Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 15.01.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Велес поднесе кривична пријава против Т.С.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 11.05.2025 во Кавадарци полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории кај пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и кокаин.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Н.М.(18) од Охрид и 16-годишен малолетник од с.Мешеишта, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 24.04.2025 во с.Мислешево, струшко, полициски службеници забележале патничко возило „застава“ без регистарски ознаки, управувано од првопријавениот, кое било натоварено со огревно дрво. Притоа, тој не застанал на даден знак за запирање и со возилото се обидел да ги удри полициските службеници. 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Л.Х.(35) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ На 15.11.2025 во семејниот дом, пријавениот упатувал закани на неговата 66- годишна мајка и оштетил дел од  покуќнината.

 

На 14.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.Д.(20) и В.Б.(40), двајцата од Скопје и А.П.(28) од штипско, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 14.01.2026 во 18:40 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа О.В.(42) од Кавадарци, кој бил баран со централна потерница поради бегство од Казнено - поправна установа Затвор Гевгелија. О.В. бил спроведен во установата за доиздржување на казната.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга до Основното јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против Н.Љ.(44) од с.Октиси, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 30.07.2025 во с.Велешта, струшко, полициски службеници извршиле преглед во возилото кое го управувал пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

 

На 14.01.2026 во 10:55 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на крстосница од ул.„Тризла“, ул.„Горан Миноски“ и ул.„11 Октомври“ во Прилеп се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(38) и мопед управуван од Ш.И.(60), двајцата од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Ш.И., констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Прилеп.

 

На 14.01.2026 околу 22:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Македонско- косовска бригада“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од Скопје, удрило во пешакот М.И.(57) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во  Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје. По целосно дококументирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против З.Ч.(40) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело”. На 14.01.2025 во Куманово, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило во кое биле пријавениот со уште едно лице, при што во возилото биле пронајдени и одземени 28 универзални клучеви за отворање брави и разни алатки за отварање на брави и други предмети.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Е.А.(41) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“ и „полово вознемирување“. Пријавениот подолг временски период преку социјални мрежи и апликации упатувал закани и непристојни понуди кон две женски лица. 

 

На 14.01.2026 во 20:20 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа М.А.(30), С.Ш.(30), Р.К.(21), 16-годишник, сите од Скопје и М.Ј.(20) од Италија затоа што, по претходно недоразбирање во сообраќајот, го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.01.2026 во 22:00 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.А.(51) од скопско, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 63-годишна партнерка, при што употребил остар предмет и ѝ нанел повреда. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.01.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, од Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје е пријавено дека околу 16:40 часот во авион кој слетал од Германија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Г.Ф.(49) од Германија и 45-годишната Г.Ф. од Скопје од една страна и Ш.С.(38) од с.Лопате, кумановско, од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.01.2026 во 16:55 часот во СВР Скопје, Н.Р.(58) од Скопје, возач во ЈСП Скопје, пријави дека откако застанал во близина на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром, во автобус, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.01.2026 во СВР Скопје, 54-годишна жена од скопско село пријави дека била измамена од едно лице за сума од 95.400 денари. Според пријавеното, во текот на изминатата година таа во неколку наврати му ги исплатила парите бидејќи тој и рекол дека може да и помогне да купи стан во Скопје и да ја вработи нејзината ќерка како цариник. Како што е пријавено, после некое време тој престанал да одговара на нејзините телефонски повици, по што сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

 

Мени за пристапност