На 20/21.03.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.В.(21), Х.Д.(26), Х.М.(33) од Скопје и М.Т.(32) од с.Инџиково, скопско, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 20.03.2026 во 18:30 часот во ОВР Радовиш е пријавено дека на регионалниот Радовиш- Конче, на влез во с.Конче, патничко возило „тојота“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од А.А.(42) од Радовиш, удрило во осумгодишно дете од с.Конче, општина Конче. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобило детето, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Радовиш.
На 20.03.2026 во 18:40 часот на Граничен премин Јажинце, полициски службеници го лишија од слобода С.А.(48) од с.Радуша. При вршење гранични проверки било констатирано дека патничкото моторно возило „тигуан“ кое го управувал, било барано од Интерпол-Германија. Возилото е одземено и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против О.Б.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 28.12.2025 во казино во Прилеп, пријавениот физички нападнал едно лице од обезбедување на казиното и му нанел тешки телесни повреди.
На 20.03.2026 во 11:26 часот на аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, на излез од државата, полициски службеници го лишија од слобода Л.А.(66) од с.Заграчани, струшко, затоа што при излез од државата, во рачна торба, сопственост на Л.А., биле пронајдени и одземени два куршуми. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 20.03.2026 во 16:00 часот во близина на с.Света, демирхисарско, од страна на полициски службеници од ОВР Крушево пронајдено и одземено е патничко возило „опел" со битолски регистарски ознаки натоварено со бесправно исeчено огревно дрво и моторна пила, сопственост на Г.В.(51) од с.Света. Исто така, полициски службеници од ОВР Крушево на 19.03.2026 во 15:00 часот во близина на ул.„Нико Доага " во Крушево пронајдоа 4,20 м3 нежигосани букови огревни дрва, а во непосредна близина, во дворно место пронајдени се и 2,80 м3 нежигосани букови огревни дрва. Дрвната маса е предадена на шумска полиција и по документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 20.03.2026 во 16:40 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека настанал пожар на ул.„Дебарца" во Прилеп, при што зафатени биле куќа и помошна просторија, сопственост на Д.Р. од Прилеп. Пожарот е изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Прилеп, при што пожарникарот З.Г. (53) од с.Крушеани,прилепско, бил повреден од струен удар и бил пренесен во Градска болница Прилеп за укажување на помош. Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп.
На 20.03.2026 во 10:00 часот, во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода П.К.(48) од Неготино. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени ловна пушка и 92 парчиња муниција, без соодветна документација. Исто така, со наредба од Основен суд Кавадарци, бил извршен и претрес во викенд куќа во место викано „Дошница“, демиркаписко, каде биле пронајдени и одземени 23 ловни патрони, без соодветна документација. П.К. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 20.03.2026 во 09:49 часот во СВР Скопје од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ Скопје е пријавено дека кај нив со повреди-изгореници бил донесен З.А.(60) од Неготино, вработен во „Македонски Железници“. Според пријавеното, З.А. со повредите се здобил од струен удар, додека извршувал работни задачи во Скопје. Увид извршиле полициски службеници од СВР Скопје и за настанот бил известен трудов инспектор.
На 20.03.2026 во 08:00 часот во СВР Скопје, Б.М.(67) од Радишани, скопско, пријави дека околу 07:30 часот во Скопје, додека извршувал работни задачи во продавница, бил физички нападнат од Т.С.(35) од Скопје. По целосно документирање на случајот, против Т.С. ќе следува соодветен поднесок.
На 21.03.2026 во 09:30 часот во СВР Скопје, Е.А.С.(52) од Скопје пријави дека на 10.02.2026 околу 22:00 часот на подрачјето на Карпош во Скопје, по претходна расправија со две малолетни деца, била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
На 21.03.2026 во 01:20 часот полициски службеници од ОВР Свети Николе ги приведоа С.П.(24) од с.Мустафино, светиниколско, С.Е.(24) од с.Ерџелија, светиниколско и Н.П.(22) од Скопје, затоа што во угостителски објект во Свети Николе, го нарушиле јавниот ред и мир, со меѓусебна физичка пресметка.