Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 14.09.2026

Извадок на дел од дневните настани 14.09.2026

 

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против К.Е.(43) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 14.08.2026 во шума во населба Баир во Битола, пријавениот со запалка запалил душек врз кој ставил и бакарни кабли.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Б.(19) од Гостивар, А.А.(21) и М.А.(19) од с.Врањовце, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 19.08.2026 во Гостивар, пријавените физички го нападнале Б.В..

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Л.Б.(60) од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.  На 02.09.2026 на автопатот Скопје-Велес, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „ауди“, управувано од пријавениот, при што во багажот биле пронајдени и одземени 205 парчиња муниција.

 

На 13.09.2026  во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.Ш.(27) и 15-годишник, двајцата од Скопје и С.Ш.(30) од с.Крушопек, скопско, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана и бела прашкаста материја. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 14.09.2026 во 02:50 часот на Граничниот премин Деве Баир, полициски службеници го лишија од слобода Т.С.(25) од Бугарија, затоа што при гранична контрола и проверки во оперативна евиденција било констатирано дека евидира на „стоп“ листата, по барање на Полициската станица Центар - Бит Пазар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Лицето е предадено во Полициска станица Крива Паланка за понатамошна постапка.

 

На 13.09.2026 во 15:00 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на патот Пробиштип-с.Крупиште, во атар на с.Лезово, 16-годишник од с.Злетово, пробиштипско, управувајќи мопед „априлија“ со штипски регистарски ознаки, изгубил контрола и се превртел со мопедот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Јавната здравствена установа „Нада Михајлова“ во Пробиштип. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.

 

На 13.09.2026 во 14:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје, патничко возило „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.П.(66) од Скопје, удрило во 56-годишната Д.В. од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Д.В., констатирани во Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 14.09.2026 во  02:30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ранковце го лишија од слобода Б.М.(41) од село во општина Ранковце, затоа што физички ја нападнал неговата 41 - годишна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 13.09.2026 околу 18:10 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека во с.Ранковце, општина Ранковце, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.З.(62) од Куманово и велосипед управуван од И.С.(88) од с.Трубарево, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Крива Паланка.

 

На 13.09.2026 околу 12:30 часот во с.Банско, струмичко, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Ново Село, додека извршувале службени дејствија со полициски службеници од Фронтекс, забележале товарно возило „форд транзит“ со струмички регистарски ознаки, натоварено со дрва, а го управувал Ф.И.(33) од с.Банско. При обид да извршат контрола на Ф.И. и возилото, Ф.И. го придвижил возилото и удрил во полициски службеник од Фронтекс од Полска, а потоа и во трактор „имт“, управуван од Ѓ.М.(52) од с.Банско. Притоа, со тешки телесни повреди се здобиле полицискиот службеник и возачот Ф.И., констатирани во Медицински центар Струмица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица, при што било констатирано дека возачот на тракторот Ѓ.М. го управувал возилото без положен возачки испит, додека возачот на товарното возило „форд транзит“ Ф.И. е лишен од слобода. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.09.2026 во 12:30 часот во СВР Скопје, 43-годишна жена пријави дека нејзиниот поранешен партнер М.К.(60) упатувал закани кон неа и нејзиното семејство. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.09.2026 во 11:30 часот во СВР Скопје, 26-годишна жена пријави дека на 11.09.2026 во домот на подрачјето на Бит Пазар со тврд предмет била нападната од нејзината мајка С.З.(56). Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 13.09.2026 во 22:00 часот во СВР Скопје, 41-годишен маж пријави дека во домот на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од неговата сопруга Ј.З.П.(42). Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 13.09.2026 во 17:20 часот во Скопје, на подрачјето на Чаир, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Џ.Е.(27), Л.Е.(26) двајцата од Велика Британија и Е.У.(27) и Е.Р.(37) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека заедно со Е.У.(30) и Е.У.(20) од Скопје го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.09.2026 околу 04:00 часот во СВР Скопје, 44-годишна жена пријави дека на 13.09.2026 во домот на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг Н.Н.(61). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.09.2026 околу 12:00 часот во Полициската станица Бит Пазар, М.Ч.(60) од Скопје пријави дека на 10.08.2026 неговиот син А.Ч.(29) му кажал дека ќе оди кај негови другари и редовно контактирале телефонски до 01.09.2026. Но, од 01.09.2026 до сега немале никаков контакт. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.    

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против В.М.(41) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“. Пријавениот во Виница извршил премостување на мерната опрема, при што преземал делумно или во целост нерегистрирана количина на електрична енергија и притоа на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје и нанел штета во вкупен износ од 181.972 денари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Н.Л.(19) од с.Градец, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 30.08.2026 во Виница, пријавениот упатил закани по живот на лице од Виница. 

 

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Куманово во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднесе кривична пријава по брза постапка против А.Д. од с.Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик. На 11.09.2026 на објава на профил на социјална мрежа на Претседателот на Владата на РСМ, пријавениот напишал коментар со заканувачка содржина. 

 

На 13.09.2026 во 19:40 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода Љ.А.(33) од Кавадарци, затоа што при преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.Р.(22) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “. При преглед извршен на улица „Борис Кидрич“ во Кичево, полициските службеници од криминалистичката полиција, кај него пронајдоа и одзедоа марихуана.

 

На 13.09.2026 во 17:30 часот на ул. „Карпош“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Ѓ.Б.(31) од Битола, затоа што при преглед кај него била пронајдена прашкаста материја. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.09.2026 во 18:20 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода П.Ѓ. (19) од Велес. Претходно, на крстосница од улиците „Костурска“ и „Љубљанска“ во Велес, тој управувајќи мопед со велешки регистарски ознаки, кога ги забележал полициските службеници се обидел да побегне, при што удрил во патничко возило „сеат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Д.(31) од Велес и патничко возило „голф“ со велешки регистарски ознаки управувано од Љ.М.(45) од Велес. Во несреќата повредени нема, а причинета била материјална штета. По преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека П.Ѓ. го управувал мопедот без да поседува возачка дозвола. По насоки од јавен обвинител тој бил приведен во полициска станица, мопедот бил одземен и по документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

На 14.09.2026 во 01:00 часот на улица „Магистрален пат“ во Кичево, полициски службеници го лишија од слобода Н.С.(31) од Гостивар. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „хонда“ со гостиварски регистарски ознаки, кoe тој го управувал и при извршен преглед, кај него пронајдоа и одзедоа пакување со бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 13.09.2026 во 21:00 часот во СВР Битола, 33-годишна жена од Битола пријави дека била физички нападната од нејзиниот партнер Ѓ.Б. од Битола. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 13.09.2026 во 17:40 часот во СВР Тетово, Е.В.(19) од с.Порој, тетовско, пријави дека на 10.09.2026 околу 18:30 часот во семејниот дом, бил физички нападнат од неговиот роднина Д.В.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.09.2026 во 01.00 часот во ОВР-Прилеп, 22-годишна прилепчанка пријави дека  во семејниот дом во Прилеп била физички нападната од нејзиниот татко У.О., кој употребил и  дрвен предмет. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

 

 

 

 

 

Мени за пристапност