Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 14.10.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Б.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 06.05.2025 полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „форд“, управувано од пријавениот М.Б., при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Д.С.(40) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,спречување на службено лице во вршење службено дејствие“. На 08.03.2025 полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „фолксваген голф“, во кое Д.С. бил сопатник, при што агресивно се однесувал и ги попречувал полициските службеници во извршување на службените дејствија.

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.Џ.(26) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 27.07.2025, пријавениот испукал еден куршум од возило „фолксваген голф“ во движење. Додека, подоцна, при претрес во домот и просториите каде престојува, пронајдени и одземени се пиштол „црвена застава“ М-57, пиштол АГ-9 и пиротехнички средства.     

 

На 13.10.2025 во 08:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од бул.„8 Септември“ и сервисна улица во Скопје се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.К.(35) од Скопје и велосипед управуван од С.Ј.(66) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 13.10.2025 во 15:30 часот во СВР Струмица е пријавено дека во с.Зубово, струмичко, 83-годишниот К.С. од с.Зубово, управувајќи мотоцикл „хонда“ со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Медицинскиот центар Струмица. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Струмица.

 

На 13.10.2025 во 06:58 часот во СВР Штип е пријавено дека на експресниот пат Три Чешми-Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со кратовски регистарски ознаки, управувано од Д.Е.(44) од Кратово и патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Б.(32) од Р. Турција, со привремен престој во Скопје. Во несреќата со повреди се здобиле возачот В.Б. и неговите сопатници Ф.А.(27) од с.Долно Коњари и Б.Б.(30) од с.Средно Коњари, општина Петровец, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Штип.

 

 

На 13.10.2025 во 20:15 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници ги лишиле од слобода И.Л.(26) и Р.Д.(67), двајцата од Кратово, затоа што при извршена гранична контрола е констатирано дека во патничкото возило „фолксваген“ кое го управувал И.Л, а сопатник бил Р.Д., превезувале стока без платена царина. Лицата се предадени на полициски службеници од СВР Куманово и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против К.Ц.(60) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ по член 244 и „узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик. Тој, во текот на јуни оваа година, на катастарска парцела во државна сопственост кај месноста „Бадеми“ покрај брегот на Дебарското езеро, без одобрение за градба и спротивно на Законот на градење, неовластено изградил објект во вкупна површина од 88.40 метри квадратни.  

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Ф.(47) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 08.06.2025, полициски службеници извршиле преглед на личен багаж на пријавениот, при што се пронајдени и одземени 546 таблети алпразолам.

 

На 13.10.2025 во 09:57 часот во СВР Битола е пријавено дека во с.Крклино, битолско,  пронајдена е стара граната. Од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување Битола гранатата е безбедно подигната и констатирано е дека се работи за граната од Првата светска војна со калибар 105мм.

 

На 13.10.2025 во 10:00 часот во СВР Скопје, 35-годишен маж од Куманово пријави дека бил измамен од две лица за сума од 1.110.000 денари. Според пријавеното, лицата го контактирале  на мобилни апликации, претставувајќи се како сопственици на градежни машини, за кои  пријавителот бил заинтересиран да ги купи. Како што е пријавено, откако се договориле, тој по насоки од едното лице ги предал парите на другото лице на каса прими на приватен субјект, а откако го контактирал лицето за да ги подигне машините тој му рекол дека работи сам и дека парите требало да ги уплати на негова сметка. Исто така, според пријавеното, истите машини ги видел пуштени на оглас за продажба, по што сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 14.10.2025 во 01:25 часот во СВР Скопје, 18- годишна девојка пријави дека на подрачјето на Ѓорче Петров била физички нападната од нејзиниот 19-годишен партнер од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.10.2025 во 12:15 часот во СВР Скопје, З.М.(72) од Скопје пријави дека околу 10:30 часот во продажен објект на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.10.2025 во 19:30 часот во СВР Скопје, В.С.(38) од Скопје пријави дека околу 15:20 часот на подрачјето на Чаир, бил физички нападнат од неговиот сосед А.„Н“. и други две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 12.10.2025 во 17:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Визбегово, скопско, по претходно меѓусебно нетрпение, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 16 и 17- годишник од една страна и О.В.(19), сите од Скопје, од друга страна. По целосно расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 14.10.2025 во 00:30 часот во Полициската станица Бит Пазар од Центарот за социјални работи е пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар, едно лице извршило обљуба врз малолетен штитеник на центарот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.10.2025 околу 11:30 часот во Полициската станица Шуто Оризари, У.Ф.(54) од Скопје пријави дека од домот се оддалечил Н.С.(13), кој со решение му е доделен на згрижување. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 14.10.2025 во 00:00 часот  во Полициската станица Драчево,  С.А.(50) од Скопје пријави дека од домот се оддалечила неговата ќерка Ф.А.(16). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 13.10.2025 во 12:45 на улица „7 Септември“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода М.Ј.(42) од Кавадарци поради основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“. Според пријавеното, тој на улица „Тиквешко востание“ во Кавадарци физички го нападнал Ѓ.Т.(18) од Неготино и му го одзел мобилниот телефон. М.Ј. е приведен во полициска станица, а телефонот бил пронајден и вратен на сопственикот. Известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против М.Ј. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 14.10.2025 во 00:35 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Р.Џ.М.(18) од Куманово. Тој бил затекнат додека во угостителски објект на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово одземал предмети. Лицето е приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

Мени за пристапност