Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 21.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

СВР Велес поднесе известување против Б.А.(19) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.12.2025 кај Спомен костурницата во Неготино, пријавениот под клупа оставил марихуана и амфетамин, кои се пронајдени и одземени.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Г.С.(67) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 22.03.2026 во атарот на с.Горна Душегубица, пријавениот запалил смет во дворното место на неговата куќа, кој се проширил и предизвикал пожар во Шумско-стопанска единица „Стогово-Лопушник“.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.Ј.(36) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 16.03.2026 во Гостивар, пријавената физички нападнала полициски службеници кои извршувале службени дејствија.

 

На 21.05.2026 во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Д.(26) од Скопје затоа што кај него е пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 20.05.2026 во 15:30 часот пред Казнено- поправната установа Затвор Идризово, полициски службеници ја лишиja од слобода В.А.(25) од скопско затоа што при преглед на пакет кој го донела за осудено лице биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Г.М.(52) од с.Калишта, струшко, поради постоење основно сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 09.04.2026 на регионален пат во с.Калишта, на плац покрај езерото, пријавениот запалил смет и сува трева, при што настанал пожар, кој бил изгаснат без интервенција на пожарникари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.П.(36) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „тешка телесна повреда“. На 27.02.2026 во Гостивар, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал А.З..

 

На 20.05.2026 во 10:26 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправната установа Затвор Идризово е пријавено дека околу 08:00 часот при извршен претрес во установата биле пронајдени и одземени 92 кесички со прашкаста материја и дигитална вага. Дрогата е подигната од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава. 

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против З.Б.(42) од Вевчани поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „насилство“. На 17.04.2026 во домот на неговата поранешна девојка во струшко, по претходна расправија, пријавениот со метален предмет го нападнал Н.К. од Крива Паланка.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.С. од с.Волковија, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“, „одземање моторно возило“ и „предизвикување општа опасност“. На 04.12.2025 и 05.12.2025 во с.Брвеница, пријавениот од домот на неговата поранешна девојка одзел клучеви од возило и во с. Брвеница го опожарил возилото. Потоа, исто така во с.Брвеница, одзел патничко возило на друго лице и заминал кон с.Волковија.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.Л.(61) од Куманово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 од Кривичниот законик. Пријавениот Н.Л., подолг период вршел психичко насилство врз неговата снаа С.Л., со која живее во иста куќа, постојано и упатувал закани дека ќе ја убие неа и другите во домот.  Последен пат, на 18.05.2026 околу 16:00 часот во семејниот дом, пријавениот Н.Л., исто така, ѝ упатил  закани по животот.  По предлог на СВР Куманово, Основен суд Куманово донесе решение за итна мерка отстранување од домот во времетраење од 30 дена.

 

На 20.05.2026 во 23:40 часот, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода 34-годишната С.Ч., С.Т.(53), двајцата од Велес и С.Џ.Х.(55) од село во општина Чашка, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во Велес, на масата на која седеле, користеле дрога. Полициски службеници ги затекнале лицата пред објектот, при што С.Ч. се однесувала агресивно кон  нив, а подоцна на масата на која седеле во објектот биле пронајдени остатоци од бела прашкаста материја. Известен бил јавен обвинител, а од местото биле подигнати траги и остатоци од прашкастата материја. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 20.05.2026 во 16:40 часот во близина на вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Ж.К.(39) и Б.Т.(41), двајцата од Прилеп. При извршен преглед во патничко возило „бмв”со прилепски регистарски ознаки, во кое двајцата се превезувале, била пронајдена и одземена бела прашкаста  материја. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 20.05.2026 во 14:05 часот во Полициското одделение Ростуше е пријавено дека во с.Скудриње, на место викано „Мустана нива“, бил пронајден починат М.С.(67) од истото село. Според пријавеното, М.С. управувал трактор со приколка, при што изгубил контрола и се превртел. Од здобиените повреди, тој починал на местото, а лекар констатирал смрт. Увид извршила увидна екипа од ОВР Гостивар, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

 

На  20.05.2026 во 13:25 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја лишија од слобода Ј.Ѓ.(28) од Крива Паланка, постапувајќи по претходна пријава дека кај место викано „Калин камен“ спречувала вработени во Агенција за храна и ветеринарство при заловување на крупен добиток. Ј.Ѓ. била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава.

 

Мени за пристапност