Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 13.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.П.(68) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.04.2026, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „сеат“, кое пријавениот го управувал и при преглед кај него бил пронајден и одземен кокаин.

 

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Т.С.(49) од с.Град, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ и „незаконит лов“. На 22.01.2026 во атар на с.Град, за време на ловостој, пријавениот бил затекнат со ловечка пушка за која не поседува дозвола.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Б.(59) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 16.03.2026, пријавениот со остар предмет упатил закани кон Б.М., кој бил на работното место во приватна фирма.

 

На 12/13.05.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Н.Ч.(32) и М.С.(20), двајцата од Скопје и Ј.М.(26) с.Студеничани, скопско, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 12.05.2026 во 11:15 часот во Полициската станица Кочани, од Итна медицинска помош Кочани е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди  бил донесен В.Б.(50) од с.Соколарци, општина Чешиново - Облешево. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни  работи за фирма од Кочани, односно при пад од висина. Поради сериозноста на повредите В.Б. бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ – Скопје за понатамошно лекување. По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршиле увидна екипа на ОВР Кочани во содејство со инспектор за безбедност и здравје при работа и инспектор за работни односи.  

 

На 12.05.2026 во 13:05 часот на Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници го лишија од слобода В.К.(86) од Косово, затоа што при гранична контрола, во неговиот куфер била пронајдена и одземена пиштолска муниција. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На 12.05.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Боца Иванова“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „дачиа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С.(46) од Куманово и патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Р.(22) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „дачиа“, додека со телесни повреди се здобиле возачот на патничкото возило „сеат“ и неговиот сопатник Б.М.(24) од Скопје, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 12.05.2026 во 15:00 часот на ул.„Черења“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода Е.М.(31) од Штип затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.05.2026 во 00:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Васил Ѓорѓов“ и ул.„Народен Фронт“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „дачиа“ со италијански национални ознаки, управувано од Џ.Ч.(27) од Италија, со привремен престој во Скопје и мотоцикл „кавасаки“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Х.А.(23) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, додека со телесни повреди се здобиле возачот на патничкото возило „дачиа“ и неговиот сопатник И.А.(27) од Скопје, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје и  Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски“ Скопје. По наредба на јавен обвинител, Џ.Ч. е лишен од слобода во врска со член 300 од Кривичниот законик. Увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 12.05.2026 во 12:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локален пат на Водно, полицискиот службеник М.Т.(32) од с.Радишани, скопско, управувајќи мотоцикл „хонда“, сопственост на МВР, обидувајќи се да избегне лисица што излегла на патот, изгубил контрола и паднал. Притоа, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

 

 

 

 

На 12.05.2026 П.В. пријави во СВР Скопје  дека на ул. „Јуриј Гагарин“ е забележано животно што наликува на волк. По добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје излегле на посочената локација и во координација со стручни служби од Зоолошката градина и Град Скопје, животното е заловено и безбедно транспортирано до Зоолошката градина во Скопје.

 

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против П.Г.(29) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 14.04.2026 во семејниот дом во Кочани, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ј.К.(33) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање на промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘. На 08.03.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.К.(36) од с.Габрово поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 01.05.2026, пријавениот во угостителски објект го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон вработените и гостите, физички го нападнал С.Т.(25), а потоа физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија.

 

На 12.05.2026 во 10:00 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиja од слобода Н.Т.(28) од с.Порој, тетовско, кој бил баран по судска наредба за издржување казна затвор за сторено кривично дело по член 133 од Кривичниот законик. Н.Т. е спроведен во Казнено– поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.

 

На 12.05.2026 околу 19:30 часот во СВР Струмица е пријавено дека на регионалниот пат Струмица-с.Баница, патничко возило „пежо“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Т.(60) од Струмица, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Медицински центар Струмица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица.

 

На 12.05.2026 во 20:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Л.А.М.Б.(46), постапувајќи по претходна пријава дека околу 20:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Центар во Скопје физички ја нападнал неговата 45-годишна сопруга.  По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 12.05.2026 во 16:15 часот во СВР Скопје, од Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ - Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди била донесена С.Д.(47) од Скопје. Според пријавеното, таа се здобила со повредите при пад во шахта на бул.„Партизански одреди“ во Скопје. Извршен е увид.

 

На 12.05.2026 во 21:30 часот во Полициската станица Аеродром во Скопје е извршен службен разговор со С.Ф.(62) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од Т.Д.(53) од Скопје, дека во 17:00 часот на подрачјето на општина Аеродром физички го нападнал. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 12.05.2026 во 21:40 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го приведоа З.Н.(55) од Кавадарци поради основи на сомнение дека во продажен објект во Кавадарци извршил кривично дело „кражба“. Дел од одземеното било пронајдено и ќе биде вратено на сопственикот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 12.05.2026 во 16:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.Љ.(43), Х.Л.(39) и малолетник, сите од Скопје, затоа што физички нападнале полициски службеници додека извршувале службени дејствија на подрачјето на Бит Пазар.  По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 13.05.2026 во 01:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ј.Ј.(44) и Џ.И.(32), двајцата од Скопје, затоа што претходно на подрачјето на Кисела Вода физички нападнале полициски службеници додека извршувале службени дејствија, при што се обиделе да употребат и тврд предмет, но биле спречени. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 12.05.2026 во 10:00 часот во СВР Скопје, А.Д.(49) од с.Инџиково, скопско, пријави дека на 11.05.2026 околу 04:20 часот во помошната просторија од неговата куќа настанал пожар. Тој и сопругата го изгасиле пожарот. Повредени лица нема и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

 

 

 

Мени за пристапност