ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против А.Ѓ.(33) од с.Ваташа, кавадаречко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори и ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 26.06.2025 полициски службеници извршиле претрес во домот каде престојува пријавениот, при што се пронајдени и одземени кокаин и куршуми калибар 9 мм.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против 19-годишник од тетовско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 09.08.2025 во семејниот дом, пријавениот физички ги нападнал двете негови сестри, од кои едната е малолетничка.
ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против М.Т.(63) од Росоман поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи". Пријавената, без дозвола од надлежен државен орган, во својот дом во Росоман држела ловечки карабин ,,сувенир” М-92, ловечка пушка ,,застава” кал.16 мм и куршуми различен калибар.
На 12/13.10.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Л.О.(20), Е.Ј.М.(40), Д.Ф.(25), Д.С.(18), Е.П.(20), Д.Т.(24), Р.М.(27), С.В.(25), А.С.(35), сите од Скопје и Ш.Н.(36) и А.В.(34), двајцата од Велес, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, бела грутчеста материја, кафеава материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 12.10.2025 е пријавено дека околу 14:15 часот на експресниот пат Штип-Велес се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген пасат“ со штипски регистарски ознаки, управувано од М.Н.(72) од Штип и патничко возило „фолксваген голф“ со струмички регистарски ознаки, управувано од М.Ј.(18) од Струмица. Од здобиените повреди на местото на настанот починал возачот на возилото ,,пасат“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Возачот на возилото ,,голф" се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Велес. Увид изврши јавен обвинител во содејство на екипа од СВР Велес, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.
На 12.10.2025 во 17:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Максуд Садик“ во Скопје, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 24-годишната А.А. од Скопје, удрило во седумгодишно дете-пешак од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобило детето, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против М.С.(19) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „вонбрачен живот со дете“ по член 197 од Кривичниот законик. На 02.09.2025, по претходен договор со малолетничката, тој со возило ја земал од едно струшко село и ја однел во неговиот дом во Кавадарци. Откако настанот бил пријавен од родител на малолетничката, преземени се мерки во соработка со Центарот за социјални работи од Кавадарци и малолетничката е вратена во нејзиниот дом.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против С.Ш.(44) од дебарското село Могорче поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик. Тој, на катастарска парцела во државна сопственост во атарот на истото село, неовластено изградил бетонски ѕидови со цел владение на тој простор, при што противправно се стекнал со имотна корист.
На 12.10.2025 во 20:30 часот на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 39-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 42-годишна сопруга дека во семејниот дом, физички ги нападнал неа и нивната малолетна ќерка, при што употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 12.10.2025 во 21:59 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу К.Г.(72) и В.Н.(29), двајцата од Скопје, при што К.Г. со остар предмет упатувал закани. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.