На 04.03.2026 во Скопје, на различни локациии, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Д.П.(23) и 15-годишник, двајцата од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и нож. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.И.(51) и М.Ќ.(66), двете од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „несовесно работење во службата“. Првопријавената поднела барање до Основен суд Куманово за издавање потврда од Казнена евиденција за друго лице без негова согласност, без негов потпис или издадено полномошно. Второпријавената, самостоен судски референт на приемна писарница во судот, со невнимание и небрежност го примила барањето, не побарала на увид документ за лична идентификација и дозволила заведување и процесуирање на барањето. Откако била издадена потврдата, првопријавената ја подигнала и употребила против лицето на чие име е издадена.
На 04.03.2026 во 06:55 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на ул.„Тодосија Паунов“ во Кочани, патничко возило „мазда“ со кочански регистарски ознаки, управувано од М.Л.(57) од Кочани, удрило во Д.К.(47) од Кочани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот Д.К., констатирани во болница во Кочани. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани.
ОВР Кратово поднесе кривична пријава против Н.Т.(19) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда’’. На 09.01.2026 на ул.„Гоце Делчев“ во Кратово, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал Т.Л.(36) од Кратово и му нанел тешки телесни повреди.
На 04.03.2026 во 15:05 часот на Граничен премин Блато, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Блато го лишија од слобода А.Б.(38) од Република Албанија. При пасошка и гранична контрола, полициските службеници констатирале дека бил баран со меѓународна потерница од Интерпол-Унгарија. Тој е пренесен во ОВР Дебар за понатамошна постапка.
На 04.03.2026 во 06:10 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.В.(29) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 59-годишна мајка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ѓ.Љ.(44) од село Новак, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење“. Кај место викано „Црвена Вода“ помеѓу селата Новак и Коџаџик, тој неовластено присвоил државно земјиште и спротивно на Законот за градење и без дозвола за градење изградил објект за домување.
На 03.03.2026 околу 17:30 часот во СВР Скопје, 44-годишен маж пријави дека во двор од семејна куќа на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот син А.М.(25). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.Г.(33) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници од криминалистичката полиција при ОВР Струга пронајдоа и одзедоа марихуана.
На 04.03.2026 во 12:34 часот во СВР Скопје, Б.Б.(26) од Скопје пријави дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 04.03.2026 во 09:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Д.(28) од Струмица и 25-годишната Ј.К.. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.