Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 04.05.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Ѓ. (30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.04.2026 полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген голф“, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Б.С.(46) и Ј.Ј.(46), двајцата од Македонски Брод и Ј.Н.(51) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба”. На 26.04.2026  на место викано „Венчишта“, атар на с.Грешница, општина Македонски Брод, пријавените биле затекнати при бесправна сеча на дрва, во сопственост на ЈП „Национални шуми“- Подружница шумско стопанство „Сандански“.

 

На 03.05.2026 на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.М.(35) од Скопје затоа што кај него е пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

 

На 03.05.2026 во 13:09 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница с.Врбоец-с.Свето Митрани се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со крушевски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(52) од с.Врбоец и патничко возило „фолксваген голф“ со крушевски регистарски ознаки, управувано од Е.А.(46) од с.Норово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „фиат пунто“, Ц.М.(26), додека со телесни повреди се здобиле возачот и другата сопатничка К.М.(19), двете од с.Врбоец, како и возачот на патничкото возило „фолксваген голф“, констатирани во Градска болница Прилеп. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на ОВР Крушево.

 

На 03.05.2026 во 14:11 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница од ул.„Партизанска“ и ул.„Ѓорѓи Наумов“ во Битола се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат“ со битолски регистарски ознаки, управувано од П.Џ.(19) од Битола и мотоцикл „триумф“ со гостиварски регистарски ознаки, управуван од А.А.(42) од Гостивар. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во болницата во Битола. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Битола.

 

На 03.05.2026 околу 15:45 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул.„1“ и крак од ул.„1“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(30) од Куманово и мопед „томос“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од М.М.(21) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на мопедот, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.К. (39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.11.2025 во Казнено поправната установа Идризово, од страна на полициски службеници извршен е претрес врз пријавениот, кој е осудено лице, при што биле пронајдени и одземени марихуана и таблети.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.П. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,полов напад и силување“ над неговата 41-годишна сопруга. Пријавениот, на 18.04.2026 околу 18:00 часот во семејната куќа во кумановско село без нејзина согласност извршил полови дејствија врз сопругата.

 

На 03.05.2026 околу 09:30 часот во ОВР Свети Николе е пријавено дека на ул.„Филип Втори“ во Свети Николе, автобус „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, управуван од Д.С.(40) од Велес, кој превезувал околу 20 патници, поминал преку испакнат дел од патот, при што двајца од патниците паднале во автобусот и се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани Општа болница Велес. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Свети Николе.

 

На 03.05.2026 во 22:20 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Р.М.(19), Ј.А.(18), М.Ј.(24), Е.А.(19), Н.Ј.(38) и тројца малолетници на возраст од 17-години, сите од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:30 часот физички ги нападнале Д.М.(22) и нејзиниот сопруг Р.Р., кои биле заедно со нивните две малолетни деца. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.    

 

На 03.05.2026 во СВР Скопје, Ф.К.(35) од Скопје пријави дека на подрачјето на Кисела Вода во два наврати бил физички нападнат од Л.А.(55) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.05.2026 во 22:20 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Џ.Б.(34), Е.Ј.(34), Е.Б.(33) и Т.Ј.(51), сите од Скопје, постапувајќи по пријава дека околу 21:50 часот, го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.05.2026 во 10:00 часот во СВР Скопје, Г.И.(44) од Скопје пријави дека на 02.05.2026 на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од Т.„Н“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.05.2026 во 22:35 часот на ул.„Вонвардарска“ во Тетово, полициски службеници го лишија од слобода Р.К.(53) од с.Челопек, тетовско, затоа што кај него била пронајдена бела прашкаста материја. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.05.2026 во 18:00 часот во Полициската станица Карпош, полициски службеници од СВР Скопје ја лишија од слобода С.Д.(29) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“ по член 201 став 3 од Кривичниот законик. Претходно, 56-годишна жена од Скопје пријавила дека пред својот дом ја затекнала пријавената заедно со новороденче кое имало повреди. Детето заедно со С.Д. биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекар кај новороденчето констатирал повреди. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.05.2026 во 13:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Дивље, скопско, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.С.(50) и Д.Ѓ.(63). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 03.05.2026 во 20:50 часот во СВР Скопје, И.С.(59) од с.Љуботен, скопско, пријави дека околу 17:00 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање, со тврд предмет бил нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 03.05.2026 во 14:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Спортски центар „Јане Сандански“, за време на кошаркарски натпревар помеѓу екипите на КК МЗТ Скопје и КК ИБА од Скопје, С.Л. сторил прекршок по член 3 од Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари. Имено, С.Л. агресивно се однесувал и ги навредувал судиите, а откако делегатот на натпреварот дал налог на редарите да го отстранат, тој при излегување почнал агресивно да се однесува и кон делегатот, а во еден момент се обидел и физички да го нападне, но бил спречен од редарската служба. Се работи на расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

 

 

Мени за пристапност