неговата 69-годишна сопруга, а на 26.05.2026 физички ја нападнал.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ј.Ѓ.(28) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за кривично дело „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 20.05.2026 на место викано „Калин Камен“ во с.Кркља, кривопаланечко, пријавената упатила закани кон вработени во Агенција за храна и ветеринарство, а потоа со тврд предмет се обидела да ги спречи при извршување службени дејствија.

 

На 23.06.2026 околу 13:00 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Ј.М.Ш.(19) од Австрија. При преглед во патничко возило „тојота” со австриска национална ознака, во кое тој бил сопатник, во негов ранец биле пронајдени и одземени пакувања со марихуана, течна материја  и две лулиња. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 23.06.2026 во 18:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Рилски Конгрес“ во Скопје, по претходно недоразбирање во сообраќајот, едно лице кое управувало патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки удрило во мотоцикл управуван од Г.Н.(29) од скопско, кој паднал од ударот, а откако се подигнал, според пријавеното, возачот на возилото „пежо“ го придвижил возилото и неколку пати удрил во мотоциклот, како и во патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.О.(44). Потоа, според пријавеното,  Г.Н. се фатил за предната врата на возилото „пежо“, но тоа продолжило да се движи и да го влече неколку метри, по што Г.Н. паднал, а лицето со возилото го напуштило местото на настанот. Г.Н. бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Х.Х.(47) и М.Ч.(46), двајцата од Република Турција, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „фалсификување на исправа“. При пасошка контрола и гранични проверки на Граничен премин Деве Баир, пријавените на увид приложиле фалсификувани зелени карти за товарните возила со полуприколки, кои ги управувале.

 

На 23.06.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.С.(28), А.Ф.(36) од Скопје и С.Н.(30) од с.Батинци, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, кафеава грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 23.06.2026 во 14:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го приведоа Б.С.(32) од Куманово, кој бил баран по потерница врз основа на наредба од Основен суд Куманово за издржување на казна затвор од осум месеци за сторено кривично дело по член 130 од Кривичниот законик. Б.С. бил спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Куманово за издржување на казната.

 

На 23.06.2026 во 17:10 часот во СВР Тетово, вработени во компанијата „Бехтел и Енка“ пријавиле дека при изведување градежни ископи во атарот на с.Симница, гостиварско, пронашле експлозивна направа. Извршен е увид од полициски службеници од ОВР Гостивар, а во текот на денот експлозивната направа ќе биде подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.  

 

На 23.06.2026 во 15:51 часот во СВР Струмица, од Медицински центар Струмица е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен А.Ч.(51) од с.Пирава, валандовско. Според пријавеното, тој со повредите се здобил во близина на брана Водоча, струмичко, додека вршел сеча на дрва, при што врз него паднало дрво. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 

 

 

Мени за пристапност