Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 22.10.2026

Извадок на дел од дневните настани 22.10.2026

На 21/22.10.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ф.А.(39) и А.Ѓ.(18) од Скопје затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Л.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 17.02.2026 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на паркирано патничко возило „сеат алтеа“, во кое бил пријавениот, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 21.10.2026 во 09:30 часот во Полициското одделение Новаци, П.К. од с.Горно Агларци, општина Новаци,  пријави дека при вршење земјоделски работи во атар на с.Горно Агларци пронашол една неексплодирана граната. Од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола гранатата е безбедно подигната и било констатирано дека се работи за артилериска граната од  Првата светска  војна.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против И.Т.(28) од с.Новаци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“ и против И.З.(50) од Битола и Н.Б.(41) од с.Новаци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. Првопријавениот одзел малокалибарска пушка калибар 5,6 мм. од куќа, сопственост на 78-годишник, со привремен престој во Австралија, во с.Балдовеница, општина Новаци. Додека, второпријавениот од 2021 до 09.09.2026 во Делчево ја чувал пушката, која што подоцна сопственикот ја земал од третопријавениот.

 

На 20.10.2026 околу 14:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Борис Трајковски“ со ул.„Емил Зола“ во Скопје, електричен тротинет удрил во 71-годишната С.В.К. од Скопје, по што возачот со тротинетот го напуштил местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.В.К., констатирани во Јавна здравстевна установа „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и за расчистување на случајот.

 

СВР Тетово поднесе кривични пријави против Н.Р.(46), Ш.Б.(62) и С.Х.(41) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 17.07.2026 и на 19.08.2026 на различни локации во Тетово, пријавените агресивно се однесувале кон полициски службеници и ги спречувалер во извршувањето на службени дејствија.

 

На 21.10.2026 во 21:30 часот во ОВР Берово е пријавено дека на некатегоризиран пат на место викано „Мушкови чешми“ во атар на Пехчево, трактор со приколка со пехчевски регистарски ознаки, управуван од 66-годишниот М.П. од с.Црник, пехчевско, излетал од патот. Од здобиените повреди М.П. починал на местото, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Пехчево и јавен обвинител и по негова наредба телото на починатиот е дадено во Судска медицина за обдукција.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.В.(35) и И.М.(51) од Тетово, вработени во Итна медицинска помош при ЈЗУ Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неукажување медицинска помош“. На 29.06.2026 во Итна медицинска помош Тетово, првопријавената примила телефонска пријава, но не испратила екипа за укажување медицинска помош на повредено лице во с. Доброште, за што го известила и второпријавениот, кој бил раководител.

 

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода седум возачи, а со еден извршија службен разговор поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Сите лишени лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: А.С.(28) и 17-годишник, двајцата од Скопје, А.А.(20) од с.Арачиново, скопско, 17-годишник од с.Орешани, општина Зелениково, Џ.В.(24) од Битола, Б.М.(24) од с.Добовјани, струшко и 16-годишник од с.Мала Речица, тетовско. Додека, пак, полициски службеници од СВР Велес извршија службен разговор со 17-годишник од Велес, во присуство на бранител, поради тоа што управувал мотоцикл без возачка дозвола. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Џ.Р.(49) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 20.08.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот и други простории на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени автоматска пушка, рамка од автоматска пушка, пиштол, рамки за пиштол и 208 парчиња муниција.    

 

На 21.10.2026 во 16:15 часот во тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце го лишија од слобода Љ.С.(46) од тетовско, постапувајќи по претходна пријава од неговата 45-годишна сопруга дека подолг временски период физички и психички ја вознемирувал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.А.(56) и Б.А.(59) од с.Опае, општина Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „избегнување на плаќање акциза“. Во текот на 2025 година, прво и второпријавениот неовластено набавиле, држеле и преработиле 1.324 килограми тутун во лист, а потоа го ставиле во промет и го продавале на други лица, при што избегнале плаќање на акциза во износ од 3.442.400 денари.

 

На 21.10.2026 во 20:35 часот во ОВР Гостивар, 52-годишна жена од Гостивар пријави дека на нејзиниот мобилен телефон добила заканувачки пораки од нејзиниот син. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.    

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.О.(37) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. На катастарска парцела во струшкото село Радожда, пријавениот неовластено и без соодветна документација издадена од надлежен државен орган изградил ограда со потпорен ѕид.

 

На 21.10.2026 во 18:50 часот во СВР Скопје, Б.Џ.(21) од Скопје пријави дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од четири лица и се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против М.Т.(30) од кичевското село Црвевци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Полициските службеници од криминалистичката полиција при ОВР Кичево на бул.„Ослободување“ во Кичево извршиле преглед во патничко возило „бмв“ со кичевски регистарски ознаки, кое го управувал, при што бил пронајден и одземен кокаин.

 

На 21.10.2026 во 21:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека во обложувалница на подрачјето на општина Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Н.(44), С.Ј.(55) и А.Г.(41), сите од Скопје, при што биле искршени стаклени шишиња и чаши. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

 

На 21.10.2026 во 21:40 часот во СВР Скопје, 45-годишна жена пријави дека околу 18:35 часот во автобус на подрачјето на Центар, едно повозрасно машко лице ја допирало по телото нејзината малолетна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 21.10.2026 околу 13:40 часот на автопатот Скопје-Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип го лишиле од слобода П.И.(40) од Велес. При преземање службени дејствија, полициските службеници сопреле патничко возило „опел астра“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал и при обид да извршат преглед над него, при излегување од возилото фрлил кутија од цигари со бела прашкаста материја, која била пронајдена и одземена. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Х.А.(46) од гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 05.09.2026 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга, при што употребил и разни предмети.      

 

На 21.10.2026 во 21:20 часот во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Е.К.(33), Р.К.(22) и А.С.(42), сите од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 21.10.2026 околу 18:50 часот во СВР Скопје, А.А.(18) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Центар бил физички нападнат од две лица кои ги познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.Ц.(52) од с.Ратево, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „неизвршување на судска одлука“. На 09.10.2026, пријавената со тврд предмет ја нападнала нејзината малолетна ќерка, со што не се придржувала на решение на Основен суд Берово, донесено во постапка за заштита на права.   

 

На 21.10.2026 во 16:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.Б.(50) и Џ.А.(66), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 21.10.2026 во 09:15 часот во СВР Скопје, М.П.(41) од Скопје пријавил дека на 20.10.2026 околу 15:00 часот во сендвичарница на подрачјето на Ѓорче Петров, неговата малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.10.2026 во 18:40 часот во СВР Скопје, И.Ј.(36) од Скопје пријавил дека на 19.10.2026 околу 14:00 часот на подрачјето на Карпош, неговиот малолетен син бил физички нападнат од негов соученик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Мени за пристапност