На 04.11.2026 во 16:05 часот во СВР Тетово е пријавено дека на локалниот пат с. Добарце и с. Чифлик, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел корса“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Ч.(55) од с. Чифлик, тетовско и четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Б.С.(34) од с. Ларце. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на четирициклот, додека со телесни повреди неговиот 16-годишен малолетен сопатник и возачот на патничкото возило „опел корса“, констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на лице место извршила екипа од СВР Тетово.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.Н. (45) од с. Боговиње, тетовско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 15.08.2026 пријавениот во дворот во семејниот дом физички ја нападнал неговата снаа.
На 04.11.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.К.(31), М.А.(38), В.А.(37), Б.Р.(26) сите од Скопје, В.К.С.(19) од с. Луково, струшко, В.А.(24) од Тетово, Е.Н.(26) од с. Кондово, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја, грутчеста материја, таблета и течност. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 05.11.2026 во 01:00 часот на ул. „Јордан Златаноски“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода С.Д.(26) од Тетово, затоа што при преглед над него, била пронајдена и одземена марихуана, а при алкотестирање е утврдено присуство на 1,34 промили алкохол во крвта. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
СВР Велес поднесе кривична пријава против С.С.(49) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 29.10.2026 во Велес, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од пријавениот и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени кокаин и пари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против С. И. (25) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 11.08.2026 во семејниот дом во Тетово, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга, а исто така и упатувал закани на неа и на нејзиното блиско семејство.
На 04.11.2026 во 19:45 часот, на ул. „Охридска” во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишија од слобода Д.М.(34) од Битола, затоа што при преглед над него, била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(41) и Б.А.(39) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 24.08.2026 во Тетово, пријавените физички го нападнале А.А.
Надворешна канцеларија за криминалистички работи Пробиштип, поднесе кривична пријава против Љ.Н.(45) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 29.05.2026 на ул.„Нада Михајлова“ и во просториите на Полициска станица Пробиштип, пријавениот упатувал закани кон полициски службеник.
На 05.11.2026 во 02:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода по претходно недоразбирање бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.Ј.(22) и М.Д.(30). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 04.11.2026 во 23:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред угостителски објект на подрачјето на Карпош бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.А.(26) и С.Т.(30). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 04.11.2026 во 13:30 часот во СВР Скопје К.К.(32) од Скопје пријави дека на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од Е.Б. и М.Б.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 05.11.2026 околу 00:35 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Бутел во домот на К.М.(84) од Скопје две лица со употреба на физичка сила и одзеле пари и личен накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.К.(21) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „oвозможување употреба на наркотични дроги“. При извршена контрола, полициските службеници го затекнале пријавениот на паркинг простор на ул. „Партизанска“ во Охрид со уште две лица на кои претходно, им овозможил користење опојна дрога марихуана. Тие беа лишени од слобода и со нив, во СВР Охрид беа извршени службени разговори.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.А.(45) од струшкото село Подгорци, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пустошење на шуми“ и „кражба“. На 16.10.2026 заеднички патроли од полициски службеници од ОВР Струга и Шумската полиција од Струга, извршиле контроли на планинскиот појас над селото Подгорци при што го затекнале пријавениот, како во шумска катарстарска парцела во државна сопственост, врши бесправна сеча на немаркирано буково дрво со цел бесправно да го одземе. Тој беше лишен од слобода а нелегално пресечената дрвна маса, предадена на Шумската полиција.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ј.З.(52) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 29.10.2026 во Дебар, пријавениот со агресивно однесување, закани и заплашување кон службени лица од Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, се обидел да ги спречи во извршување на службени дејствија со цел спречување на узурпација на деловен објект која истиот ја вршел на еден од објектите во Дебар, во државна сопственост. Пријавениот, со негов автомобил го следел, пресретнал и го застанал службеното возило на Агенцијата и се обидел, со викање и непристојно однесување, да им го одземе службениот телефон.
На 05.11.2026 во 00:40 часот во с. Арачиново, скопско полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Р.А.(22) од с. Арачиново поради тоа што кај него биле пронајдени и одземени пиштол, две рамки и 26 куршуми. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.С.(55) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување на општа опасност“. На 08.09.2026 во атар на с.Гајре, тетовско пријавениот во неговата шумска парцела запалил отпадоци, при што огнот се проширил на поголема површина.
Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар, поднесе кривична пријава против Д.Т.(43) од с.Долна Бањица, гостиварско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 22.07.2026 пријавениот довел во заблуда лице, сопственик и управител на правното лице, ветувајќи му дека ќе започне со работа во неговата фирма, со услов да му исплати парични средства од 110.700 денари, кои му ги исплатил.