Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 23.02.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.К.(51) од Грција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.02.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници пронашле и одзеле марихуана во патничкото возило „мерцедес“ со германски национални ознаки, со кое допатувал А.К..  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ф.З.(82) од с.Зајас, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 18.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во с.Зајас, при што биле пронајдени и одземени пиштол со калибар 9 мм и 38 куршуми со калибар 9 мм.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против Н.К.(57) од Валандово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 24.01.2026 во с.Казандол, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран сопреле патничко возило „југо“, кое го управувал пријавениот, а по извршена проверка било констатирано дека регистарската табличка потекнува од друго возило.    

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Р.С.(36) од САД поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 18.02.2026 кај наплатна станица Демир Капија, пријавениот физички нападнал двајца полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста’’. На 30.12.2025, пријавениот упатувал закани преку телефон на едно лице и на неговата мајка, а кое претходно било вработено во неговата фирма.

 

ОВР Македонски Брод поднесе кривична пријава против правно лице со седиште во с.Ижиште и Б.Б.(44) од Македонски Брод, одговорно лице во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. Пријавените, како концесионери на Шумско- стопанска единица „Стрмол-Латово-Коњарник“, врз основа на договор за сеча и дотур и склучени анекси на договорот, требало да извршат сеча со дотур на 1500 кубни метри огревно дрво и 300 кубни метри техничко дрво. Освен тоа, противправно се исечени и однесени 291,19 кубни метри без приложени приемници за сеча и дотур, со што е остварена противправна имотна корист во висина од 653.228 денари по редовен ценовник или 2.037.700 денари по оштетовен ценовник.

 

На 22.02.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода З.Д.(39), М.И.(19), М.З.(27) и О.Ј.(34), сите од Скопје, Б.Д.(47) од с.Инџиково, скопско, С.Т.(31) од с.Шишево, скопско, Љ.Б.(32) од Штип и Е.А.(20) од Турција, со привремен престој во Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.  

 

На 23.02.2026 во 00:50 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода А.У.(41) од Република Турција. При гранична контрола и проверки било констатирано дека на увид приложил фалсификувани меѓународни зелени карти  за товарно возило „даф“ со полуприколка со турски национални ознаки, кое го управувал. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

На 22.02.2026 во 15:50 часот во СВР Скопје, Г.К. пријави дека на 21.02.2026 околу 21:15 часот на подрачјето на Карпош, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 22.02.2026 во 16:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија, О.А.(59) физички го нападнал Џ.К.(65), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ј.З.(28) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘. На 10.07.2025 полициски службеници извршиле преглед кај пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

На 22.02.2026 во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријави дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра. Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати. Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 

Мени за пристапност