На 11/12.10.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.И.(49), Ѓ.П.(30), Љ.Ш.(40), А.Х.(34), Е.Н.(40), С.Х.(23), М.К.П.(38), Н.М.(32), Г.П.(35), Џ.И.(30), сите од Скопје, П.М.(24) од с.Брњарци, скопско и К.С.(23) од Охрид, со престој во Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана, семки од марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 11.10.2025 во 13:30 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на локалниот пат с.Чегране-с.Корито, гостиварско, патничко возило „фолксваген голф“, управувано од Л.М.(26) од с.Форино, гостиварско, излетало од патот. Од здобиените повреди, возачот починал на местото, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Гостивар и јавен обвинител по чија наредба телото на починатиот е дадено на обдукција.
На 11.10.2025 во 14:20 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на земјен пат кај с.Оризари, кочанско, кај местото викано „Лозата“, 35-годишниот Д.Б. од с.Градец, виничко, управувајќи мотоцикл „хонда“ излетал од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Кочани.
На 11.10.2025 околу 23:10 часот во ОВР Неготино е пријавено дека на автопатот Демир Капија-Неготино, кај место викано „Јела“, патничко возило “хонда“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 32-годишната И.П. од Куманово, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила нејзината сопатничка В.П.(58) од Куманово и малолетен сопатник од Скопје, додека со телесни повреди возачот И.П., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје и Општа болница Кавадарци. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на ОВР Неготино.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Џ.К.(38) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во 2024 и 2025 година, пријавениот неовластено набавувал кокаин и го препродавал на корисници во Битола и Ресен. Продажбата ја организирал телефонски или на социјални мрежи.
На 11.10.2025 во 07:00 часот на Граничен премин Богородица, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Г.И.(41) од Грција затоа што при гранична контрола е констатирано дека евидира во системот со мерка „апси“ по барање на Интерпол Романија. Лицето е предадено на полициски службеници од Полициска станица Гевгелија за понатамошна постапка.
На 11.10.2025 во 12:00 часот во ОВР Ресен, К.П. од Битола пријавил дека на брегот на Преспанското езеро, после Отешево, пронашол неексплодирана граната. Пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола безбедно ја подигнал гранатата и констатирал дека се работи за артилериска граната со калибар 75мм од Првата светска војна.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.А.(18) и против малолетник, двајцата од струшкото село Франгово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 07.10.2025 во помошна просторија во каменолом во струшкото село Долна Белица, пријавените физички и со остар предмет го нападнале Ф.Р.(60) од истото село, вработен како чувар во каменоломот.
На 11.10.2025 околу 10:00 часот во СВР Скопје, А.Р.(76) од с.Мршевци, скопско, пријави дека во село Мршевци бил физички нападнат од Ј.Ц., кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе следува соодветна пријава.
На 11.10.2025 во 11:32 часот во СВР Скопје, Л.А.(58) од Скопје пријави дека на 04.10.2025 околу 21:30 часот на паркинг просторот на подрачјето на Карпош во Скопје, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од три лица, од кои едниот му го оштетил патничкото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 11.10.2025 во 15:45 часот во Полициската станица Драчево во Скопје извршен е службен разговор со Б.М.(48), постапувајќи по претходна пријава дека околу 11:50 часот во с.Батинци, кај место викано „Дрешничка река“, физички го нападнал И.Р.(35) од с.Студеничани, вработен во општина Студеничани, кој извршувал работни задачи. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.