Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 20.03.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

На 19.03.2026 во Скопје, на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Д.(28) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана.   По целосно документирање на случајот, против него ќе следува  соодветен поднесок.   

 

На 19.03.2026 во СВР Скопје е пријавено дека во 12:50 часот на ул.„Благоја Стефковски“, на излез од бензинска пумпа, патничко возило удрило во велосипед управуван од Б.А.(20) од Скопје. Според пријавеното, по незгодата, возачот на возилото му пружил помош на велосипедистот Б.А., а откако двајцата си заминале од местото на настанот, Б.А. почувствувал болки и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 19.03.2026 во 22:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, настанал пожар во патничко возило „ауди а6“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје, кое било користено како такси возило. Пожарот е изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Увид е извршен.

 

На 19.03.2026 околу 17:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Љубанци, скопско, настанал пожар во куќа во која не живее никој. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита пожарот е изгаснат, а повредени лица нема. Увид е извршен. 

 

На 19.03.2026 во 21:00 часот во Полициската станица Прилеп е пријавено дека на паркинг простор пред магацин на правно лице на ул.„Стеван Апостолоски“ во Прилеп настанал пожар во кој изгореле четири мотоцикли, сопственост на правното лице. Пожарот е изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема. Увид е извршен од екипа на ОВР Прилеп. 

 

На 19.03.2026 во 16:20 часот во ОВР Гостивар, А.Н. (43) од с. Вруток, гостиварско, пријави дека во вечерните часови на 17.03.2026  од металната каса за донации на џамија во с.Мердита, гостиварско, насилно биле одземени пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 19.03.2026 во 16:00 часот во Тетово на ул.„Страшо Пинџур“ полициски службеници од СВР Тетово ја лишија од слобода Л.И. (27) од Р. Црна Гора, по претходна пријава од А.Х. (31) од Тетово, дека од неговата продавница за златен накит во Тетово, едно женско лице, кое питачело, одзело златни предмети. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против В.Н.(21) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.03.2026 во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп извршиле преглед на патничко возило „бмв“, кое го управувал В.Н., при што во возилото била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.А.(29) од с.Порој, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 12.12.2025 во Тетово, пријавениот не застанал на знак за запирање, туку со возилото „ауди 7“, кое го управувал, ја зголемил брзината и со возилото удрил и повредил полициски службеник.  

 

На 19.03.2026 во 15:45 часот во с.Тркање, кочанско, полициски службеници од ОВР Кочани лишиле од слобода 16-годишник од селото. Тој се сомничи дека на 13.03.2026, по претходна расправија за девојка, со пиштол се заканувал на друг малолетник од с.Оризари, кочанско. Во присуство на родител, адвокат и социјален работник, извршен е службен разговор со малолетникот и одземени се пиштол „екол“ калибар 9 мм и рамка со еден куршум. По целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 20.03.2026 во 08:45 часот во Полициската станица Чаир,  полициски службеници го приведоа Т.С.(36) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 08:00 часот во продажен објект во Радишани физички го нападнал вработениот Б.М. од Скопје. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 18.03.2026 во 15:13 во СВР Скопје, А.К.(44) од Скопје пријави дека во средно училиште во кое учи на подрачјето на Аеродром во Скопје, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од неколку други малолетници, од кои некои ги познавал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Мени за пристапност