Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 08.04.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Д.С.(36) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.04.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.  

               

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против Џ.А.(36) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 20.03.2026 во неговиот двор во Виница, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга, при што се обидел да нападне и други лица.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против правно лице за угостителство, производство, трговија и услуги од Свети Николе и Б.К.(34) од Свети Николе, одговорен во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалоци на дете“. На 29.11.2025 во угостителски објект во Свети Николе, пријавениот организирал забава, во која на 14 деца овозможил точење на алкохол.

 

На 07.04.2026 во Скопје, на различни локации,  полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Г.(52), И.П.(42), А.Ф.(28) и Н.К.(19), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и дробилка со остатоци од марихуана. По целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.   

 

На 07.04.2026 во 21:00 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат Гостивар-с.Градец се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.Ш.(38) од с.Врбјани и мотоцикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од С.Б.(23) од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот, констатирани во Ургентен центар Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.

 

На 07.04.2026 во 17:20 часот во СВР Струмица е пријавено дека на делницата од с.Банско до с.Муртино, струмичко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу запрежно возило, управувано од Б.Б.(74) од с.Муртино, струмичко и патничко возило „лада нива“ со струмички регистарски ознаки, управувано од В.К.(52) од с.Банско, струмичко. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Б., констатирани во болницата во Струмица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица.

 

На 07.04.2026 во 15:15 часот во СВР Охрид е пријавно дека на бул.„Туристичка“ во Охрид, 17-годишен малолетник од Франција, управувајќи велосипед, удрил во запрено патничко возило „сузуки“ со охридски регистарски ознаки, претходно управувано од И.Д.(41) од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид. По наредба јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Охрид.

 

На 08.04.2026 во 07:40 часот полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 16-годишник од Куманово. Според пријавеното, на 07.04.2026 околу 22:00 часот на спортско игралиште во близина на спортската сала во Куманово, тој се сретнал со М.Ѓ.(23) од Куманово наводно за да расчистат претходно недоразбирање, а биле присутни уште неколку други лица. Како што е пријавено, М.Ѓ. притоа извадил пиштол и нож, по што бил физички нападнат од малолетникот и бил пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. По целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 07.04.2026 во 12:10 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци извршија службен разговор со Д.Г.(69) од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава дека во село Ваташа, кавадаречко, му се заканувал на Ѓ.А.(31) од Кавадарци, кој во селото извршувал работни задачи за градежна фирма од Кавадарци. Кај Д.Г. бил пронајден и одземен пиштол „Чешка зброевка“.  Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.04.2026 во 16:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода А.Р.(35) од Велес поради основи на сомнение дека од објект во Велес одзел разни предмети. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против А.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 07.04.2026 во 18:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Г.С.(33) од Виница и Е.Т.(32) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 07.04.2026 во 20:10 часот во СВР Скопје, С.М.(48) од Скопје пријави дека на 04.04.2026 кај спортско игралиште на подрачјето на Шуто Оризари неговиот малолетен син бил физички нападнат од С.„Н“.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.04.2026 околу 14:00 часот во СВР Скопје, Р.С.(45) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од О.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.04.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје С.И.(45) од Скопје пријави дека околу 19:00 часот кај спортско игралиште на подрачјето на Шуто Оризари бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 

На 07.04.2026 во 14:08 часот во СВР Скопје, А.Е.(21) од Турција, со престој во Скопје, пријави дека околу 09:00 часот на подрачјето на Чаир, по претходно недоразбирање околу паркинг, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 07.04.2026 во 09:30 часот во СВР Скопје, З.П.(44) од Скопје пријави дека на 06.04.2026 на подрачјето на Карпош, неговата малолетна ќерка била физички нападната од друга малолетничка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против В.Ј. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“ и против А.Л. поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „помагање“ во врска со „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“. На 08.12.2025 околу 23:40 часот В.Ј., на работно место приправник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во ОВР Прилеп, во дворот на семејната куќа испукал два пати од службен пиштол на МВР, задолжен од второпријавениот А.Л., на работно место полицаец во Полициската станица Прилеп, кој претходно му го дал на располагање. Притоа, проектилите завршиле во соба од соседната семејна куќа, а откако на местото пристигнале полициски службеници, првопријавениот со намера да го спречи и отежне докажувањето го земал едниот од испуканите проектили од соседната куќа и го преместил во дворот од својата семејна куќа. Прво и второпријавениот, со намера да го спречат и отежнат докажувањето, со пишани пораки преку телефон се договориле да го негираат настанот во целост. Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место.  

 

Мени за пристапност