СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.П.(68) и Ш.А.(31), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 14.10.2025, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Струмица извршиле преглед на едно лице, при што пронашле и одзеле кокаин, кој претходно го набавил од првопријавениот, а продажбата претходно била договорена со второпријавениот.
ОВР Гостивар поднесе кривична пријава против Е.И.(36) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 09.03.2026, пријавениот упатувал закани кон неговата поранешна 35-годишна сопруга.
ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Р.П.(38) од Василево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие” и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”. На 12.12.2025, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции дале знак за запирање на возило „ауди а6“, кое го управувал пријавениот, но тој не застанал со возилото. По преземени мерки, на магистралниот пат Крива Паланка-Куманово, кај с.Страцин, кратовско, полициските службеници го запреле пријавениот, при што тој физички нападнал полициски службеник, нанесувајќи му тешка телесна повреда.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Б.И.(31) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“. Пријавената, како вработена во филијала на една банка во Тетово, на 03.11.2025 во службени простории на банката од 59-годишник од Тетово примила 39.000 евра кои сакал да ги стави како депозит на неговата сметка во банката, но пријавената наместо да ги уплати во рок од три дена како што кажала на сметката на оштетениот, таа противправно ги присвоила. На 18.11.2025, оштетениот повторно отишол во банката и по средба со овластено лице на филијалата истиот ден му биле вратени дел од парите. Додека, за остатокот од парите, овластено лице го упатило кај управител на правно лице, кој исто му вратил дел од парите, но не му биле вратени во целост паричните средства во износ од 39.000 евра.
На 22.03.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.А.(27), Б.А.(43), двајцата од Скопје, како и Б.С. и 15-годишник, двајцата од с.Студеничани, скопско и Н.С.(31) од Куманово, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја, марихуана и таблета. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 22.03.2026 околу 17:00 часот во СВР Куманово е пријавено дека на локален пат село Клечовце- село Шупљи Камен, на место викано „Кантон“, патничко моторно возило „даеву тико“ со кумановски регистарски, управувано од М.Д.(64) од Куманово, излетало од патот. Притоа, лекар од Итна медицинска помош кај возачот М.Д. констатирал смрт, додека кај сопатничката Л.Д.(57) биле констатирани телесни повреди во Општа болница Куманово. Според изјавата на сопатничката , на М.Д. му се слошило и изгубил свест пред да се случи несреќата. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. Увид извршила увидна екипа од СВР Куманово.
На 22.03.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во 13:30 часот на ул.„Методија Андонов - Ченто“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Р.(56) од Скопје и патничко возило „бмв“ со кумановски регистарски ознаки, по што возачот со возилото „бмв“ го напуштил местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот З.Р. , констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Б.Т.(30) и М.П.Б.(30), двајцата од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На ул„ЈНА“ во Струга, полициски службеници извршиле преглед на возило „опел“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал Б.Т., а сопатник, бил М.П.Б., при што забележале дека М.П.Д. фрлил едно пакување со марихуана, кое е пронајдено и одземено.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Ф.М.(35) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично „насилство врз дете“. На 06.03.2026 во паркот на поезијата во Струга, пријавената физички нападнала 15-годишно девојче од Струга.
На 23.03.2026 во 02:30 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиja од слобода С.М.(36) од Кавадарци. Претходно било пријавено дека во домот се однесувал агресивно и се обидел да се повреди со остар предмет, а по пристигнување на полициските службеници тој им се заканувал и си нанел повреди. Притоа, полициските службеници испукале два предупредувачки куршуми во воздух. Известен бил јавен обвинител, а С.М. бил пренесен во Општа болница Кавадарци. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 22.03.2026 во 16:15 часот во СВР Куманово Т.Р.(50) од Куманово, тренер на фудбалски клуб од Куманово, пријави дека на стадион во Куманово, додека траел фудбалски натпревар бил физички нападнат од С.Т.(37) и неговиот малолетен син, кој е играч во фудбалскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.03.2026 во 20:45 часот на улица „Тиквешко востание“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиja од слобода Р.В.(27) од село Ваташа, кавадаречко, затоа што со тврди предмети оштетил службена табла на Фондот за здравствено осигурување и прозорци од службените просториите на фондот. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 22.03.2026 околу 11:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека Ј.Б.(50) од Скопје се здобила со тешки телесни повреди додека извршувала работни задачи во продавница во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Се работи на расчистување на случајот.
На 22.03.2026 во 17:55 часот во СВР Скопје е пријавено дека во продажен објект на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, Ж.Т.(50) физички го нападнал С.В.(51), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 22.03.2026 во 20:30 часoт во СВР Скопје, М.П.(43) од Скопје, со престој во Центар за бездомни лица во с.Чичино Село, скопско, пријави дека околу 18:00 часот во неговата соба бил физички нападнат од малолетник, кој, исто така, престојувал таму. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.03.2026 во 20:35 часот во СВР Скопје, С.Т.(32), со престој во с.Претор, ресенско, пријави дека околу 20:30 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија во спортска обложувалница, бил физички нападнат од неколку лица, од кои едно лице познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 21.03.2026 во СВР Скопје е пријавено дека околу 02:20 часот во с.Сарај, скопско, било опожарено патничко возило „ауди а6“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.А.(64) од с.Сарај, а кое било паркирано во неговиот двор. Пожарот го изгаснал сопственикот со неговиот син Б.А., а повредени лица нема. Известен е јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.