Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 06.07.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

На 05.07.2026  околу 08:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на општинскиот пат од с.Радуша кон с.Дворце, на местото викано „Сува река“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел зафира“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.Ј.(20) од с.Дворце, скопско, велосипед управуван од К.Ш.(68) од Скопје и велосипед управуван од А.Г.(61) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил К.Ш., констатирани во Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Ц.(32) од Србија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 24.06.2026 на Граничниот премин Табановце, при проверка на личниот багаж на пријавената, била пронајдена и одземена марихуана. 

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Е.С. (57) од Скопје и правно лице од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“. Првопријавениот како управител и одговорно лице во второпријавеното правно лице од 01.01.2023 до 31.12.2023 во деловните книги и даночните евиденции прикажал расходи кои не биле даночно признаени, без соодветна документација и расходи кои не биле во функција со вршењето на дејноста, со што неосновано ја намалил даночната основа и поднел даночни податоци кои не ја одразуваат реалната даночна состојба, со што се стекнал со противправна имотна корист преку избегнување на плаќање данок на добивка во вкупен износ од 2.362.247 денари.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против  А.К. (44) од  Берово, поради постоење основи на сомнение  за  сторено   кривично дело „кражба“. На 27.04.2026 на место викано „Рачица“, пријавениот е затекнат во шума во сопственост на државата, како врши бесправно присвојување на црноборови облици за палети.

 

На 05.07.2026 во 21:24 часот во СВР Тетово, од Клиничката болница Тетово е пријавено дека за укажување лекарска помош биле донесени две лица, повредени во сообраќајна несреќа. Полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово извршиле проверки и утврдиле дека на патот кај село Лисец, четирицикл управуван од Ф.М. (20), на кој сопатник бил А.Х. (19), двајцата од село Пирок, излетал од патот. При тоа, со тешки телесни повреди се здобил возачот Ф.М., а сопатникот А.Х. се здобил со телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово.

 

На  05.07.2026 во 18:00 часот,  полициски службеници од Полициското одделение Ранковце го лишија од слобода Д.М. (43) од Ранковце, затоа што пред продажен објект во Ранковце  со остар предмет се заканувал кон И.П. (38) од Ранковце. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 05.07.2026 во 20:35 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги приведоа С.С.(25) и С.П.(53), двајцата од Велес, затоа што на улица „Благој Ѓорев“ во Велес го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. При преземени мерки и извршени проверки било констатирано дека С.С. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,18 промили алкохол во крвта. Тие биле приведени во полициска станица и по документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.

 

На 06.07.2026 во 03:40 часот во СВР Битола е пријавено дека на плац на  ул.„Довлеџик”во Битола, сопственост на правно лице, настанал пожар, при што оштетени се две  товарно возило  „фиат“ и „ивеко”, двете со битолски регистарски ознаки, сопственост на Н.С. од Битола. Од огнот опожарена била и бандера со електрична инсталација. Пожарот е изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Битола, а повредени лица нема. Увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола.

 

На 06.07.2026 околу 01:30 часот во СВР Скопје Н.Н.(35) од с.Зелениково, скопско, пријави дека на 05.07.2026 околу 21:10 часот кај станица Зелениково бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 05.07.2026 во 15:52 часот во СВР Битола е пријавено дека во атар на с.Породин, битолско, во близина на индустриската зона Жабени, Ф.Б.(59) од САД, при слетување со параглајдер, се здобил со тешки телесни повреди. Ф.Б. со возило на Итна медицинска помош Битола е пренесен во Клиничката болница Битола, каде му се констатирани тешки телесни повреди. Увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола.

 

 

 

 

               

 

Мени за пристапност