Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 17.07.2026

Извадок на дел од дневните настани 17.07.2026

СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.Ј. (35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.12.2025 во Скопје полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што кај него бил пронајден и одземен  кокаин.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против  М.Љ. (29), Х.К. (28),  В.М. (27) и К.С. (28), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 10.04.2026 во маркет во Куманово, пријавените физички го нападнале Д.М. од Куманово, при што едниот од нив употребил стаклен предмет.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.Ф.  (55) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи’’ . На 01.08.2025 во Тетово, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што бил пронајден и одземен пиштол,  за кој не поседувал дозвола.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар  поднесе кривична пријава против И.Б. (32) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „загрозување на сигурноста“. На 18.06.2026 пријавениот во неговиот дом физички ја нападнал неговата партнерка.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава  против Б.М.(30) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 08.04.2026 во Тетово, по претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавениот со нож му упатувал закани на  Б.Д..  

 

На 16.07.2026 во 23:10 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Д.Х.(31) и Н.Ј.(43), затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста и грутчеста материја. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 16.07.2026 во 08:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосницата од ул.„Благоја Стефковски“ и ул. „Петре Филиповски-Гарката“ во Скопје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.П.(71) од Скопје и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од Х.Р.(22) од с.Инџиково, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, а со телесни повреди се здобил неговиот сопатник З.А.(20) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 16.07.2026 во 16:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Кучково, скопско, 17-годишник од Скопје управувајќи мотоцикл „хамачи“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, а со телесни повреди се здобил неговиот 15-годишен сопатник од с.Волково, скопско, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 16.07.2026 на место викано „Мрзенско поле“, во атар на село Мрзенци, гевгелиско, бил пронајден починат мигрант А.М.. Според пријавеното, околу 11:52 часот, мигранти од Пакистан преку мобилен телефон побарале помош, а по пристигнувањето на местото, полициските службеници затекнале тројца мигранти кои не поседувале лични документи, но кажале дека се од Пакистан и едно починато лице, за кое изјавиле дека е на возраст од 36 години и било заедно со нив. Лекар констатирал смрт кај лицето, без траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот мигрант е предадено на обдукција. Мигрантите се пренесени во Прифатниот центар „Винојуг“-Гевгелија.

 

На 16.07.2026 во 11:00 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ш.Б. (36) од Куманово, затоа што се обидел со остар предмет да го нападне неговиот брат. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава. 

 

На 16.07.2026 во 12:29 часот полициски службеници од ОВР Кратово го лишија од слобода А.М.Б. (41) од Велика Британија. Тој во комплексот Куклица, кратовско, спречувал  инспектори од Управата за јавни приходи, кои извршувале службени дејствија. А.М.Б.  бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 16.07.2026 во 11:00 часот, на улица „Кузман Јосифовски- Питу“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово, врз основа на судска наредба, го приведоа Б.С. (59) од Тетово, баран за издржување казна затвор за сторено кривично дело по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Тој е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 17.07.2026 во 00:25 часот, во казино во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Ј.С. (59) од с. Мала Речица, затоа што кај него, при преглед е пронајдена кесичка со бела прашкаста материја. По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

 

На 16.07.2026 во 14:00 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ја лишија од слобода Г.Б. (29) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава дека таа физички го нападнала нејзиниот седумгодишен син. Таа е задржана во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 16.07.2026 во 16:40 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.С.(35) од светиниколско, по претходна пријава дека преку апликација на мобилен телефон и упатувал закани на неговата поранешна 40-годишна партнерка од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против Н.Ј. (20) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.  На 16.01.2026 во Штип, полициски службеници извршиле преглед на две лица од Штип, кај кои била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавиле од пријавениот.

 

На 17.07.2026 во 01:30 часот во СВР Скопје, 30-годишна жена од Куманово пријави дека во периодот од месец јуни оваа година до поднесувањето на пријавата била следена од нејзиниот поранешен партнер Д.С., кој исто така ја вознемирувал со пораки. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 17.07.2026 во 00:05 часот, на улицата „15 корпус“ во Охрид, од слобода е лишен С.А.(69) од Скопје, по претходна пријава дека бил агресивен кон член на неговото семејство. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 16.07.2026 во 20:00 часот во СВР Битола е пријавено дека во атар на с. Подмол, прилепско, бил пронајден превртен трактор, претходно управуван од М.Т.(54) од с.Канатларци. Од здобиените повреди, М.Т.  починал на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Прилеп. По наредба на јавен обвинител, телото е дадено за обдукција, а увидот го извршила увидната екипа на ОВР Прилеп.

 

ОВР Делчево поднесе кривична пријава против Љ.Н. (57) од делчевско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 10.05.2026 во семејниот дом во Делчево, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга, нанесувајќи ѝ повреди.

 

СВР Скопје поднесе кривична против В.Ф. (25) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 27.03.2026 полициски службеници во Скопје извршиле претрес  во домот на пријавениот,  при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 16.07.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје, 50-годишна жена од скопско,  пријави дека околу 13:45 часот нивниот роднина Т.К. упатувал закани кон неа и кон нејзиниот сопруг. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 16.07.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје Р.Б.(43) од Скопје пријави дека на 03.07.2026 во трговски центар на подрачјето на општина Аеродром, неговиот малолетен син бил физички нападнат од Х.К., кој, според пријавеното, е вработен како обезбедување. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 17.07.2026 во 12:25 часот, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Ј.С.(60) од Велес, постапувајќи по претходна пријава од неговата 52-годишна поранешна партнерка од Велес, дека ја следел и бил пред нејзиниот дом, како и пред објектот каде што работела, со што не го почитувал решението од Основен суд Велес за забрана да контактира и да и се приближува. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 16.07.2026 во 13:15 часот во ОВР Неготино, 44-годишната жителка во село Долни Дисан, неготинско, пријави дека била измамена за сума од 49.087 денари. Според пријавеното, таа остварила контакт со лице преку социјална мрежа, со цел да подигне кредит и во неколку наврати уплатила пари за наводни трошоци за одобрување, но кредит не добила, по што случајот го пријавила во полициска станица. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 16.07.2026 околу 04:00 часот во СВР Велес, од Ургентен центар при ЈЗУ „Општа болница“- Велес е пријавено дека кај нив со телесна повреда бил донесен Т.Р.(27) од Велес. Според пријавеното, околу 03:00 часот пред Железничката станица Велес, при премостување на влечните локомотиви од еден на друг колосек, една локомотива удрила во друга паркирана локомотива, во која бил машиновозачот Т.Р., кој  при тоа се здобил со телесна повреда. Увид извршила увидна екипа од СВР Велес.

 

 

Мени за пристапност