Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 05.11.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.З.(65) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „избегнување на плаќање акциза’’. На 21.08.2025 на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген голф“, кое го управувал пријавениот, при што биле пронајдени и одземени 13 пакувања со вкупно 950 парчиња филтри, 17 кеси со по 500 грама тутун, 12 кутии со по 500 грама тутун, 1.278 кутии со по 20 цигари во кутија, 21 машинки за правење на цигари од тутун и 10 сим картички за кои не приложил соодветна документација дека ја има платено потребната акциза, ниту документација за потекло за стоката.  

 

ОВР Неготино поднесе кривична пријава против С.Н.(44) од с.Црвени Брегови, неготинско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 17.09.2025 на место викано „Подвозник“ во Неготино, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Р.(28) од с.Џепчиште, тетовско,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство’’. На 21.06.2025 пред угостителски објект во Тетово, пријавениот физички нападнал едно лице, при што употребил и тврд предмет.  

 

На 04/05.11.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода П.Д.(49) од Битола, А.А.(36), Ч.Б.(46)  и Х.И.(19), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја, прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 04.11.2025 околу 12:00 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Д.П.(44) од Сојузна Република Германија. При гранични проверки и контрола во возило кампер „фолксваген“ со германски национални ознаки, кое го управувал, пронајдена е марихуана. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 04.11.2025 во 16:40 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека на магистралниот пат Градско-Прилеп, кај с.Радобил, прилепско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „киа“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од О.О.(31) од с.Тополница, радовишко и патничко возило „фолксваген пасат“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.П.(35) од с.Дреново, кавадаречко. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот Ѓ.П. и неговиот сопатник Б.П.(56) од с.Дреново, кавадаречко. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „киа“ и неговиот сопатник С.О.(24) од с.Тополница, радовишко,  како и сопатниците од патничко возило „киа“ Н.П.(28), Т.П.(53) и С.П.(31) сите од с.Дреново, кавадаречко, констатирани во  Градска болница Прилеп и Општа болница Кавадарци. Извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа на ОВР Прилеп.

 

На 04.11.2025 во 09:00 часот во ОВР Гостивар е пријавено дека на регионалниот пат с.Форино–Гостивар, патничко возило „ауди“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(23) од с.Чегране, гостиварско, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општата болница Гостивар. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.

 

На 04.11.2025 околу 15:45 часот во СВР Охрид е пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во атарот на с.Оровник, општина Дебрца, патничко возило „смарт“ со охридски регистарски ознаки, управувано од А.А.(30) од с.Горенци, општина Дебрца, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Охрид.

 

На 04.11.2025 околу 12:15 часот во ОВР Кратово е пријавено дека на магистралниот пат кај с.Страцин, на место викано „Чатал“- кратовско, патничко возило „фиат добло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.С.(34) од Скопје, удрило во заштитна ограда. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кратово.

              

На 04.11.2025 во 17:35 часот на Граничен премин Долно Блаце,  на излез од државата, полициски службеници го приведоа Е.А.Х.(23) од Мароко. При гранични проверки констатирано е дека илегално влегол во државата. Тој е предаден на Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје за понатамошна постапка.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.Б.(33) и М.Б.(44), двајцата од с.Порој, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ и А.С.(36) од Тетово поради постоење основи на сомнение за кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 05.09.2025 во Тетово, по претходна расправија во сообраќајот, прво и второпријавениот му ја оштетиле колата на третопријавениот, по што настанала физичка пресметка помеѓу нив. Пoтоа, третопријавениот со нож упатил закани кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија.

 

На 04.11.2025 во 14:40 часот во СВР Скопје, В.Д.(55) од скопско, пријави дека на 03.11.2025 околу 16:00 часот на работното место во продажен објект на подрачјето на Карпош, била нападната од 34-годишната Е.С. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.11.2025 во 22:30 часот во СВР Скопје, 18-годишна девојка од Скопје пријави дека на 03.11.2025 околу 18:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот татко А.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.11.2025 во 17:07 часот во СВР Скопје, 40-годишна жена од Скопје пријави дека на 02.11.2025 околу 00:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзината сестра М.В.(44). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.11.2025 во 21:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во казино на подрачјето на општина Аеродром бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу З.П.(70) и Ф.С.(62), двајцата од Скопје. Според пријавеното, претходно Ф.С. го нападнал синот на З.П.. По целосно расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.11.2025 во 17:30 часот во СВР Скопје, Н.П.(62) од Скопје пријави дека околу 15:40 часот на подрачјето на општина Аеродром, едно лице со употреба на физичка сила му одзело чанта со пари, лични документи и мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.11.2025 на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги пронајдоа А.Х.(13) и А.М.(17), штитеници на Јавна установа за згрижување деца, за кои претходно беше пријавено дека се оддалечиле од установата.  

 

 

Мени за пристапност