СВР Скопје поднесе кривична пријава против К.Ч.(51) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ во обид и против М.Ч.(58), Ш.Ч.(22), О.Ч.(23) и Б.М.(35), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „насилство“. На 06.08.2025 во Скопје, пријавените влегле во дворот на Д.Е.(58), каде биле и неговите синови О.Е.(26) и М.Е.(18) од Скопје, физички ги нападнале, при што првопријавениот од пиштол испукал неколку куршуми кон О.Е. и му нанел тешки телесни повреди.
На 05/06.10.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода У.Б.(33) од населба Илинден, Д.Г.(26), Ф.М.(31), З.Т.(23) и М.С.(18), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста материја, прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 05.10.2025 околу 06:30 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на магистралниот пат Кичево-Охрид, над с.Попоец, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „нисан навара“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Б.С.(26) од с.Дрслајца, струшко и патничко возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од А.Б.(50) од с.Грешница, кичевско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „бмв“ Е.Б.(25) од с.Грешница, кичевско, кој бил пренесен во Медицински центар Кичево, каде што починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кичево.
На 05.10.2025 во 16:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница од ул.„Тодор Чангов“ и ул.„43“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл „пиаџо беверли“ со скопски регистарски ознаки, управуван од З.Т.(38) од Скопје и патничко возило „фиат браво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.А.(56) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 05.10.2025 во 17:43 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Никола Тесла”, ул.„Ениџе Вардар” и ул.„Дрвар “во Битола, 17-годишник од Битола, управувајќи мотоцикл „априлија” со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола над мотоциклот и паднал на коловозот. Притоа, малолетникот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид извршила увидна екипа на СВР Битола.
На 05.10.2025 во 14:30 часот на улица „Фуштанска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода С.Б.(27) од Тетово затоа што им се заканувал со пиштол и нож додека извршувале службени дејствија. Од него се одземени пиштол „валтер“ со една рамка и 6 куршуми и нож. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 05.10.2025 во 21:40 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес го лишија од слобода Љ.К.(57) од Скопје. На регионалниот пат Велес-село Извор, кај место викано „Пашин мост“, полициските службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал Љ.К., при што се пронајдени и одземени ловечка пушка „бајкал“ и патрони калибар 12, кои ги поседувал без соодветна документација. Љ.К. е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 06.10.2025 во 02:00 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес ги лишија од слобода А.У.(22) и М.Ј.(22), двајцата од Прилеп. На улица „Благој Ѓорев“ во Велес, полициските службеници извршиле контрола во патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал М.Ј., а сопатник бил А.У., при што кај А.У. се пронајдени и одземени девет банкноти од по 200 евра, за кои постојат основи на сомнение дека се фалсификат. Тие се приведени во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 05.10.2025 во СВР Скопје, Е.Љ. од Скопје пријавила дека од домот се оддалечила нејзината 12-годишна ќерка М.Љ.. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 05.10.2025 во 23:00 часот во СВР Скопје, П.П.(20) пријавил дека околу 02:15 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Б.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.10.2025 во 22:00 часот во СВР Скопје, 50-годишна жена од Скопје пријавилa дека околу 20:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Ѓорче Петров, таа и нејзината 28-годишна ќерка биле физички нападнати од нејзиниот сопруг М.Ќ.(50) од Скопје, а потоа им се заканувал со остар предмет на нив и на 25-годишниот син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.10.2025 во 18:10 часот во Полициската станица Кисела Вода е извршен службен разговор со Д.С.(38) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата 39-годишна поранешна сопруга од Скопје дека околу 12:00 часот во домот на подрачјето на Центар физички ја нападнал. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 05.10.2025 во 15:00 часот во СВР Скопје, К.С.(38) од с.Стајковци, скопско, пријави дека на 04.10.2025 околу 01:00 часот на подрачјето на Центар, додека управувал патничко возило бил попречуван во возењето од друго возило, по што едно лице излегло од возилото и физички го нападнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.10.2025 во 21:30 часот во СВР Скопје, Т.А.(25) од Скопје пријави дека на 04.10.2025 околу 23:15 часот на паркинг простор на бензинска пумпа на подрачјето на Карпош, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.10.2025 во 17:05 часот, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа Д.Н.(33) од Скопје затоа што околу 16:30 часот во спортска обложувалница на подрачјето на Драчево физички го нападнал Б.К.(29) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 05.10.2025 во Полициската станица Центар, С.И.(37) од Скопје пријави дека од домот се оддалечила неговата поранешна сопруга А.А.(36). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Денеска (06.10.2025) околу 07:50 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа М.И.(66) од Скопје, за кој на 05.10.2025 беше пријавено дека се оддалечил од домот.