СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице од Охрид со приоритетна дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и против Р.Д.(54) од Охрид, управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 95-в од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Имено, второпријавениот во периодот од 28.04.2025 до почетокот на март 2026, не го известил Министерството за здравство, односно не доставувал писмени известувања до надлежната комисија за настанати промени во однос на количината на финален производ сув цвет, како и чување на цветот во несоодветни простории. При извршена контрола, пронајдената и затекнатата роба била запечатена во просториите на подружницата на правното лице во с.Ново Село, општина Дебрца.
На 02/03.06.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода П.К.(49), Р.Р.(36), И.Г.(29), Н.А.(39), 40-годишната Н.Т.С., М.К.(39) и 16-годишник, сите од Скопје и Т.А. од Италија, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела грутчеста и бела прашкаста материја, кристална материја, марихуана и нож. По целосно документирање на случајот, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против К.П.К.(66) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и против правно лице од Скопје за „неовластено чување, располагање и тргување со поголема количина пиротехнички средства и распрскувачки материи“. На 13.02.2026, полициски службеници извршиле претрес во магацински и деловни простории во Скопје, кои ги користело правното лице, односно К.П.К., при што била пронајдена и одземена поголема количина на пиротехнички средства, кои биле неовластено чувани во магацинските и деловните простории.
На 02.06.2026 во 08:40 часот на Граничен премин Долно Блаце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода К.К.(22) од Косово затоа што при гранична контрола и проверки во оперативна евиденција било констатирано дека евидира со мерка „апси“ по барање на Интерпол. Лицето е предадено во полициска станица за понатамошна постапка.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против А.Т.Г.(30) од с.Колешино, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 15.04.2025, полициски службеници извршиле преглед на едно лице, при што била пронајдена и одземена марихуана која ја набавил од пријавениот. Марихуана бил пронајдена и при извршен претрес во домот на пријавениот.
На 02.06.2026 во 11:00 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на ул.„Тодосија Паунов“ во Кочани, мотоцикл „хамачи“ со кочански регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од с.Грдовци, кочанско, удрил во 74-годишната П.Л. од Кочани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила П.Л., а со телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во болницата во Кочани. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Кочани.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.А.(39) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.07.2025, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен кокаин.
На 02.06.2026 околу 13:00 во ОВР Струга, од Специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесена С.С.(73) од Струга. Според пријавеното, таа се здобила со повредите додека се движела во населба Плитишта, струшко, при што изгубила свест, паднала и се удрила во товарно возило „ивеко“ со струшки регистарски ознаки, управувано од И.И.(40) од с.Радолишта, струшко. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Струга.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.С.(39) од с.Алгуња, општина Старо Нагоричане, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени поголема количина на „чаден барут“ и патрони за кои не поседувал дозвола.
На 03.06.2026 во 00:35 часот на ул.„Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Г.Џ.(29) од Република Албанија затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
На 02.06.2026 во 13:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ги лишија од слобода Т.Ј.(45) и В.Ј.(39), двајцата од село Баница, струмичко. Според пријавеното, тие на ул.„Братство и единство“ во Струмица, заедно со уште две малолетни лица од село Баница, агресивно се однесувале кон вработени во општина Струмица и полициски службеници од СВР Струмица кои извршувале службени задачи. Тие се задржани во Полициската станица Струмица, а службени разговори во полициската станица се извршени со малолетниците во присуство на родители. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по негово документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Г.И.(64) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2026 година на катастарска парцела на место викано „Шпиље“, која е во државна сопственост, пријавениот со метални столпчиња заградил парцела во која е поставен објект без решение за градба, со што пријавениот противправно се стекнал со државно земјиште и со имотна корист од 3.960.000 денари.
На 02.06.2026 во 11:10 часот во СВР Тетово, од Медицински центар Гостивар е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди биле донесени Х.С.(60) и Р.Р.(36), двајцата од Гостивар. Според пријавеното, тие се здобиле со повредите додека извршувале работни задачи за приватна фирма во населба „Шеста зона“ во Гостивар. Поради сериозноста на повредите, Х.С. е префрлен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека Р.Р. е задржан во Медицински центар Гостивар. Известен е Јавен обвинител, а увид на местото на настанот извршиле увидна екипа од ОВР Гостивар и инспектор од Државниот инспекторат за труд.
На 02.06.2026 во 23:40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Г.М.(19) од Куманово затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.А.(58) од с.Брвеница, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полово вознемирување’’. Во декември 2024 година во комбе со кое вршел превоз на патници, во момент кога немало никој друг во комбето, пријавениот извршил полови дејствија врз 15-годишна малолетничка од тетовско.
На 02.06.2026 во 15:20 часот во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го лишиле од слобода И.Д.(28) од Неготино. Тој се сомничи дека во дом на 62-годишен неготинец извршил кривично дело „тешка кражба“. По преземени мерки, одземеното било пронајдено и вратено на сопственикот. И.Д. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 02.06.2026 во СВР Тетово е пријавено дека околу 09:50 часот во Државно средно стручно училиште „Моша Пијаде“ во Тетово настанал пожар на една кабина во машки тоалет. Пожарот бил изгаснат од вработените со противпожарни апарати и хидранти. При гасењето, поради вдишување на чад, вработените Н.Р., И.П., М.С., А.З., Б.К. и Г.М. се пренесени во Клиничкиот центар во Тетово, за укажување на лекарка помош. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Тетово во содејство со Јавен обвинител.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.А.(48) од с.Романовце, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“. На 08.02.2026, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени куршуми и ловечки патрони од различен калибар, кои ги поседувал без соодветна дозвола и одобрение од надлежен орган.
На 02.06.2026 околу 14:30 часот во СВР Скопје, Е.М (29) од с.Ласкарци, скопско, пријави дека во негов објект во изградба на патот Сарај-Матка, каде работел со негов пријател, дошле неговиот татко Е.М.(57) и неговиот чичко С.М.(45), со кои што имал претходни деловни недоразбирања, а откако им рекол да го напуштат објектот тие со пиштол и ловечка пушка почнале да пукаат кон објектот и го оштетиле неговото патничко возило. По преземени мерки полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.М., а при извршен претрес во неговиот дом со судска наредба биле пронајдени и одземени две ловечки пушки и патрони. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
На 02.06.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје, Д.Ш.(29) од Скопје пријави дека на подрачјето на Центар бил физички нападнат од 16-годишник од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.06.2026 околу 19:30 часот во СВР Скопје, Р.М.(33) од с.Огњанци, скопско, пријави дека во селото во бил физички нападнат од С.С. од с.Огњанци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.06.2026 околу 12:30 часот во СВР Скопје, Д.И.(58) од с.Волково, скопско, пријави дека во с.Никиштани, скопско, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од Н.Е.(31) од с.Никиштани. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.06.2026 во 20:50 часот во Скопје, на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.А.(51) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека со тврд предмет физички ја нападнал Н.А.(56) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 02.06.2026 во 13:30 часот во СВР Скопје, З.Х.(22) од Скопје пријави дека на 01.06.2026 на работното место во здравствена установа на подрачјето на општина Аеродром, по претходно недоразбирање, З.Ј. агресивно се однесувал кон неа и физички ја нападнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 02.06.2026 во 09:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека кај депонија Дрисла во атар на с.Батинци, скопко, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.Б.(37) од с.Батинци и Ѓ.С.(66) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 01.06.2026 во СВР Скопје, Ш.С.(30) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари, неговиот малолетен син бил физички нападнат од М.Б.(29) од Скопје, кој употребил и остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.