Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 14.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.Ш.(23) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. На 08.05.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.И.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“. На 07.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во с.Буковиќ, општина Сарај, при што биле пронајдени и одземени три ловечки пушки, два ловечки карабини, оптички нишан, куршуми, 84 ловечки патрони калибар 12 мм и 50 маневарски капсули.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Д.(44) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста’’. Пријавениот подолг период и упатувал закани на неговата сопруга, со која се во бракоразводна постапка.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против М.У.(46) од Берово поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 10.05.2026, пријавениот испратил смс пораки со заканувачка содржина на јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Берово.

 

На 14.05.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.С.(28) и 16-годишник, двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 13.05.2026 во 21:15 часот на ул.„Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници го лишија од слобода И.Т.(35) од Тетово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 13.05.2026 во 21:10 часот во ОВР Неготино е пријавено дека на ул.„Душан Преграц“ во Неготино, 12-годишник од Неготино, управувајќи електричен тротинет, изгубил контрола и паднал на патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 12-годишникот, а со телесни повреди се здобил неговиот 14-годишен сопатник од Демир Капија, констатирани во Општа болница Кавадарци. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Неготино.  

 

На 13.05.2026 во 20:00 часот на ул.„Партизанска" во Битола,, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода  М.С.(19) од Битола, затоа што кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.05.2026 во 15:00 часот во ОВР Гевгелија е пријавено дека на автопатот „Пријателство“, во правец од Скопје кон Гевгелија, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат линеа“, сопственост на МВР, а управувано од Р.П.(30) и товарно возило „сканиа“ со полуприколка со босански национални ознаки, управувано од Р.М.(42) од Босна и Херцеговина. Во несреќата со телесни повреди се здобил полицискиот службеник Р.П., констатирани во Општа болница Гевгелија. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гевгелија.

 

На 13.05.2026 во 05:16 часот во Полициското одделение Демир Хисар е пријавено дека на регионалниот пат Демир Хисар - Битола, на место викано „Чагор“, патничко возило „шкода“ со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од М.А.(28) од с.Бараково, демирхисарско, излетало од патот и удрило во дрво. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот М.А., констатирани во Клиничка болница Битола. Извршен бил увид од увидна екипа.   

 

 

 

 

 

 

 

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.П.(32) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 12.10.2025, пријавениот телефонски упатил закани кон Д.Ц. и неговото семејство.

 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против А.Г.(42) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“, ,,спречување на службено лице при вршење на работи од безбедноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 10.05.2026 во угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал и упатувал закани кон вработените од обезбедувањето, агресивно се однесувал и физички нападнал полициски службеници, кои извршувале службени дејствија.

 

СВР Тетово поднесе известување против двајца малолетници од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство над дете“. На 06.04.2026 во двор на основно училиште во с.Палатица, пријавените физички нападнале друг малолетник.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.А.(24) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 13.02.2026, полициски службеници извршиле преглед над едно лице, при што бил пронајден и одземен кокаин, кој го набавил од пријавениот.

 

СВР Тетово поднесе известување против двајца малолетници од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. 13.03.2026 во двор на средно училиште во Тетово, пријавените физички го нападнале М.А..

 

На 13.05.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје, А.Ј.(43) од с.Студеничани, скопско, пријави дека на 12.05.2026 околу 09:30 часот пред основно училиште на подрачјето на општина Студеничани, неговиот 14-годишен син бил физички нападнат од неколку малолетници, кои ги познавал и кои го снимиле настанот со мобилен телефон, а потоа го објавиле на социјална мрежа. За настанот е известен јавен обвинител и инспектор за малолетници. Се преземат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.05.2026 во 12:30 часот во СВР Скопје, 35-годишна жена од Скопје пријави дека во  периодот од март 2026 до денот на пријавата, нејзината 12-годишна ќерка под закана преку мобилна апликација испраќала експлицитни фотографии и видеа на малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ѓ.М.(37) и Е.И.(36), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“. На 06.05.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на второпријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага, која ја набавил од првопријавениот.

 

На 13.05.2026 во 10:22 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 10:10 часот настанал пожар во продажен објект  на ул.„Серава“ во Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и други две лица пожарот бил изгаснат, при што едно од лицата вдишало чад и било пренесено во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување на лекарска помош.

 

На 13.05.2026 во 23:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа С.С.С.(22) од Кралството Холандија, постапувајќи по претходна пријава дека во 23:35 часот на подрачјето на Центар се однесувал непристојно и го нарушил јавниот ред и мир. По целосно документирање  на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.05.2026 во 13:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода 86-годишниот Д.Т. од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 11:15 часот во парк на подрачјето на Ѓорче Петров се однесувал непристојно кон 15-годишна малолетничка и барал да го допира по телото. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Л.Г.(19) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 08.05.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пушка, куршуми и марихуана.

 

На  13.05.2026 во 22:10 часот во СВР Скопје, С.Е. (52) од Скопје пријави дека околу 20:50 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје две лица на неговиот 13-годишен син му одзеле дуксер и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.05.2026 во 15:50 часот во СВР Скопје, А.Б.(18) од Скопје пријави дека околу 15:50 часот на работното место како касиер во продажен објект на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице.

 

На 13.05.2026 во 13:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.А.(35) и З.Р.(33), двајцата од с.Студеничани, скопско, постапувајќи по претходна пријава од 68-годишен маж од Скопје дека во периодот од декември 2025 до 09.05.2026 со закана му одзеле парични средства. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 13.05.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, 47-годишна жена од Скопје пријави дека во периодот од 04.05.2026 до 06.05.2026 таа и нејзиниот татко биле измамени од две лица за 152.000 денари. Според пријавеното, таа преку социјална мрежа и телефонски  стапила во контакт со едно женско лице и едно машко лице, кои биле и дома кај неа и ветиле дека ќе ја вработат во некоја од државните институции, за што во неколку наврати оштетените им дале пари. Но, бидејќи 47-годишната жена не добила вработување, случајот го пријавила во полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.05.2026 во 00:30 часот на автопатот Скопје-Гевгелија, кај наплатната станица   „Смоквица“, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица сопреле патничко возило „шкода“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(35) од Битола. При преземени мерки и при извршен преглед  во возилото биле пронајдени три лица од Бангладеш, со привремен престој во државата.  Возачот Д.М. е лишен од слобода поради сторено кривично дело „вршење јавен превоз без лиценца“ и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. За настанот е известен јавен обвинител.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ј.(45) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“ На 16.07.2025 пред угостителски објект, пријавениот со остар предмет упатил закани на двајца малолетници.

Мени за пристапност