Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 10.11.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Е.М.(38) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие”. На 03.10.2025 во Кратово, пријавената со дрвен предмет се обидела да нападне вработено лице во Јавна установа „Центар за социјални работи”- Кратово, а упатувала и закани кон други вработени во установата, додека извршувале работни задачи.

                   

Регионалниот центар за гранични работи Југ поднесе кривична пријава против Х.А.Н.(28) од Сирија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“ и против Д.Ј.(37) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение за сторени  кривични дела „криумчарење мигранти“ и „фалсификување исправа“. Нa 04.11.2025 првопријавениот, од територијата на Р.Грција прифатил 13 мигранти од Египет, од кои шест се деца, по што илегално ги префрлил на територијата на Република Северна Македонија, од каде требале да бидат прифатени од страна на второпријавениот  со патничко возило „шевролет каптива”.

 

Регионален центар за гранични работи Север поднесe кривична пријава против Г.М.(20) и K.M.(21), двајцата од Република Турција, поради постоење основи на сомнение за сторено „фалсификување исправа“. На 04.11.2025, пријавените на Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје, при обид за излез од државата, приложиле фалсификувани визи на Обединетото Кралство.

 

На 10.11.2025 во 03:00 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Г.(41) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена бела грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 09.11.2025 околу 15:10 часот во СВР Тетово е пријавено дека на локалниот пат с.Гургурница-с.Стенче, тетовско, С.П.(48) од с.Челопек, тетовско, управувајќи четирицикл „поларис“ со швајцарски национални ознаки, изгубил контрола и се превртел на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Тетово.

 

На 09.11.2025 во 18:15 часот во ОВР Струга е пријавено дека на регионалниот пат Струга-Дебар, кај место викано „Лабунишки ливади“, патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ч.(76) од Струга, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Струга.

 

Денеска (10.11.2025) во 03:22 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Батинци, скопско, на место викано „Дрешница“, било опожарено патничко возило „хонда“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н.Р.(43) од с.Црн Врв. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

Денеска (10.11.2025) во 06:10 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 23-годишна жена од Кавадарци. Таа се сомничи дека околу 00:37 часот во семејниот дом физички го нападнала нејзиното шестмесечно бебе, кое е пренесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување на лекарска помош. Се преземаат за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

 

На 09.11.2025 во 12:30 часот во СВР Скопје, 38-годишна жена од Скопје пријави дека на 08.11.2025 околу 00:30 часот била физички нападната од нејзиниот 45-годишен партнер во неговиот дом во скопско, кој употребил и тврд предмет и ѝ се заканувал со огнено оружје. Исто така, во 15:50 часот во СВР Скопје, 45-годишниот маж пријави дека на 08.11.2025 во неговиот дом бил физички нападнат од неговата 38-годишна партнерка, којa фрлала разни предмети кон него, а притоа оштетила дел од поќукнината. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 09.11.2025 во 16:10 часот во СВР Скопје, Д.П.(47) од с.Кадино, општина Илинден, пријави дека на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од Д.Л.(43) од нас.Илинден. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 09.11.2025 во 01:55 часот во СВР Скопје, Ф.С.(27) од Скопје пријави дека на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 09.11.2025 во 23:40 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Ф.Ц.(28) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 09.11.2025 во 01:00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа А.М.(24) од Скопје, затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

Мени за пристапност