Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против М.М. (27) од Струга за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 01.07.2025 на ул. „Ѓуро Салај“ во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот и на патничко возило „фолксваген голф“, при што била пронајдена и одземена марихуана.
На 05.07.2026 во 02:20 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода В.Т.(23) од Струмица. Тој во близина нa угостителски објект во Струмица агресивно се однесувал кон полициски службеници, а потоа и нападнал еден полициски службеник. В.Т. е задржан во Полициската станица Струмица и за случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 05.07.2026 во 00:30 часот полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода И.Т.(36) од Скопје, затоа што во угостителски објект во село Зебрњак, кумановско, физички ја нападнала В.Т. (46) од Куманово. Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава.
На 04.07.2026 во 14:10 часот во СВР Скопје, М.Б.(22) од Италија пријави дека околу 06:00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на физичка сила, му одзело часовник и чанта со пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 04.07.2026 во 23:05 часот, полициски службеници од Полициското одделение Камењане го лишија од слобода Х.М. (43) од с. Боговиње. Претходно, во 21:15 часот, В.Ј. (39) од с. Раковец пријавил дека околу 21:00 часот во угостителски објект во с. Боговиње, Х.М. физички го нападнал неговиот 14-годишен син. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 05.07.2026 околу 00:55 часот, во СВР Тетово е пријавено нарушување на јавниот ред и мир во угостителски објект во Тетово. Полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот, при што е утврдено дека настанала физичка пресметка во која учествувале Б.М. (39) од Тетово, У.Ш. (39) од Р.Турција и Д.С. (39) од Тетово. Тројцата се приведени и задржани во полициска станица и по документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 04.07.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје, Р.Т.(62) од с.Кондово, скопско, пријави дека во текот на ноќта во дворот од семејната куќа биле опожарени задните гуми на неговото патничко возило „ауди“, со скопски регистарски ознаки, Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 04.07.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје, Н.И. пријави дека на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, при ископ на земја на објект во изградба, пронашол една граната. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и било констатирано дека се работи за граната која потекнувала од Втората светска војна. Известена е Дирекцијата за заштита и спасување за безбедно подигање на гранатата.
На 04.07.2026 во 12:50 часот во СВР Скопје од Итната медицинска помош Скопје е пријавено дека во семејниот дом на подрачјето на Гази Баба, починал М.Ц.(24) од Скопје, кој, според пријавеното, имал здравствени проблеми. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
На 04.07.2026 во ОВР Неготино е пријавено дека на регионален пат село Долни Дисан – село Тимјаник, неготинско, 15-годишник, управувајќи мопед со неготински регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот и се здобил со повреди, по што од страна на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница Кавадарци. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Неготино, при што било констатирано дека малолетникот го управувал мопедот пред да се стекне со право на управување. По насоки од јавен обвинител, мопедот бил одземен и по документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
На 04.07.2026 во 14:30 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Р.Ш.(50) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека на улица „Браќа Миладинови“ во Велес, физички го нападнал Л.К.(48) од Велес и му се заканувал со остар предмет. Предметот бил пронајден и одземен, а Р.Ш. бил задржан во полициска станица. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 04.07.2026 во 13:00 часот на Граничниот премин Ќафасан, на излез од државата, полициски службеници ја лишија од слобода 26-годишната А.М.К.Б. од Колумбија, затоа што при гранична контрола и проверки во оперативна евиденција било констатирано дека евидира со мерка „стоп“ по барање на СВР Охрид. Таа е предадена во полициска станица за понатамошна постапка.
На 04.07.2026 во 22:30 часот во СВР Скопје, А.Н.(24) од с.Трубарево, скопско пријави дека околу 21:45 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од С.М.(52) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 04.07.2026 во 14:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Никола Парапунов“ во Скопје настанал пожар во гаража. Повредени лица нема. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а увид е извршен од увидна екипа од СВР Скопје.
На 05.07.2026 во 01:45 часот во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го приведоа Б.Н.(25) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници додека извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.