Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 02.12.2025

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против З.Т. и К.Д., поради постоење основи на сомнение за сторно кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик. Двајцата пријавени, полициски службеници во Полициската станица Кочани при СВР Штип, при извршување на службени задачи на 07.09.2025 година во врска со пријава за гласна музика, влегле во дворот на лицето пријавено за пуштање на гласна музика и без да бидат исполнети условите за употреба на средства за присилба, неовластено употребиле физичка сила врз него и му нанеле телесна повреда. Одделот за внатрешна контрола против двајцата ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.  

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.Ќ.(54) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, против А.Ќ.(26), А.Ќ.(28) и Е.Ќ.(62), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „насилство“ и против А.Ќ.(71) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 25.10.2025 во село Средно Коњари, скопско, пријавените физички нападнале жител на селото и негов малолетен внук, при што употребиле и тврд предмет, додека првопријавениот репетирал пиштол кон него .

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.Б. (58) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“. На 12.11.2025 во Охрид, пријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.Г.(21) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 19.05.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот кај пријавената, при што била пронајдена и одземена марихуана.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Ј.(68) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 20.08.2025 во Охрид, полициски службеници го затекнале внукот на пријавениот, кој по дозвола и насоки дадени од пријавениот, со импровизирано превозно средство „воз“ вршел јавен превоз без да поседува лиценца за вршење на јавен превоз и без документација за возилото.  

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.И.(41) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во Пештани, пријавениот без одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид изградил куќа. Врз основа на констатираната состојба, донесено е решение за отстранување на градбата.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Ѓ.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела на земјоделско земјиште во Љубаништа, пријавениот без одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид, изградил објект од панели со метална конструкција. Врз основа на констатираната состојба, донесено е решение за отстранување на градбата.

 

На 01.12.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода И.А.(21), А.Ј.(47), А.А.(23), Е.К.(35), Т.Ц.(28), сите од Скопје и Н.П.(22) од с.Кисела Јабука, скопско, затоа што кај нив се пронајдени и одземени грутчеста материја и марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.

 

На 01.12.2025 во 11:20 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во државата, полициски службеници ги приведоа Х.А.(19), К.А.(25), А.„Н“.(22) и А.А.А.(25), сите од Пакистан поради сомнение за илегален излез од државата. При извршени проверки констатирано е дека оствариле влез во државата на 28.11.2025 на Граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје, но дека немаат остварен излез од државата. Известен е јавен обвинител, а тие се предадени на полициски службеници од Одделението за прекуграничен криминал и миграции Скопје, а по целосно документирање на случајот ќе им биде поднесена соодветна пријава.

 

На 01.12.2025 во 16:25 часот во СВР Куманово е пријавено дека на ул.„Борис Кидрич“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „хонда“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.П.(25) од Куманово и мопед „априлија“ со кумановски регистарски ознаки управуван од 14-годишник од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Куманово.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Б.(28) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 11.10.2025 на булевар „Ослободување“ во Кичево, пријавениот агресивно се однесувал кон полициски службеници кои преземале службени дејствија, по што со возило, но набргу е пронајден и лишен од слобода.   

 

На 02.12.2025 во 02:00 часот во СВР Скопје, 32-годишна жена од Скопје пријави дека на 30.11.2025 околу 00:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Кисела Вода била физички нападната од нејзиниот сопруг В.Н.(29) од Скопје, со кого е во бракоразводна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.12.2025 во 02:15 часот во Скопје, на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје го приведоа С.Е.(20) од Скопје затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 02.12.2025 во 02:20 часот во СВР Скопје, Д.Ш.(53) од Скопје пријави дека била опожарена влезната врата од неговата куќа на подрачјето на Бит Пазар. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од сопственикот и други лица. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.12.2025 во 20:59 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.Ш.(27) и И.Д.(47), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 01.12.2025 во 09:45 часот во СВР Скопје, Х.Р.(33) од с.Инџиково, скопско, пријави дека околу 09:30 часот, на работното место во фирма за финансиски услуги на подрачјето на општина Аеродром,била физички нападната од 41-годишната М.М.Г. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.12.2025 во 16:09 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 14:00 часот во двор од куќа на подрачјето на Ѓорче Петров, сопственост на 83-годишната П.Р. од Скопје, едно лице со употреба на физичка сила ѝ го одзело мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 01.12.2025 во 11:30 часот во СВР Скопје, 64-годишен маж пријави дека е измамен за сума од 1300 евра од Ф.А. од Скопје. Според пријавеното, во февруари 2022 година Ф.А. му ветил дека ќе му помогне да земе социјална помош, но дека за тоа ќе треба да му даде одреден паричен надомест, на што се согласил и му дал 300 евра. По неколку месеци му пристигнало решение дека барањето му е одбиено. По една година, Ф.А. повторно му побарал пари на пријавителот за да му помогне да земе социјална помош овој пат за неговата сопруга, но за тоа ќе треба да му плати уште 1000 евра, по што парите ги дал на женско лице. Како што е пријавено, оттогаш не можел да стапи во контакт со Ф.А., по што сфатил дека е измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Мени за пристапност