Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 22.12.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против И.Џ.(27) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги и прекурсори“. Полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „бмв“, управувано од пријавениот, при што е пронајдена и одземена марихуана, која ја продавал на лица од Прилеп.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(36) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојничка кражба“. На 15.12.2025, пријавениот преку незаклучена врата влегол во куќа сопственост на 34-годишно лице од Битола, физички го нападнал и одзел пари. 

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против З.З.(45), Ф.К.(30) и М.К.(39), сите од Прилеп,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 12.08.2025, полициски службеници ги затекнале пријавените како од возило „фолксваген шаран“, сопственост на првопријавениот, растоварале огревни дрва за кои не поседувале никаква документација и кои потекнувале од државна шума. 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово, Б.И.(45) управител на правното лице и А.И.(48), двајцата од с.Мала Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „уништување или оштетување на јавни инсталации“. На 10.10.2025 на ул.„29 Ноември“ во Тетово, додека третопријавениот изведувал градежни работи за правното лице со работна машина-багер, ги потфатил подземните високо напонски електрични кабли и оштетил два кабли кои пренесувале електрична енергија од главната централа во Тетово до долните населби во Тетово и повардарските села на општина Желино и оштина Јегуновце, кои останале неколку часа без електрична енергија.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против О.С.А.(41) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и за „соизвршителство“ во врска со „оштетување и неовластено навлегување во компјутерскиот систем“ и против Д.К.(35) од Штип и С.М.(38) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „оштетување и неовластено навлегување во компјутерскиот систем“. На 29.10.2025 од куќа на лице од Кочани, првопријавениот одзел паричник со пари, лични документи и платежна банкарска картица. После тоа, тој ја дал картичката на второпријавениот, кој заедно со третопријавениoт од банкомат во Кочани извршиле три успешни трансакции од по 30.000 денари или вкупно 90.000 денари, а направиле и дополнителен обид за трансакција кој бил неуспешен.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.У.(18) од с.Желино, тетовско и 16-годишник од с.Групчин, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „насилство“. На 22.10.2025 во угостителски објект во Тетово, пријавените физички ги нападнале А.Р.(19) од тетовско и 15-годишник од тетовско, при што првопријавениот употребил и тврд предмет.

 

На 21.12.2025 во Скопје на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.Е.(52) од Скопје и Д.С.(33) од Тетово, затоа што кај нив е пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 21.12.2025 околу 09:10 часот на Граничен премин Ќафасан, полициски службеници го лишија од слобода Е.К.(53) од Република Албанија. При пасошка и гранична контрола, тој на полицискиот службеник му дал поткуп, односно на бирото оставил пари, по што е лишен од слобода. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 358 од Кривичниот законик.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.М.(45) од Градско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.07.2025, полициски службеници извршија претрес во домот и помошни простории на пријавениот, при што се пронајдени и одземени марихуана и семки од растението канабис.

 

На 21.12.2025 во 21:20 часот во с.Чифлик, кочанско, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Д.А.(28) од село Чифлик, постапувајќи по пријава дека околу 19:15 часот во селото, по претходна расправија, со остар предмет го нападнал  В.Н.(56) од Кочани и му нанел повреди. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 21.12.2025 во 05:35 часот во место викано „Ерџелиски лозја“ во с.Ерџелија, светиниколско, полициски службеници од ОВР Свети Николе ги затекнале В.Ш.(61) и 14-годишник, двајцата од с.Ерџелија, при незаконски лов, односно на место каде што е забранет лов на дивеч. Притоа, кај нив се пронајдени и одземени две ловечки пушки, седум куршуми калибар 7мм и 15 парчиња ловечка муниција калибар 12 мм. За настанот е запознаен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе следува соодветна пријава.

 

На 21.12.2025 во 07:42 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 07:30 часот во казино на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со закана кон вработената одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 22.12.2025 во 01:00 часот на влезот во Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица дале знак за запирање на патничко возило „фолксваген голф“ со албански национални ознаки, но возилото продолжило со движење. Набргу, возилото запрело, а возачот и совозачот  го напуштиле местото. Додека, при преглед во возилото се пронајдени шест лица мигранти, од кои пет лица од Египет и едно лице од Мароко. Мигрантите се сместени во Прифатно-транзитен центар Винојуг во Гевгелија и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против И.И.(21), Р.И.(19), Е.А.(25) и М.А.(18), сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 25.11.2025 на патот Прилеп-Велес, на место викано Дервен, пријавените кои биле со две патнички возила натоварени со огревно дрво, не застанале на знак за запирање на шумски полицајци и со возилата се обиделе да удрат во нив, по што удриле во службеното возило.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Н.Д.(28) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници пронашле марихуана кај лица од Битола, која ја купиле од пријавениот.  

 

На 21.12.2025 во ОВР Радовиш е пријавено дека околу 21:30 часот во с.Ораовица, радовишко, патничко возило „опел корса“ без регистарски ознаки, управувано од И.В.(46) од с.Ораовица, удрило во паркирано патничко возило „форд фокус“ со радовишки регистарски ознаки, сопственост на Ц.Л. од истото село. Во незгодата, возачот И.В. се здобил со телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Радовиш.  Запознаен  е јавен обвинител и при преземање мерки во врска со незгодата констатирано е дека тој го управувал возилото под дејство на алкохол, односно дека имал 2,21 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 21.12.2025 во 21:20 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Д.А.(52) од Скопје, затоа што претходно во спортска обложувалница го нарушил јавниот ред и мир со физичка пресметка со А.К.(59) од с.Сарај,скопско, а потоа агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 21.12.2025 во СВР Скопје, 51-годишна жена пријави дека во семејниот дом на подрачјето на Центар, нејзиниот сопруг З.А.(66) и се заканувал со остар предмет, а потоа го турнал нивниот 22-годишен син и му упатувал закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.12.2025 во 10:40 часот во СВР Скопје, С.М.(47) од Скопје пријави дека додека се движел со патничко возило од с.Јурумлери, скопско кон населбата Драчево, две возила му го попречиле патот, а од нив излегле М.С. и уште неколку други лица и физички го нападнале, а употребиле и тврди предмети, при што му го оштетиле и возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 21.12.2025 во 16:15 часот во СВР Скопје, Х.Т.(31) од Скопје пријави дека околу 12:40 часот на Средно Водно, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Денеска (22.12.2025) во 09:50 часот во Полициската станица Кисела Вода извршен е службен разговор со Б.К.(41) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Драчево физички ја нападнал неговата 37-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против С.С.(25) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ и против Ѓ.Н.(42) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дроги“. Во близина на кичевското село Другово, полициски службеници запреле патничко возило „мерцедес“, во кое пријавените се превезувале, при што забележале како С.С. од прозорецот фрлила марихуана, која претходно ја набавила од Ѓ.Н.. Исто така, при претрес во возилото, била пронајдена и одземена марихуана.

 

 

Мени за пристапност