Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 04.11.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.Е.Р.Л.(70) од Германија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 19.10.2025 на Граничен премин Табановце, полициски службеници извршиле преглед во кампер „фиат“, со кој допатувал пријавениот, при што во возилото била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против З.Е.(38) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 26.08.2025 пријавениот без дозвола и согласност на лице од Карбинци, со  банкарска картичка извршил трансакција од 6.000 денари.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Ф.(59) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Пријавениот, на катастарска парцела узурпирал земјиште во државна сопственост, при што поставил ограда и монтажна барака, без да поседува решение за изведба и одобрение за поставување на времени објекти на земјиште во државна сопственост.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против П.С.(34) од Струга, осуденик во Казнено-поправната установа Затвор Идризово и Т.К.(46) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“, додека Т.К. е пријавена и за „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Пријавените довеле во заблуда лице од Штип и неовластено ги прибавиле нејзините лични податоци, по што во текот на април и мај 2025 ги искористиле така што во име на лицето аплицирале за седум потрошувачки кредити во седум финансиски друштва за вкупен износ од 227.500 денари. После тоа, второпријавената неовластено ги обезбедила, а подоцна и употребила податоците од банкарската картичка на лицето и извршила 11 успешни трансакции на банкомати на банки во Велес и Штип во износ од 214.000 денари.

 

На 03.11.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Т.П.(45) и М.А.(34), двајцата од Скопје и Ф.М.(23) од с.Љубин,скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 03.11.2025 околу 12:40 часот во СВР Куманово е пријавено дека на локалниот пат с.Пчиња-Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „цитроен“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.К.(23) од с.Пчиња и патничко возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од О.Р.(55) од с.Пчиња. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, додека со телесни повреди сопатникот од патничкото возило „мерцедес“, Ф.Р.(28) од Куманово, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Куманово.

 

На 03.11.2025 околу 23:30 часот во ОВР Кратово е пријавено дека на магистралниот пат кај с.Страцин, кратовско, во близина на место викано „Чешмиче“, патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.С.(24) од Скопје, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот и неговиот сопатник Н.Б.(24) од Скопје, додека со телесни повреди се здобила сопатничката Ј.П.(21) од Скопје, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кратово.

 

На 03.11.2025 во 18:20 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул. „Партизанска“, ул. „Ѓорѓи Наумов“ и ул. „14“  во Битола, патничко возило „лада“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Р.П.(77) од Битола, удрило во пешакот И.Ц.(59) од Битола. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Клиничката болница Битола. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Битола.

 

На 03.11.2025 во 19:00 часот во СВР Скопје, М.С.(41) од с.Кондово, скопско, пријави дека на 01.11.2025 околу 16:45 часот на ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, додека се возел во автобус на ЈСП, возачот нагло закочил, при што нејзиниот 12-годишен син паднал и се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.

 

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Е.И.(21), Т.Ф.(20) и Т.Д.(31), сите од с.Старо Балдовци, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторени шест кривични дела „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. Тие се сомничат дека во периодот од 06.08.2025 до 15.10.2025 од фолии и сушари, сопственост на жители на неколку населени места од општините Василево и Босилово, одзеле сув тутун. На тој начин тие им нанеле штета од 505.000 денари.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против И.Ј.(54) од струшкото село Враништа поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола на магистралниот пат Струга-Ќафасан, полициските службеници сопреле патничко возило, кое го управувал, при што констатирале дека со возилото врши такси  превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Б.Б.(59) од кичевското село Зајас поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола на магистралниот пат Кичево-Охрид, полициските службеници сопреле патничкo возило „фолксваген пасат“, кое го управувал, при што констатирале дека со возилото врши такси  превоз на патници, без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен орган.

 

На 03.11.2025 во 22:10 часот, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 46-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека извршил обљуба врз неговата малолетна поќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.11.2025 во 02:42 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Јордан Мијалков“ во Скопје пронајден е починат Љ.И.(48) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 04.11.2025 во 00:25 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца е пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник А.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 03.11.2025 во 09:00 часот во СВР Скопје, А.Ј.(38) од Скопје пријави дека на 31.10.2025 околу 19:00 часот на автобуска постојка на Транспортен центар во Скопје, неговиот 16-годишен син бил физички нападнат од неколку други малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.11.2025 во 13:06 часот во СВР Скопје, Ѓ.Ѓ.(69) од Скопје пријави дека од гробно место на Градските гробишта Бутел, била одземена бронзена биста. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Мени за пристапност