На 19.05.2026 во 22:30 часот, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го лишија од слобода Т.Х.(51) од Гостивар, со живеалиште во Скопје. Имено, околу 21:40 часот, при опсервација на терен, забележана е и спречена група од пет лица - турски државјани и Т.Х., кој им бил придружба, при обид илегално да ја преминат границата од Р.С. Македонија кон Република Грција. Турските државјани се сместени во прифатен центар. По консултација со јавен обвинител, Т.Х. е лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 211 од Законот за странци - „помагање на странец при недозволен излез“.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.С. и М.С. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“. Пријавените, полициски службеници во Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, на 19.04.2026 околу 03:00 часот при вршење на службени дејствија, употребиле прекумерна физичка сила и нанеле повреди на лице лишено од слобода. Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина.
На 19.05.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.Н.(33), М.Р.(29), Н.П.(19) од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени кафеава прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Б.Ц.(37) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 12.04.2026 во угостителски објект во Крива Паланка, пријавениот попречувал членови на музичката група, која била ангажирана во објектот, физички нападнал еден од членовите и ја оштетил музичката опрема.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против К.М.(64) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „напад врз службено лице при вршење работни на безбедноста“. На 14.05.2026 во Струга, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој вршел службени дејствија.
На 19.05.2026 во 09:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Народен Фронт“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.С.(40) од с.Фалише, тетовско, удрило во 64-годишната Д.Х.А. од Велес. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градска општа болница „8 Септември“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Ѓ.(37) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво во обид“. На 30.04.2026, пријавениот со закана од огнено оружје се обидел да одземе пари од вработена во канцеларија на финансиско друштво во Битола.
Надворешнаta канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против С.М.(39) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице при вршење службено дејствие“ и „симнување и оштетување на службен печат или знак“. На 25.03.2026 во Крива Паланка, пријавениот не постапил по наредба на полициски службеник, ја скинал службената лепенка и го отклучил возилото со кое сторил кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
На 19.05.2026 околу 12:00 часот на ул.„Радански пат“ во Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Штип го лишија од слобода Ф.С.(22) од Косово, со престој во Штип. При преглед кај него, во чантата му биле пронајдени и одземени две пакувања со марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против К.Т.(58) с.Канатларци, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 06.09.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот и други простории во с.Канатларци, кои ги користи пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиштол „Чешка зброевка“ со рамка, муниција, пиштол „Екол“ и нож.
На 19.05.2026 во 16:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.Р.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека по кратка раасправија во 06:25 часот во казино на подрачјето на Карпош, физички и со остар предмет го нападнал М.В.(35) од скопско, вработен како обезбедување во објектот. Предметот е пронајден и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 19.05.2026 во 11:00 часот во СВР Скопје, Ф.Г.(37) од Скопје пријави дека околу 09:55 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.Б.(41) од Турција и А.Д.(57) од с.Слупчане, липковско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство, постапување и промет со опасни материи, штетни организми, семенски материјал или саден материјал“. Првопријавениот, без да поседува соодветна дозвола за вршење промет со хемикалии, извршил противправен увоз на опасна токсична хемиска супстанца-елементарен јод (99,9%) во вкупна количина од 25 килограми од Турција по претходен договор со второпријавениот, кој бил задолжен за преземање на хемиската супстанца.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против В.П.(41) од Пехчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 15.05.2026, пријавениот упатил закани по животот на неговата сестра и нејзиниот татко.
На 19.05.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје, Д.Г.(46) од Скопје пријави дека околу 08:45 часот на сточниот пазар на подрачјето на Гази Баба, поради наводно нерасчистени должничко-доверителски односи, лицето Н.А. му се заканил со пиштол, по што ги нападнал Д.Г. и неговиот татко и им нанел повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 16:45 часот во СВР Скопје, Н.Ч. пријавил дека околу 14:35 часот на подрачјето на Бит Пазар, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, бил физички нападнат од две лица, од кои едниот го познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 23:00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода З.Т.(62) од село Макреш, општина Старо Нагоричане, затоа што во неговиот кокошарник со тврд предмет усмртил куче. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 19.05.2026 во 19:00 часот во СВР Скопје, С.И.(28) од Скопје пријави дека околу 11:00 часот на подрачјето на Центар во Скопје, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Н.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје, И.А.(36) од Скопје, вработен во ЕСМ, пријавил дека, додека извршувал работни задачи, околу 10:00 часот на подрачјето на Центар во Скопје се здобил со повреди, констатирани во Јавната здравствена установа „Свети Наум Охридски“ Скопје. Известен е трудов инспектор.
На 19.05.2026 во СВР Скопје е пријавено дека на 18/19.05.2026 во периодот од 16:30 до 04:00 часот на паркинг простор од приватна фирма на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, со употреба на тврд предмет било оштетено патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на фирмата, при што бил одземен мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 15:20 часот во СВР Скопје, Д.Т.(66) од Скопје пријавил дека на 14.05.2026 околу 11:10 на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, неговиот син К.Т.(18) бил физички нападнат од Р.А.(18) од с.Трубарево, скопско и 17-годишник. Според пријавеното, тој подолг временски период бил вознемируван од лицата во кругот на средно училиште во кое учеле, а тоа било претходно пријавено во службата на училиштето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 21:30 часот во СВР Скопје, 36-годишна жена од Скопје пријавила дека подолг временски период добивала вознемирувачки пораки од А.М.(42) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.05.2026 во 12:30 часот во СВР Скопје, И.С.(54) од Скопје пријавил дека на 07.05.2026 околу 10:00 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по претходно недоразбирање за паркинг простор, тој и неговиот брат М.С. биле физички нападнати од Н.К., Ј.К. и уште едно лице, при што Н.К. употребил тврд предмет. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 18.05.2026 во 19:50 часот во СВР Скопје, А.У.(19) од с.Љубанци, скопско, пријавил дека во период од 17:00 до 17:40 часот во спортска обложувалница на подрачјето на Чаир во Скопје му бил одземен паричникот со пари во разни апоени и лични документи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 16.05.2026 во 20:15 часот во с.Сингелиќ, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го привеле С.Р.(44) од с.Сингелиќ, затоа што го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување и затоа што се заканувал со остар предмет на полициски службеник кој извршувал службени дејствија. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 20.05.2026 во 03:10 часот, полициски службеници од СВР Скопје привеле малолетник од Скопје затоа што во Градскиот парк на подрачјето на Карпош во Скопје го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. При извршени проверки над него, било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,82 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.