Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Х.У.(31) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.07.2025 на ул.„Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.Х.(31) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ и против Ф.М.(22) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство’’ во врска со ,,разбојништво“. На 31.10.2025 во Струмица, второпријавената побарала пари од 82-годишно лице, кое и дало 100 денари, а откако видела дека носи поголема сума на пари, во договор со првопријавениот и со употреба на физичка сила од оштетеното лице одзеле 14.000 денари.
На 02.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А.А.(50) од с.Страчинци, скопско, 32-годишната К.К.М. од скопско, С.Д.(20) и С.Т.(18), двајцата од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 02.12.2025 на Граничен премин Блато, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода К.М.(30) од Турција. При гранична контрола констатирано било дека тој допатувал со патничко возило „фолксваген голф“ со црногорски национални ознаки и на увид приложил фалсификувана турска возачка дозвола. За настанот е известен јавен обвинител, а лицето е предадено на полициски службеници од ОВР Дебар за понатамошна постапка.
На 02.12.2025 околу 07:50 часот во СВР Штип е пријавено дека на 01.12.2025 во 21:30 часот на експресниот пат Штип-Кочани, патничко возило „форд фиеста“ со кочански регистарски ознаки, управувано од А.Л.(34) од Кочани, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Штип.
На 02.12.2025 во 17:10 часот во ОВР Кичево е пријавено дека на крстосница помеѓу регионалниот пат за с.Осломеј и ул. „Загорје“ во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „форд“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Л.Џ.(31) од с.Зајас, кичевско и патничко возило „ауди“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Л.Б.(23) од с.Стрелци, кичевско, при што настанал пожар во возилото „форд“. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Кичево пожарот е изгаснат. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила шестгодишна сопатничка од с.Зајас од возилото „форд“, додека со телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Медицинскиот центар Кичево. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Кичево.
На 02.12.2025 во Валандово, полициски службеници од СВР Струмица- ОВР Валандово го лишија од слобода З.Т.(56) од Струмица. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени предмети со остатоци од марихуана и семки од растението канабис. Запознаен е јавен обвинител, а по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 02/03.12.2025 во периодот од 22:30 часот до 04:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово и Полициското одделение Камењане, во содејство со ОВР Гостивар, на подрачјето на Полициското одделение Камењане извршиле акциска контрола за откривање на странски државјанки кои илегално престојуваат во државата, кои непријавено работат и кои се можни жртви на трговија со луѓе. При акциската контрола, во угостителски објект, во с.Горно Седларце, каде управител е 27-годишната Ј.Ц. од Тетово, биле затекнати и приведени О.М.(24), А.Ф.(24), А.В.(28) и А.Т.(27), сите од Украина, кои имале пријавен престој во с.Жеровјане, но престојувале спротивно на целта. Тие се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.
На 02.12.2025 во 12:03 часот во СВР Скопје, Г.Ј.(39) од Пехчево пријави дека при извршување работни задачи - ископ со работна машина багер во близина стари гробишта во кругот на Студентски дом „Стив Наумов“, на подрачјето на Гази Баба, пронашол коски кои наликувале на човечки. По насоки на јавен обвинител коските биле предадени на вештачење.
На 02.12.2025 во 19:11 часот во СВР Штип, Ј.Д.(28) од Штип пријавила дека на нејзиното двегодишно внуче од брат забележала повреди и опекотини на телото. Детето е задржано на Детското одделение во Клиничка болница Штип за укажување лекарска помош. За настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.12.2025 во 17:25 часот, полициски службеници од Полициското одделение Чашка го лишија од слобода В.М.(46) од село Мартолци, општина Чашка. Тој бил забележан во атар на село Мартолци како управува трактор „имт“ без регистарски ознаки со приколка натоварена со огревно дрво. Набргу, во неговиот двор во селото констатирано е дека дрвата се без документација, по што дрвата, тракторот и приколката се одземени и предадени на Шумска полиција Велес. Увид извршила увидна екипа од СВР Велес, а В.М. е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 02.12.2025 во 14:30 часот на регионален пат во близина на село Возарци, кавадаречко, полициски службеници од ОВР Кавадарци пронашле паркирано патничко возило „опел“ со цол регистарски ознаки, кое било натоварено со огревно дрво. По преземени мерки, констатирано е дека возилото било управувано од Д.И.(20) од село Возарци, кој за огревното дрво не поседувал соодветна документација. Дрвата и возилото биле одземени и предадени на Шумска полиција Кавадарци за понатамошна постапка и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 03.12.2025 во 02:30 часот во СВР Скопје, Р.О.(68) од Скопје пријави дека на 02.12.2025 на подрачјето на Бит Пазар, бил физички нападнат од З.О. и А.О.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.12.2025 во 21:00 часот во СВР Скопје, 27-годишна жена од Белгија пријави дека околу 14:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер И.Љ.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.12.2025 во 08:45 часот во СВР Скопје, Љ.Д.(64) од с.Орман, скопско, пријави дека на 01/02.12.2025 било одземено црквено sвоно од бронза од црквата „Св.Спас“ во с.Орман. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.12.2025 во 13:10 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа И.П.(43) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.