Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 07.04.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

На 06.04.2026 во Скопје, на подрачјето на Центар,  полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Д.(22) од Скопје, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.   

 

На 06.04.2026 во 15:25 часот во СВР Куманово е пријавено дека на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во Куманово, товарно возило „фолксваген транспортер“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Љ.Д.(34) од Куманово, удрило во 14-годишно девојче од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетничката, констатирани во Општа болница Куманово. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Д.(31) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.05.2025 на ул.„Васил Главинов“ во Охрид, полициски службеници го затекнале пријавениот со патничко возило „јагуар“, при што тој фрлил пакување со марихуана, кое е пронајдено и одземено. Подоцна, со судска наредба, извршен е и претрес во неговиот дом, при што, исто така, пронајдена е и одземена марихуана.

 

На 06.04.2026 во 11:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во градски автобус на крстосница од ул.„Васил Ѓоргов“ и ул.„Франклин Рузвелт“ во Скопје, паднала 84-годишната патничка Е.Д. од Скопје, која се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 06.04.2026 во СВР Скопје е пријавено дека околу 10:20 часот на подрачјето на општина Аеродром бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Б.(54) и А.Б.(20) од една страна и Р.Р.(42) од друга страна, сите од Скопје, а бил употребен и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.04.2026 во 08:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Е.И.(35) од Куманово затоа што во деловен објект на улица „Доне Божинов“ во Куманово одзел бакарни предмети. Исто така, по добиени сознанија, полициски службеници го лишиле од слобода М.П.(80) од Куманово затоа што вршел откуп на предметите. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.

 

На 06.04.2026 во 09:50 часот во СВР Тетово, 39-годишен маж од Тетово пријави дека бил измамен од З.Ј. од Гостивар за сума од 2.230 евра. Според пријавеното, во текот на февруари 2026 година, преку посредник, стапил во контакт со пријавениот за царинење на мотоцикл од Швајцарија. Како што е пријавено, откако се сретнале во Тетово му ги дал парите, З.Ј. не го исполнил договорот и не му ги вратил парите, при што се посомневал дека е измамен. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 06.04.2026 во 15:10 часот во СВР Тетово, 33-годишен маж од Тетово пријави дека бил измамен од С.Ѓ. од Охрид, вработена во приватна фирма за консталтинг. Според пријавеното, кон крајот на 2024 година стапил во контакт со пријавената за посредување за добивање германска работна виза, при што на 01.11.2024 на сметката на фирмата уплатил 24.520 денари. Како што е пријавено, иако му било ветено дека визата ќе биде готова во рок од три месеци, до денот на пријавувањето работата не била завршена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.04.2026 полициски службеници од ОВР Гостивар во содејство со градежни инспектори од општина Гостивар, извршија увид во с.Форино, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на државно земјиште“ и „бесправно градење“. При контролата, констатирано е дека на местото викано „Рудина“ е започната градба на објект без соодветна документација на земјиште во државна сопственост, а инвеститор е Ш.С.(39) од с.Форино. На местото се затекнати изведувачот Б.Р.(40) и повеќе работници, при што двајца државјани на Република Албанија, Е.О.(33) и Д.О.(49) се приведени поради злоупотреба на туристичкиот престој во државата и се задржани во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка. Привремено се одземени и градежни машини пронајдени на терен. По документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

 

На 06.04.2026 во 21:50 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Ф.И.(36) од с.Вруток, гостиварско. Тој се сомничи дека извршил кривично дело „тешка кражба“ во џамија во с.Мирдита. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 07.04.2026 во 03:00 часот во СВР Скопје, П.Н.(34) од Скопје пријави дека околу 01:30 часот кај Транспортниот центар во Скопје била физички нападната од две женски лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.04.2026 во 17:50 часот во СВР Скопје, Е.Б.(36) од Скопје пријави дека околу 14:00 часот на подрачјето на Гази Баба, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.04.2026 во 15:15 часот во СВР Скопје, од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен З.Ц.(31) од Скопје. Според пријавеното, тој се здобил со поврeдите додека извршувал работни задачи во фирма на подрачјето на Гази Баба. За настанот е известен трудов инспектор.

 

На 05.04.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, Ќ.М.(19) пријави дека во с.Студеничани, скопско, тој, неговата мајка Х.М.(50), неговата сестра Ш.М.(23) и неговата тетка И.М.(55) биле физички нападнати од нивните соседи С.А.(37), И.Р.(45) и С.А.(30). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.04.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје, И.Ј.(50) од Скопје пријави дека на 05.04.2026 на подрачјето на Ѓорче Петров, едно лице со употреба на физичка сила му го одзело мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 06.04.2026 во 13:00 часот во СВР Скопје 42-годишен маж пријави дека околу 08:20 часот на своето работно место како контролор на ЈСП за наплати и билети, во два наврати бил физички нападнат од О.А.(61) и од две други лица. Според пријавеното, тој го затекнал О.А. без билет, кој веднаш почнал да му се заканува, го извлекол од автобусот и физички го нападнал. Како што е пријавено, тој успеал да влезе во друг автобус, но на друга постојка повторно бил нападнат од О.А., кој овојпат бил со уште две лица. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 06.04.2026 околу 17:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 15:30 часот во с.Горно Свиларе, скопско, по претходно меѓусебно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.А. и С.Х. од една страна и И.М. и еден малолетник од друга страна, сите од с.Горно Свиларе. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 06.04.2026 во 17:50 часот во СВР Скопје В.П.(50) од Скопје пријави дека на 27.03.2026 на подрачјето на Ѓорче Петров нејзината малолетна ќерка била физички нападната од неколку малолетнички, а за настанот имало и видео материјал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Мени за пристапност