Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 19.10.2026

Извадок на дел од дневните настани 19.10.2026

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Љ.О.(28) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 16.01.2026, пријавениот со уште едно лице вршел купопродажба на марихуана.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.Т. од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Пријавениот, во домот чувал пиштол „застава“, сопственост на друго лице, иако знаел дека не смее да држи огнено оружје за кое не поседува дозвола за поседување.

 

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против К.К.(42) од Кратово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност“. На 30.09.2026 во Кратово, пријавената го пуштила своето куче без поводник, при што тоа го нападнало Г.Т..

 

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против И.М.(51) од Кратово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа’’. На 12.06.2026, пријавениот управувал патничко возило со регистарски ознаки од друго возило и учествувал во сообраќајна незгода.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против M.С.С.(54) од Германија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 12.02.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, бил извршен преглед во возило кампер со германска регистерска ознака, кое го управувал, при што биле пронајдени и одземени марихуана, псилоцибин, дробилка и други предмети.

 

На 18.10.2026 во 15:00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Г.А. (48) од Куманово, затоа што физички ја нападнал неговата сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава. 

 

На 18/19.10.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Л.Т.(27), Е.С.(19), Д.А.(47) и 18-годишната С.М., сите од Скопје, како и М.У.(32) од Германија, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја и шише со течност. По целосно документирање на случаите,  против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.  

 

На 19.10.2026 во 04:35 часот на паркинг простор кај бензинска пумпа покрај патот Тетово–Гостивар, полициски службеници од Полициското одделение Камењане го лишија од слобода М.Б.(36) од с.Неготино, гостиварско. Тој се сомничи дека на 18.10.2026 околу 19:15 часот во спортска обложувалница во с.Неготино со закана кон вработениот одзел пари од касата. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 18.10.2026 околу 18:00 часот во СВР Струмица е пријавено дека на регионалниот пат Струмица-Валандово, на делницата од с.Костурино до место викано „Чадорче“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.Џ.(60) од с.Костурино, струмичко и патничко возило „фолксваген“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од В.К.(30) од Гевгелија. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фиат пунто“, констатирани во Медицински центар Струмица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица.

 

На 19.10.2026 во 04:10 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Ф.А.(41), постапувајќи по претходна пријава од неговата 63-годишна мајка дека физички ја нападнал во семејниот дом и ѝ упатил закани. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 18.10.2026 во 20:10 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на бул.„Браќа Гиноски“ во Гостивар, патничко возило „шевролет спарк“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Н.Х.(69) од с.Неготино, гостиварско, удрило во пешакот А.З.(21) од Гостивар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 21-годишниот пешак, констатирани во Ургентен центар Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Гостивар.

 

 

На 18.10.2026 во 12:40 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци извршија службен разговор со Б.С.(44) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава од неговата 39-годишна поранешна сопруга дека не го почитувал решението од Центар за социјални грижи Кавадарци, со кое и се одобрува видување со нејзините малолетни деца. По документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.       

 

CВР Битола поднесе кривична пријава против О.Н.(41) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 29.09.2025, полициски службеници го затекнале пријавениот со уште едно лице при купопродажба на метамфетамин.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.М.(33) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „запуштање и малтретирање на дете“. На 05.10.2026 во семејниот дом, пријавената физички ја нападнала нејзината малолетна ќерка, а исто така го запоставувала и нејзиното десетмесечно дете, оставајќи го само и без соодветна грижа.

 

На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ј.А.(42), А.И.В.(32) и А.К.(36), сите од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“, додека второ и третопријавениот сториле и кривично дело „помагање во извршување кривично дело“. На 12/13.02.2026 во Јавна здравствена установа - Општа болница Дебар, откако А.И.В., вработена во болницата, му го дала клучот од влезната врата на Ј.А., тој со третопријавениот влегле во болницата и во една од канцелариите одзел пиштол „црвена застава“ калибар 9.9 милиметри, сопственост на ЈЗУ Општа болница Дебар.  

 

На 18.10.2026 во 18:40 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека во Општа болница Прилеп со тешки телесни повреди бил донесен А.П.(74) од с.Вранче, општина Долнени, со живеалиште во Прилеп. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека работел со трактор во двор од негов имот во с.Вранче. Во еден момент тракторот се превртел, при што тој се здобил со повредите. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 18.10.2026 во 00:10 часот во Кочани, полициски службеници од ОВР Кочани го лишија од слобода Б.Р.(38) од Кочани, затоа што му се заканувал на неговиот 18-годишен син. За настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање, ќе следува соодветна пријава.

 

На 18.10.2026 во 09:50 чaсот во СВР Скопје М.И. пријави дека околу 09:30 часот во близина на маркет во с.Сарај, додека бил со патничко возило „туран“, кон него било пукано од огнено оружје од страна на едно лице. Веднаш по пријавата на местото на настанот пристигнале полициски службеници од СВР Скопје, при што биле пронајдени четири чаури од пиштолска муниција. Од оштетениот прозорец од возилото М.И. се здобил со повреда на раката. Известена е екипа на Итната медицинска помош. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.      

 

На 17.10.2026 во ОВР Кичево е пријавено дека Е.К.(37) од Кичево извршил обљуба врз неговата сопруга, а потоа физички ја нападнал малолетната ќерка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 18.10.2026 околу 21:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром, В.С.(47) од Скопје бил нападнат со тврд предмет од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.10.2026 во 09:50 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа А.Ј.(24) и А.И.(27), двајцата од Скопје, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 18.10.2026 во 10:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Усје, скопско, настанал пожар на кров од куќа, сопственост на К.Д.(47) од Штип, со престој во Скопје. Од Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен е увид.

 

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода осум возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, четири лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: А.Р.(18), Б.Р.(26) и Б.К.(33), сите од Скопје и А.Ш.(24) од с.Мала Речица, тетовско. Под дејство на алкохол возеле Е.Ј.(61) од Виница и В.П.(61) од Гевгелија. Додека пак, В.Ж.(57) и 36-годишната Н.З., двајцата од Србија, управувале патнички возила со многу поголема брзина од дозволената. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

На 19.10.2026 во 00:45 часот на ул.„Димо Наредникот” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода Д.Н.(21), А.С.(23), Н.М.(21) и 17-годишен малолетник, сите од Прилеп, бидејќи при преглед кај нив, кај Д.Н. била пронајдена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 18.10.2026 во 15:00 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 17-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од 45-годишна жена, дека имал полов однос со нејзината 14-годишна малолетна ќерка, со која биле во врска. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 18.10.2026 околу 17:00 часот во СВР Скопје, И.А. пријави дека на подрачјето на Ѓорче Петров нејзиниот малолетен син со тврд предмет бил нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 19.10.2026 околу 01:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош било опожарено патничко возило „џили“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.И.(42) од Скопје, при што било зафатено и патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.К.(74) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Мени за пристапност