Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 08.10.2026

Извадок на дел од дневните настани 08.10.2026

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Н.(20) од с.Палатица, општина Желино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 05.10.2026 во с.Палатица, полициски службеници од пријавениот одзеле 15 пакувања со марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ќ.С.(59) од Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 05 и 07 јули 2026 година во семејната куќа, пријавениот физички ја нападнал својата сопруга.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.В.(45) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 18.07.2025 на ул.„Партизански одреди“ во Охрид, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(49) од Злетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 05.08.2026, пријавениот физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка. 

 

На 07.10.2026 на подрачјата на Бит Пазар и Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Ц.(34) и Д.Д.(27), двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 07.10.2026 во 21:00 часот, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија ги лишија од слобода А.Ј.(27) и А.А.(43), двајцата од Гевгелија. При преглед во патничко возило со хрватски национални ознаки, во кое се превезувале, полициските службеници пронајдоа и одземаа марихуана и дробилка. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.10.2026 во ОВР Ресен е пријавено дека околу 15:00 часот на магистралниот пат Ресен-Битола, на место викано „Дервен“ на делницата Макази-Ѓавато, Ѓ.К.(38) од Битола, управувајќи мотоцикл со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во заштитната ограда. Во несреќата, Ѓ.К. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола - ОВР Ресен.

 

На 07.10.2026 во 21:30 часот на крстосница од ул. „Скопска“ со ул. „Александар Македонски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Џ.П.(44) од Прилеп. При преглед во патничко возило „опел” со битолски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 07.10.2026 во 00:05 часот во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Г.Н.(47) од Битола, затоа што во семејниот дом во Битола  физички ги нападнал синот, сопругата и братот, при што им нанел повреди. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против В.И.(64), Т.К.(58) и Љ.Л.(60) од Демир Капија и У.У.(55) од село во општина Демир Капија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавените, од 31.07.2026 до 03.08.2026, како вработени во Јавно претпријатие „Национални шуми“, подружница Демир Капија, на работно место чувари на плац во Демир Капија, пропуштиле должен надзор со што дозволиле на сторители да извадат и одземат алуминиумска страница од товарно возило, кое било предмет на кривично дело и било оставено на чување на плацот, со што причиниле материјална штета во висина од 25.000 денари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.П.(45) од Делчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Пријавената во својот дом неовластено држела ловечка пушка „црвена застава“ калибар 12 и муниција, без да поседува соодветна дозвола. 

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Н.Т.(58) од Битола и правно лице од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Првопријавениот, како управител и сопственик на второпријавеното правно лице, во текот на 2024 година не ги водел точно евиденциите на документацијата како даночен обврзник и неправилно и неточно ја пресметувал обврската да плати ДДВ во соодветниот даночен период со вкупен износ од 4.787.025 денари без пресметана камата.

 

На 07.10.2026 во 19:20 часот на кеј „8 Ноември“ во Струга, полициски службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга го лишија од слобода Љ.Т.(45) од Скопје, затоа што при преглед кај него се пронајдени и одземени две пакувања со бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Е.С.(25) од Дебар и против правен субјект – угостителски објект во негова сопственост поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалаци на дете“ по член 204 од Кривичниот законик. На 25.06.2026 околу 00:30 часот во неговиот угостителски објект, пријавениот послужил со алкохолен пијалок малолетник, кој подоцна пред објектот учествувал во физичка пресметка со друг малолетник и се здобил со телесни повреди. E.С. не ја пријавил пресметката.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ш.М. од Куманово и правно лице за производство на канабис за медицински цели од с.Биљановце, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело според член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. На 17.02.2026, при извршена контрола во правното лице, било констатирано дека известувањата за производство на сув цвет од канабис за 2025 година не биле доставени до Министерството за здравство во законскиот рок.

 

На 07.10.2026 во 22:10 часот во СВР Скопје, од Казнено – поправната установа Затвор Идризово е пријавено дека на прозор во установата биле пронајдени три пакувања со прашкаста материја, кои претходно ги оставил осуденикот А.Е.(31). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.10.2026 во 21:00 часот во СВР Скопје, И.М.(25) од Скопје пријави дека околу 19:00 часот на кеј „Димитар Влахов“, едно женско лице со употреба на физичка сила му одзело пари, а потоа едно машко лице му се заканило со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

   

На 07.10.2026 во 10:30 часот во СВР Скопје, Т.Д.(20) од Скопје пријави дека на 06.10.2026 околу 17:30 часот на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, едно лице агресивно се однесувало, се обидело да му ја отвори вратата и удирало по неговото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.10.2026 во 14:30 часот во СВР Скопје, 24-годишна жена пријави дека на 04.10.2026 околу 18:00 часот во домот на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот партнер Д.Ј., кој потоа со остар предмет ѝ нанел расекотини. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.10.2026 во 18:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Радишани бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.К.(36) и Б.Р.(31), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

 

 

 

Мени за пристапност