Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 05.08.2026

Извадок на дел од дневните настани 05.08.2026

 

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н. А. (39) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги“. На 06.04.2026 полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Куманово извршиле преглед на патничко возило „опел“, при што кај пријавениот, кој бил сопатник, биле пронајдени и одземени кокаин и предмет со остатоци од кокаин.

 

На 04.08.2026 во 07:55 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Јустинијан Први“ во Скопје, мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од А.Ј.(22), удрил во пешакот Ц.Н.(83), двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот Ц.Н., додека со телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во ЈЗУ „Св.Наум Охридски“ Скопје и Ургентен центар при комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

 

На 04.08.2026 во 15:10 часот во Македонска Каменица, полициски службеници го лишија од слобода Д.М.(62) од делчевско село, постапувајќи по претходна пријава дека подолг период агресивно се однесувал во домот, ѝ се заканувал и физички ја напаѓал неговата сопруга. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во Скопје, на различни локации,  полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.А.(41) и С.В.(20), двајцата од Скопје, како и Д.М. од Турција, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 04.08.2026 во 15:45 часот  во ОВР Гостивар е пријавено дека во населба „Питарница“ во Гостивар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со австриски национални ознаки, управувано од Х.Д.(32) од с.Форино, гостиварско и велосипед управуван од И.Р.(43) од Гостивар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Ургентен центар Гостивар. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Гостивар.

 

На 04.08.2026 во СВР Штип, полициски службеници од СВР Штип извршија службен разговор со А.Н.(40) од Штип, постпаувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 11:15 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Е.К.(54) од Швајцарија. При преглед во патничко возило „опел“ со швајцарски национални ознаки, во кое се превезувал како сопатник, била пронајдена марихуана, за која изјавил дека е негова.  Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 05.08.2026 во 02:40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје. При сообраќајна контрола на ул.„Горно Лисиче“, полициските службеници сопреле товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека малолетникот го управувал товарното возило во присуство на неговиот родител, пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител за малолетници.  По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 18:40 часот на Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје, на излез од државата, полициски службеници го лишија од слобода М.П.М.(48) од Италија. При пасошка контрола и гранични проверки во неговиот личен багаж биле пронајдени и одземени два ловечки патрони. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 05.08.2026 во 00:55 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Ф.Б.(30) од с.Арачиново, скопско. При сообраќајна контрола на ул.„Венјамин Манчуковски“ во Скопје, полициските службеници сопреле патничко возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Ф.Б. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

 

На  04.08.2026 во 21:00 часот на  Граничен премин Меѓународен аеродром Скопје, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода Б.Ф.(22) од Словачка, затоа што при пасошка контрола и проверки во оперативната евиденција, било констатирано дека бил баран по меѓународна потерница од Интерпол Германија. Тој бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

 

На 04.08.2026 во 10:00 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.С.(18) од Скопје. При сообраќајна контрола на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека Е.С. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. Возилото е одземено и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 12:15 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.Б.(22) од с.Батинци, скопско. При сообраќајна контрола во с.Батинци, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека А.Б. го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото е одземено. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 09:00 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода А.Ш.(21) од Тетово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик. Според пријавеното, истиот ден во 04:00 часот, со закана со нож, од Д.С. (19) од Тетово одзел пари. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.08.2026 во 21:45 часот во СВР Битола, 39-годишна битолчанка пријави дека била физички нападната од нејзиниот сопруг В.В.. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 03.08.2026 во 11:00 часот во СВР Велес, од ЈЗУ Општа болница Велес e пријавено дека кај нив била донесена 38-годишна велешанка со повреди. Според пријавеното, нејзиниот брат Р.И.(32) од Велес физички ја нападнал, при што се здобила со повредите. Со Р.И. бил извршен службен разговор, известен е јавен обвинител и Центар за социјални работи и по документирање на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 04.08.2026 во 23:00 часот во Полициското одделение Новаци, Н.П.(35) од с.Добромири, општина Новаци, пријави дека во с.Добрушево, општина Могила, со остар предмет бил нападнат од неговата тетка М.А., при што се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

 

На 04.08.2026 во 21:20 часот на улица „Маршал Тито“ во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишија од слобода З.Х.(63) од Виница. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген пасат“ со винички регистарски ознаки, управувано од З.Х. и по преземени мерки и извршени проверки, било констатирано дека возилото го управувал пред да се стекне со право на управување. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото било одземено. По целосно документирање на настанот, ќе следува соодветна пријава.

 

На 05.08.2026 во 02:50 часот во СВР Битола е пријавено дека на ул.„.8 Септември” во Битола, М.Т.(23) од Битола, управувајќи мотоцикл „јамаха” со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола и со мотоциклот паднал на коловозот. Во несреќата, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, а со телесни повреди се здобила сопатничката Ј.А.(19) од Битола, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид извршила увидна екипа на СВР Битола.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против С.М.(53) од струшкото село Мислодежда поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „пустошење шуми“ и „непреземање мерки за заштита при работа“. На 20.04.2026, без претходно добиено одобрение за сеча и спротивно на прописите од Законот за шуми, на туѓ недвижен имот во месноста Лениште, во атар на селото Мислодежда, тој без работен договор ангажирал работници и неовластено исекол 107 стебла буково дрво и три стебла габер или вкупно 31.9 кубни метри огревна дрвна маса. За време на сечата, работникот Р.Д.(46) од Скопје бил удрен од дрво. по што починал во Општата болница во Струга. На местото на несреќата, увид извршиле ОЈО Струга во содејство со полициски екипи, Државен трудов инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и Шумска полиција.

 

На 05.08.2026 во 02:20 часот на ул.„Круме Волнароски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода С.И.(19) од Прилеп. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле возило „рено” со прилепски регистарски ознаки, управувано од С.И., при што било констатирано дека не поседува возачка дозвола. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.08.2026 во 15:40 часот во охридско село, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода П.Т.(68), постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал во семејниот дом и упатувал закани кон член на семејството. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 10:50 часот во демирхисарско село, полициски службеници од ОВР Демир Хисар го лишија од слобода Б.Ј.(36), постапувајќи по претходна пријава дека физички го нападнал неговиот 67-годишен татко. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 05.08.2026 во 00:20 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево, Ф.Н. физички ја нападнал неговата 20 - годишна девојка.  Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.  

 

На 04.08.2026 во 12:00 часот, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода А.Џ.(44) од с.Житоше, општина Долнени, затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана. По документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 19:25 часот во СВР Скопје, Д.Т.(33) од Скопје пријави дека околу 14:55 часот, на кеј на река Вардар, во близина на Градскиот парк, бил физички нападнат од три лица, кои му одзеле мобилен телефон и лични предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.08.2026 во 15:00 часот на крстосница од ул.„Димо Наредникот“ со ул.„Александар Македонски” во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода И.А.(61) од Прилеп. При контрола во сообраќајот полициските службеници сопреле мопед со прилепски регистарски ознаки, управуван од И.А., при што било констатирано дека го управувал без да поседува возачка дозвола. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.08.2028 во Полициското одделение Сарај, И.Х.(41) - директор на ЈКП Сарај, пријави дека во периодот од 16:30 часот на 31.07.2026 до 06:40 часот на 04.08.2026, во неговата канцеларија која е сместена во објектот на општината, со употреба на сила била отворена влезната врата од канцеларијата и фиока од негово работно биро, при што се украдени пари од прометот на ЈКП Сарај. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Нa 05.08.2026 во 01:30 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица лишиja од слобода 54-годишен жител на струмичко село, постапувајќи по претходна пријава дека на 04.08.2026 околу 23:00 часот во семејниот дом физички го нападнал неговиот 26-годишен син. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На  04.08.2026 во 21:27 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка го лишија од слобода Б.Р.(55) од Крива Паланка, затоа што физички го нападнал неговиот син. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

 

На 04.08.2026 во 22:10 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје приведоа 16-годишник од с.Горно Количани, скопско, постапувајќи по претходна пријава дека околу 20:45 часот, поради недоразбирање во сообраќајот, со тврд предмет го нападнал А.С.(18) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.08.2026 во 09:45 часот во СВР Скопје, Н.С.(40) од с.Марино, скопско, пријави дека на 01.08.2026 околу 22:00 часот во с.Марино, скопско, неговите двајца малолетни синови биле физички нападнати од неколку други малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.08.2026 во 12:10 часот во СВР Скопје, М.Р.(33) од Скопје пријави дека на 03.08.2026 околу 21:45 часот на подрачјето на Чаир, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од Е.Д. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 05.08.2026 околу 05:00 часот на место викано Кодра Фура, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Чашка дале знак за запирање на товарно возило со кумановски регистарски ознаки, кое се движело од Косово кон с.Брест, но возачот не застанал и продолжил со движење. Набргу, возилото се заглавило, по што возачот го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 04.08.2026 во 23:40 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода В.Н.(22), постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:00 часот во домот физички ја нападнал неговата 55-годишна мајка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 04.08.2026 во 17:40 часот во Полициската станица Драчево, полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со М.А.(42) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнала нејзината 73-годишна мајка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

 

 

Мени за пристапност