Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 23.06.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Охрид поднесе кривична пријава против О.К.(25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 17.06.2026 на магистралниот пат Кичево- Охрид, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „форд“, сопственост на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана и дробилка. 

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Т.(44) од с.Велгошти, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот изградил куќа на негов имот без претходно да обезбеди одобрение за градба, издадено од надлежен орган.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Г.П.(52) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 14.05.2026 во Штип, пријавениот физички го нападнал Д.Т. и му нанел повреда. 

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.К.(41) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2024 година, на дел од катастарската парцела со површина од 7045 метри квадратни, во државна сопственост, пријавениот узурпирал туѓо земјиште на тој начин што поставил помошен објект без решение за поставување на помошен објект, што е спротивно на Законот за градење.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против J.С.(67) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 17.05.2026, пријавениот физички нападнал малолетник и му нанел повреди.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Т.(38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 03.08.2025,  полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.

 

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Б.Т., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“. Пријавениот Б.Т., полициски службеник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп, на 16.05.2025, при извршување службени задачи и преземање полициски овластувања во врска со пријавено кривично дело се стекнал со податоци кои претставуваат службена тајна во предистражна постапка. Додека, на 19.05.2025, при приватна комуникација преку мобилна апликација, добиените податоци ги споделил на бранител на осомничен во постапката, а се однесувале на дадени искази на лица лишени од слобода на кои им била определена мерка притвор, како и податоци во врска со издадени наредби за приведување на лице.

 

На 23.06.2026 во 02:10 часот на улица „Железничка“ во Гостивар, полициски службеници од Полициската станица Гостивар го лишија од слобода С.С.(25) од Гостивар, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 22.06.2026 во СВР Велес е пријавено дека околу 11:00 часот на ул. „Раштански пат" во Велес, товарно возило „волво" со скопски регистарски ознаки, со приколка со велешки регистарски ознаки, управувано од С.Д.(55) од Велес, удрило во пешакот О.Ѓ.(54) од Велес. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал пешакот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Велес. Возачот С.Д. е лишен од слобода, а увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

 

На 22.06.2026 во ОВР Прилеп е пријавено дека на крстосница од ул.„Прилепски бранители“ со ул.„Пере Тошев“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од О.Б.(49) од Прилеп и електричен тротинет, управуван од 16-годишна малолетничка. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Градска болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Прилеп.

 

На 22.06.2026 околу 13:50 часот во ОВР Кочани, од Итна медицинска помош Кочани е пријавено дека кај нив со телесни повреди е донесена Ј.С.(34) од с.Трипатанци, пробиштипско. Според пријавеното, таа со повредите се здобила додека извршувала работни задачи во приватна фирма во индустрискиот дел во Кочани. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Кочани и Државниот инспекторат за труд.

 

На 22.06.2026 во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода В.С.(35) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 23.06.2026 во 02:55 часот во ОВР Крива Паланка, од Здравствен дом Крива Паланка било пријавено дека кај нив за укажување лекарска помош бил донесен М.Д.(48) од село Киселица, кривопаланечко. Според пријавеното, тој се здобил со повреди при извршување работни задачи во рудник во Крива Паланка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 22.06.2026 во 21:20 часот во СВР Скопје, И.Т.(39) од Скопје пријави дека околу 19:30 часот на подрачјето на Гази Баба, неговиот малолетен син со тврд предмет бил нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 22.06.2026 во 18:35 часот во СВР Скопје, И.Т.(55) од Скопје пријави дека околу 17:00 часот во с.Трубарево, скопско, со тврд предмет бил нападнат од неговиот сосед Љ.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 22.06.2026 во СВР Скопје М.Р.(29) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари со тврд предмет бил нападнат од А.Х.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

 

На 22.06.2026 околу 14:30 часот во ОВР Гевгелија е пријавено дека настанал пожар во продажен објект на ул.„Индустриска“ во Гевгелија. Пожарот е изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Гевгелија, а при гаснењето еден пожарникар вдишал чад и бил пренесен во Медицински центар Гевгелија, каде му била укажана помош.  Увид бил извршен.

 

На 23.06.2026 околу 02:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Батинци, скопско, во двор од куќа настанал пожар на паркирано возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.Џ.(22). Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Извршен е увид.

 

На 22.06.2026 околу 23:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, малолетник бил физички нападнат од три лица, од кои едното му нанело повреда со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.М.(66) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Во текот на 2025 година, пријавениот на катастарска парцела во државна сопственост и на дел од катастарска парцела во место викано „Бадеми“ во Дебар со големина од 5.999 метри квадратни, го заградил местото и изградил објект без одобрение за градба од надлежен орган, со што го оштетил државниот буџет.

 

 

 

 

 

Мени за пристапност