Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 11.08.2026

Извадок на дел од дневните настани 11.08.2026

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривични пријави против В.В.(34) од с.Жировница, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори” и против Е.В.(30) од с.Жировница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 06.08.2026 во с.Жировница, полициски службеници извршиле преглед кај првопријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин. Додека, второпријавениот физички нападнал полициски службеник кој преземал службени дејствија.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Д.П.(39) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На место викано „Ормане“ во атар на Берово, полициски службеници извршиле претрес на помошен објект, сопственост на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени ловечка пушка „бајкал“ калибар  16 мм, ловечка муниција, куршуми и разновидни пиротехнички средства.      

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.М.(31) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 03.08.2026 во семејниот дом, пријавениот се обидел со остар предмет да го нападне неговиот татко и притоа му упатувал закани.

 

На 10/11.08.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода В.П.(42) и Б.С.(22), двајцата од Скопје, како и Т.Б.(21) од Струмица затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и бела грутчеста материја. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 10.08.2026 во ОВР Свети Николе е пријавено дека околу 16:00 часот на ул.„Карпошева“ во Свети Николе, М.С.(63) од Свети Николе, управувајќи мопед „сузуки“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал со мопедот. Во несреќата, М.С. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница во Штип. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип - ОВР Свети Николе.

 

Денеска (11.08.2026) во 02:00 часот во Делчево, полициски службеници од ОВР Делчево го лишија од слобода А.И.(48) од Делчево. При сообраќајна контрола на ул.„Методи Митевски Брицо“ во Делчево, полициските службеници сопреле патничко возило  „волво“ со швајцарски национални ознаки, при што било констатирано дека А.И. возел под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,58 промили во крвта. За настанот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 11.08.2026 во 01:05 часот, полициски од ОВР Дебар ги приведоа С.З.(28) од с.Требиште, општина Маврово и Ростуше, Н.И.(24) од с.Требиште и А.Б.(34) од с.Жировница, општина Маврово и Ростуше. При преглед во паркирано патничко возило „алфа ромео“ во близина на Дебарското езеро, биле пронајдени и одземени кафеава материја и други предмети. Со лицата е извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 11.08.2026 во 00:30 часот во с.Сарај, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Х.Ѓ.(19) од с.Сарај. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Х.Ѓ. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

Денеска (11.08.2026)  во 03:30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода О.В.(19). При сообраќајна контрола на бул.„Филип Втори Македонски“, полициските службеници сопреле патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека О.В. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 10.08.2026 во ОВР Свети Николе е пријавено дека околу 18:00 часот на ул.„23 Октомври“ во Свети Николе, Д.П.Ј.(42) од Свети Николе, управувајќи мопед со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал со мопедот. Во несреќата, Д.П.Ј. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Штип. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип - ОВР Свети Николе.

 

На 10.08.2026 во 20:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Т.Ј.(32) од с.Батинци, скопско. При сообраќајна контрола на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, полициските службеници сопреле патничко возило  „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Т.Ј. возел под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,77 промили во крвта. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 11.08.2026 во 01:51 часот во СВР Струмица е пријавено дека на ул.„Младинска“ во Струмица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат 500“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Ј.М.В. од с.Просениково, струмичко и мотоцикл управуван од 17-годишен малолетник од Струмица. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 17-годишникот, додека со телесни повреди се здобил малолетен сопатник на мотоциклот, констатирани во Медицински центар Струмица. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Струмица.

 

На 10.08.2026 во 13:15 часот во с.Драчево, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Н.А.(31) од с.Горно Количани, скопско. При сообраќајна контрола на ул.„Живко Фирфов“, полициските службеници сопреле патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Н.А. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 10.08.2026 во 16:55 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Адем Демачи“ во Скопје, патничко возило удрило во 16-годишен малолетник од Скопје, кој туркал електричен тротинет, по што возилото го напуштило местото. Притоа, малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот и пронаоѓање на возилото и возачот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Ф.С.(19) од с.Смојмирово, беровско, М.Л.(19) од Берово, Ј.К.(19) од с.Робово, пехчевско, Г.П.(19) и Ф.Ѓ.(22), двајцата од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во тепачка“. На 07.06.2026 во Пробиштип, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу пријавените.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.М.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“ во врска со кривично дело „кражба“. На 03.03.2026 во СВР Тетово, пријавениот лажно пријавил дека на 01.03.2026 во неговиот дом, неговите дедо и баба одзеле парични средства во износ од околу 3.500.000 денари.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово и О.Ј.(43) од с.Слатино, тетовско, вработен во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволена наплата или исплата во ефективни странски пари". На 17.04.2026, полициски службеници извршиле контрола во правното лице, каде бил затекнат второпријавениот, при што во касата биле пронајдени странски банкноти.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против И.С.Б.(66) од с.Баниште, дебарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2025 и 2026 година, на дел од катастарски парцели во катастарска општина Баниште, пријавениот на државно земјиште изградил ограден ѕид со настрешница, без претходно решение за поставување издадено од надлежен орган.  

 

На 10.08.2026 во 18:10 часот во Регионалниот центар за гранични работи Запад - Охрид, А.С. од Охрид пријави дека во водите на Охридското Езеро, во близина на хотел во Пештани, била пронајдена бомба. Известена е Дирекцијата за заштита и спасување за подигнување на експлозивната направа.

 

На 10.08.2026 во ОВР Радовиш е пријавено дека во 16:20 часот на регионален пат од с.Ињево кон Радовиш, на место викано Горен пат, товарно возило „фиат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Н.Н.(21) од село Ињево, радовишко, излетало надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.Ј.(22) од село Воиславци, радовишко, констатирани во Клиничката болница во Штип, а со телесни повреди се здобил возачот Н.Н. Увид на местото на несреќата изврши екипа на ОВР Радовиш.

 

На 10.08.2026 во 16:45 часот во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода С.М.(46) од гостиварско село, постапувајќи по претходна пријава дека околу 11:30 часот во деловен објект во Гостивар физички ја нападнал неговата 47-годишна сопруга и ѝ упатувал закани. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 10.08.2026 околу 05:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.И.(47) и Л.Ѓ.(45), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 11.08.2026 во 02:40 часот во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода И.С.(32) од Кавадарци. При сообраќајна контрола на улица „Браќа Џунови“ во Кавадарци било сопрено патничко возило „југо“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од И.С. и по преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека возилото го управувал пред да се стекне со право на управување и под дејство на алкохол, односно измерени му биле 1,90 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, возилото било одземено и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 10.08.2026 во 15:30 часот, полициски службеници од ОВР  Гостивар ја лишија од слобода А.П.(30), постапувајќи по претходна пријава  од нејзиниот 62-годишен татко од Гостивар, дека физички го нападнала, при што употребила и дрвен предмет и му нанела повреди. А.П. е задржана во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 10.08.2026 во 22:10 часот во СВР Скопје, И.С.(50) од Скопје пријави дека околу 20:00 часот на подрачјето на Бутел, нејзиниот 17-годишен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.08.2026 во 20:30 часот во Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода Д.С.(47) од Богданци. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле мопед со гевгелиски регистарски ознаки, кој го управувал Д.С. и по преземени мерки било констатирано дека го управува без да поседува возачка дозвола. Мопедот е одземен, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик- „безобѕирно управување со моторно возило”.

 

На 10.08.2026 во 22:35 часот, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш ја лишија од слобода Р.Ј.Н.(46) со престој во Радовиш. Според пријавеното, таа во куќата во која престојува во Радовиш физички ја нападнала нејзината 72-годишна мајка. Лицето е задржано во Полициската станица Радовиш, за настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 10.08.2026 околу 20:00 часот во СВР Скопје, Р.Е.(23) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од Х.М.(19) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 11.08.2026 во 04:00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ш.С.(49) од Куманово затоа што физички ја нападнал неговата 47 - годишна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Н.В.(32) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 13.05.2026 во дворно место на комплекс во сопственост на правно лице во беровско, С.Ј.(55) од Виница била нападната од куче, кое не било соодветно обезбедено.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.С.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 30.07.2026 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што бил пронајден и одземен амфетамин.   

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.К.(38) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторени кривична дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. На 30.04.2026 во семејниот дом, пријавениот упатувал закани и физички ја нападнал неговата сопруга.

 

На 11.08.2026 во 01:50 часот во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишија од слобода Д.Н.(37), постапувајќи по претходна пријава дека на 10.08.2026 околу 23:30 часот во семејниот дом, под дејство на алкохол, оштетил дел од покуќнината и се заканувал на членови на семејството. За настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 10.08.2026 во 11:30 часот во СВР Штип, 51-годишен маж од Штип пријави дека околу 03:00 часот во семејниот дом, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот син А.И., кој употребил и тврд предмет. За настанот е известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 11.08.2026 во 00:50 часот во СВР Скопје, И.Р.(33) од скопско, пријави дека околу 00:30 часот на локалниот пат с.Рашче- с.Сарај, скопско, додека управувал патничко возило, бил сопрен од две лица кои со закана со огнено оружје од него и неговиот син одзеле мобилни телефони, пари, и други лични работи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 10.08.2026 во 23:20 часот на подрачјето на Драчево во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Р.С.(63), Б.С.(37), Б.А.(20), О.С.(41), Н.С.(21) и Ѓ.С.(33), сите од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 22:30 часот го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка во која биле употребени и тврди предмети, при што била нанесена расекотина на 16-годишник, кој учествувал во пресметката. Откако пристигнале полициски службеници, еден од учесниците со тврд предмет нападнал еден полициски службеник. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави. 

               

На 10.08.2026 во 23:45 часот во СВР Скопје, О.Д.(24) од Скопје пријави дека на подрачјето на Драчево со тврд предмет бил нападнат од Д.Н.(33) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Мени за пристапност