Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 13.01.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи  Гостивар поднесе кривична  пријава против А.И.(23) од с. Дебреше, гостиварско и Ј.Х.(27) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори‘‘. На 11.08.2025 на паркинг простор пред угостителски објект на магистралниот пат Гостивар-Кичево, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, при што кај пријавените била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Е.М.(37) од Германија, со место на живеење во Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување исправа“. На 01.12.2025 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана германска возачка дозвола.

 

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против А.Д.(69) од с.Росоман, кавадаречко,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. Пријавениот во својот дом без дозвола поседувал два ловни карабина, цевка и дрвен кундак од ловен карабин и 160 парчиња муниција од различен калибар.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.Р.(21) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 14.09.2025  на плоштадот „Нова Југославија“ во Куманово, пријавениот со остар предмет го нападнал А.Д.(18) од Куманово.

 

На 12.01.2026 во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Г.Г.(36) од Скопје затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против М.М.(19) од с.Подгорци, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 06.05.2025  во с.Подгорци, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

На 12.01.2026 во 12:30 часот во СВР Охрид е пријавено дека околу 10:00 часот на крстосница од бул.„Туристичка“ и ул.„Караорман“ во Охрид, патничко возило „опел астра“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ф.(52) од с.Велгошти, охридско, удрило во 83-годишната П.М. од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила П.М., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.А.(42) од Тетово и Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт „Ски центар Попова Шапка“ - Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 05.03.2025 на скијачка патека, пријавениот А.А. - вработен во Ски центарот, не укажал на можни последици од неисправност на ски лифтот на лице кое сакало да го користи, при што лицето било удрено и се здобило со повреди.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Б.(35) од с. Стримница, општина Желино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „загрозување на сигурноста“.  На 02.01.2026 пријавениот во објект на општина Желино им упатувал закани на двајца вработени во општината, откако претходно побарал прием кај градоначалникот, а тој  во моментот не се наоѓал во зградата. 

 

На 12.01.2026 во 15:45 часот во СВР Охрид е пријавено дека нa крстосница од ул.„АСНОМ“ со ул.„Галичица“ во Охрид, патничко возило „пежо“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Н.С.(51) од Охрид, удрило во канделабра во обид да избегне судир со патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 23-годишната С.М. од с.Лескоец. охридско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Н.С., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид.

 

На 12.01.2026 во 11:30 часот во СВР Тетово, 70-годишен маж од тетовско село пријави дека тој и неговиот брат биле измамени за сума од 15.000 евра од Л.„Н“ од Тетово. Според пријавеното,  во текот на 2024 година лицето му понудило нему и на неговиот брат дека може да им помогне да примаат пензија од странска држава бидејќи двајцата имале остварено работен стаж. Како што е пријавено, тој во неколку наврати им ги барал парите како депозит,  за што и двајцата потпишувале бланко листови хартија, бланко полномошно и непополнети уплатници, со цел побрзо да остварат право на пензија. После некое време, откако не била завршена работата, сфатиле дека биле измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против 57-годишник од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „задоволување на полови страсти пред друг“ и „силување на дете кое нема наполнето 15 години“  и  против 40-годишник од неготинско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „задоволување на полови страсти пред друг“. Имено, во стан во Неготино тие имале полов однос во присуство на други лица, меѓу кои и 15-годишен малолетник, кој направил видео запис кој подоцна бил достапен на повеќе лица. Исто така, постојат основи на сомнение дека 57-годишникот во октомври 2025 година вршел други полови дејствија со малолетникот, кој тогаш бил на возраст од 14 години, а за тоа му давал пари.

 

ОВР Кавадарци поднесе кривична пријава против 44-годишник од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „силување на дете кое нема наполнето 15 години“. Пријавениот, во два наврати во домот каде престојувал, ја допирал по телото неговата 13-годишна ќерка.

 

На 12.01.2026 во 20:57 часот во СВР Скопје, 36-годишна жена пријави дека на 07/08.01.2026 во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг А.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 12.01.2026 во 20:20 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.А.(35) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 19:30 часот со други лица влегол во дворот од семејната куќа на 41-годишен маж, по што му упатувал закани  и оштетил предмети во дворот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 12.01.2026 во 19:45 часот во Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Р.Ќ.(32) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 08.01.2026 на подрачјето на Центар во неговото возило физички ја нападнал неговата 34-годишна вонбрачна партнерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 13.01.2026 во 01:50 часот во СВР Скопје, З.С.(34) од Скопје пријави дека на 12.01.2026 околу 22:10 часот пред спортска обложувалница на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Г.„Н“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 13.01.2026 во 00:10 часoт во СВР Скопје е пријавено дека во угостителски објект во  населбата Илинден, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.М.(27) од с.Марино, општина Илинден и А.М.(25) од с.Миладиновци, општина Илинден. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 12.01.2026 во 18:00 часот во СВР Скопје, 43-годишен маж од скопско пријави дека околу 15:00 часот на подрачјето на Центар едно лице насилно го извлекло од неговото возило, му упатувало закани и му го оштетило возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 12.01.2026 во 19:00 часот во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија е пријавено дека во периодот од 11:00 до 15:00 часот на 12.01.2026, од железен мост на реката Зуица во близина на регионалниот пат Прдејци - Смоквица, со употреба на алат и физичка сила се пресечени и уништени три типа на кабли преку кои се одвива контролата и командите за сигнално - сигурносните уреди за одвивање на железничкиот сообраќај. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.

 

Мени за пристапност