Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 11.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против П.Ф.(23) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.07.2025 во с.Миравци, гевгелиско, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени МДМА таблети.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.М.(31) од с.Тодоровци, општина Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. Пријавениот  во својот дом неовластено држел ловечка пушка калибар 16 мм и 155 парчиња муниција, без да поседува соодветна дозвола.   

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Д.(32) од село во општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 01.04.2026, пријавениот и упатувал закани на неговата вонбрачна партнерка во нејзиниот дом.

 

На 10.05.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.А.(22), С.А.(18), Ј.К.(47), сите од Скопје и Е.Б.(40) од с.Долно Количани, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 10.05.2026 околу 18:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на град Скопје, клучка Мирковци, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Р.Н. од с.Кондово, скопско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, додека со телесни повреди неговите сопатници С.Н.(40) и тројца малолетници, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

На 10.05.2026 во 09:05 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода С.Д.(30) од Република Грција, затоа што при гранична контрола и извршен преглед на патничко возило со грчка национална ознака, кое С.Д. го управувал, биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. Тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

 

На 10.05.2026 околу 19:00 часот во ОВР Свети Николе е пријавено дека кај место викано „Рудина“ на некатегоризиран пат, 11-годишна малолетничка од Свети Николе, управувајќи велосипед, паднала, при што се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.И.(35) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 14.03.2026, пријавениот упатувал закани кон А.Љ..

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против М.К.(44) од с.Блатец, виничко, поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службени дејствие“. На 10.04.2026 во с.Блатец, пријавениот не постапил по наредби издадени од полициски службеник, го туркал и му упатил закани.  

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Б.(63) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На патниот правец Тетово-Попова Шапка, пријавениот извршил ископ, а поради обилни врнежи од дожд дошло до уривање на дел од земјата, со што е создадена опасност по безбедноста на станбен објект сопственост на Ф.И..

 

На 10.05.2026 во 10:00 часот во село Криволак, неготинско, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиja од слобода И.С.(46) од Криволак. На патниот правец село Криволак-село Пепелиште било сопрено патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски ознаки, управувано од И.С. и при преглед во возилото биле пронајдени и одземени 10 килограми риба, мрежи и гумен чамец поради основи на сомнение за незаконит риболов. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Н.(51) и Ф.Н.(26) од Република  Албанија поради сомнение дека сториле кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 29.04.2026 околу 21:00 часот на Граничен премин „Св.Наум“ на влез во државата, едно лице од Албанија го нарушило  јавниот ред и мир, а кога полициските службеници преземале мерки за негово приведување, пријавените со употреба на физичка сила, туркање и агресивно однесување ги спречувале да преземат службени дејствија.

 

На 10.05.2026 во 11:30 часот во СВР Скопје, И.Љ.(37) од с.Долно Количани, скопско пријави дека на 09.05.2026 околу 12:30 часот во двор од основно училиште во селото, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од М.Ш. од с.Пагаруша, скопско, при што му го оштетил тротинетот. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

 

На 10.05.2026 во 04:00 часот во СВР Скопје, Т.К.(47) од Скопје пријави дека на подрачјето на Центар, нејзината 17-годишна ќерка паднала во отвор за лифт во зграда во изградба и се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

                                      

На 10.05.2026 околу 21:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.Ј.(49) и Д.Ј.(43), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 10.05.2026 во 21:50 часот во СВР Скопје, Г.К.(45) од Скопје пријави дека околу 20:50 часот во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје, неговиот малолетен син бил физички нападнат од А.С.(53) од Скопје. Претходно, А.С. пријавил дека околу 20:00 часот, група на малолетници, со разни предмети фрлале кон неговиот угостителски објект, кој се наоѓал во трговскиот центар. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против 37-годишната И.Б. од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 15.04.2026, пријавената влегла во куќа на жена од Пробиштип, физички ја нападнала и ѝ нанела тешка телесна повреда.

Мени за пристапност