Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 16.09.2026

Извадок на дел од дневните настани 16.09.2026

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.Ф.(25) од с.Ростуше, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.10.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген голф“, при што кај пријавениот, кој бил сопатник во возилото, била пронајдена и одземена марихуана.

 

ОВР Берово поднесе кривична пријава против М.М.(25), Б.М.(47) и А.М.(45), сите од Пехчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,тешка телесна повреда‘‘. На 30.08.2026 на Градскиот плоштад во Берово, пријавените физички го нападнале А.М.Х. и му нанеле тешки телесни повреди.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Р.М.(62) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело ,,телесна повреда“. На 25.08.2026 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата 35-годишна вонбрачна сопруга.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против М.В.(51) од неготинско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 29.12.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени 537 парчиња пиротехнички средства.

 

На 15/16.09.2026 во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.П.(23), М.А.(28) и С.П.(50), сите од Скопје и М.Г.(34) од с.Инџиково, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, бела грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против С.С.(25) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик. При контрола на патничко возило „мерцедес“, во кое се превезувала, полициските службеници ја забележале С.С. како низ прозорот од возилото, исфрла пакување со марихуана, која е пронајдена и одземена.

 

На 15.09.2026 во 23:30 часот на ул.„Орде Тутески“ во Прилеп, полициски службеници од  ОВР Прилеп го лишија од слобода Ф.И.(25) од Прилеп, затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.Б.(27) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „спречување на докажување“. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници од криминалистичката полиција пронајдоа марихуана, која тој претходно се обидел да ја уништи и да оневозможи докажување на кривичното дело.

 

На 15.09.2026 во 22:45 часот на ул.„Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Б.А.(29) од с.Чегране, гостиварско, затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Н.Д.(26) од струшкото село Корошишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При контрола и преглед, извршен во струшката населба Плитишта, полициските службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга кај него пронајдоа и одзедоа марихуана.   

 

На 15.09.2026 во 23:30 часот во гостиварско село, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Б.К.(52) од селото, постапувајќи по претходна пријава од неговата 40-годишна сопруга дека во семејниот дом, по кратка расправија, истурил врело кафе врз неа, при што таа се здобила со изгореници. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против У.К.(42) од село Новак, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“ по член 201-а од Кривичниот законик. На 10.08.2026 во селото, тој пресретнал група малолетници и физички нападнал еден од нив.

 

На 15.09.2026 во 21:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од  слобода Д.С.(46) од Куманово, затоа што агресивно се однесувал кон неговиот 24- годишен син и му се заканувал. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.   

 

Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, полициски службеници лишија од слобода осум возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Од нив, пет лица управувале возило без положен возачки испит и тоа: Б.Р.(55) од с.Сарај, скопско, М.С.(29) од с.Петровец, скопско, И.М.(51) од с.Ранковце, Е.Е.(19) од с. Десово, прилепско и 17-годишник од с.Бузалково, велешко, кој со мотоциклот кој го управувал удрил во тригодишно дете. Две лица управувале возило со активна забрана за управување на Б категорија и тоа:  Д.Б.(37) од Куманово и Б.С.(54) од Богданци, кој покрај забраната, го управувал возилото и под дејство на алкохол. Од слобода бил лишен и Ј.А. (56) од с.Дулица, општина Македонска Каменица, бидејќи возел под дејство на алкохол. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

 

На 15.09.2026 во 20:00 часот, полициски службеници од СВР Струмица со судска наредба, извршија претрес во домот на А.Т.(49) од Василево. При претресот било пронајдено стебло од растението канабис.  По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од КЗ.

 

На 15.09.2026 во 10:00 часот, полициски службеници од ПС Гевгелија го лишија од слобода З.М.(40) од с.Марвинци, гевгелиско. При претрес на негови катастарски парцели, извршен со судска наредба, било пронајдено стебло од растението канабис. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 15.09.2026 во 21:00 часот во ОВР Виница, 74-годишен маж од Виница пријави дека во семејниот дом бил физички нападнат од неговиот син М.Ј.(51) од Виница. За настанот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање, ќе следува соодветна пријава.

 

На 15.09.2026 околу 22:20 часот во СВР Скопје, Д.Б.(49) од Скопје пријави дека во населба Горно Лисиче, неговиот малолетен син и негови другари биле нападнати од неколку други малолетници, при што еден од нив, кој го познавале, со употреба на остар предмет од неговиот син одзел чанта со паричник, мобилен телефон и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 15.09.2026 околу 15:00 часот во СВР Скопје, 38-годишен маж пријави дека во неговиот дом на подрачјето на Драчево, неговата сопруга Д.Р., со која бил во бракоразводна постапка, физички го нападнала, а потоа со остар предмет му упатувала закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 15.09.2026 околу 17:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на Центар, настанал пожар во задниот дел на автобус на ЈСП. Пожарот бил изгаснат од возачот и од Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Повредени лица нема, односно сите патници безбедно се симнале.

 

На 15.09.2026 во 13:20 часот во СВР Скопје, С.М.(27) од Скопје пријави дека во продажен објект во населба Радишани, каде работела, дошла жена која носела остар предмет и упатила закани кон неа и кон нејзина колешка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

Мени за пристапност