Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Извадок на дел од дневните настани 03.04.2026

Министерство за внатрешни работи Министерство за внатрешни работи

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.М.(44) од с.Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање на промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.

 

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.С.(53) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 14.09.2025, пријавениот преку пишан материјал на негов профил на социјална мрежа промовирал и поттикнувал омраза и насилство.

 

Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против И.Д.(39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа’’. На 14.02.2026 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана бугарска возачка дозвола.  

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против А.А.(49) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 14.03.2026 на Градскиот пазар во Струга, пријавениот со уште две лица физички го нападнал Р.М.(61) и му нанел тешки телесни повреди.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Љ.Ѓ. (39) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 30.03.2026, полициски службеници извршиле претрес на две локации каде што престојувал пријавениот, при што биле пронајдени и одземени 13 пакувања бела прашкаста материја, муниција од различен калибар, дигитална вага, два пиштоли и една воздушна пушка.

На 02/03.04.2026  во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода М.Т.(27), Б.А.(41) и Љ.Ј.(32), сите од Скопје, Г.Р.(25) од с.Љубин, скопско и Н.А.(40) од с.Петровец, скопско, затоа што кај нив се пронајдени  и одземени бела грутчеста и прашкаста материја, марихуана, дигитална вага и дробилка. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.    

 

СВР Велес поднесе кривична пријава против С.В.(45) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 03.02.2026, пријавениот неовластено и без знаење на оштетената- овластена сметководителка го искористил нејзниот број на уверението, кое било прикачено на isos.com.mk и го употребил за завршна сметка во Централен регистер. Оштетената, истиот ден на електронска адреса била известена дека правно лице од Неготино поднело завршна годишна сметка со нејзиното уверение, кое било направено без нејзина согласност, a ниту пак таа ја имала изработено завршната сметка. На 24.02.2026 бил извршен службен разговор со пријавениот, управител на правното лице од Неготино, кој изјавил дека поднел завршна сметка за неговото правно лице бидејќи неговиот сметководител не бил внесен во Централниот регистер. Тој земал број од страната на isos.com.mk, која била достапна за сите и ја поднел годишната сметка со бројот на уверението на оштетената.

 

На 02.04.2026 околу 10:20 часот во  СВР Штип е пријавено дека на крстосницата од ул. „Мирче Ацев“ со ул. „Трајко Китанов“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота“ со кочански регистарски ознаки, управувано од 25-годишната Б.Д. од Пробиштип и мотоцикл, управуван од Б.А.(52) од Кочани. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничка болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Штип.

 

На 02.04.2026 околу 16:00  часот во ПС Пробиштип од Итната медицинска помош при  ЈЗУ „Нада Михајлова“ во Пробиштип известиле дека кај нив е пријавено дека  во семејниот дом В.Н. го пронашол својот син М.Н.(40) од с.Добрево, пробиштипско, со прострелна рана.  Извршен е увид и службени разговори со таткото и братот на повредениот, по чие кажување М.Н. истиот ден на мeсто викано „Чукар“, атар на с.Марчино, пробиштипско, самиот си нанел прострелна рана со ловечка пушка, додека го чистел оружјето. М.Н. е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување. Од лице место е подигната ловечка пушка и патрони. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 03.04.2026 во 01:00 часот во СВР Скопје 52-годишна жена пријави дека на 02.04.2026 во домот на подрачјето на Центар нејзиниот сопруг З.Д.(52) агресивно се однесувал и се обидел физички да ја нападне. Според пријавеното, таа подолг период била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција. Исто така, во 03:00 часот 52-годишен маж пријави дека во домот му биле упатени закани од неговата сопруга В.Д.(52). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 18:42 часот  во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека во домот на подрачјето на Бит Пазар нејзиниот сопруг Љ.И.(35) ја заклучил во тоалетот, а по некое време и физички ја нападнал, по што ја избркал од домот. Според пријавеното и нивните четири малолетни деца ги заклучил во тоалетот. Љ.И. кажала дека и претходно била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 18:45 часот во Полициската станица Кисела Вода полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.А.(35) од Скопје поради тоа што упатувал закани кон неговата 30-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 02.04.2026 во 14:30 часот во СВР Скопје 27-годишна жена пријави дека на 01.04.2026 нејзиниот сопруг М.Д.(32), со кого биле разделени, упатувал закани кон неа и нејзиниот татко. Според пријавеното таа и претходно била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

 

На 02.04.2026 во 06:30 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Т.(49), по претходна пријава дека на 01.04.2026 околу 23:30 часот  во домот физички ја нападнал неговата 43-годишна сопруга. Според пријавеното таа и претходно била физички и психички малтретирана од него, но не пријавувала во полиција. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

На 02.04.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје 30-годишна жена пријави дека во периодот од 08.06.2025 до 20.03.2026 нејзиниот поранешен сопруг Д.С. (34) физички ги малтретирал нивните две малолетни деца додека биле на видување кај него. Се работи на целосно расчистување на случајот. 

 

На 02.04.2026 во 20:00 во СВР Скопје 64-годишен маж од Скопје пријави дека на 30.03.2026 околу 15.00 часот пред неговиот дом дошол М.З., инаку лице со здравствени проблеми, кој му упатил вербални закани по неговиот живот. Исто така му испраќал и телефонски пораки со заканувачка содржина. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 10:00 часот во СВР Скопје 50-годишен маж од Скопје пријави дека на 01.04.2026 околу 19:40 часот додека бил во својот дом добил телефонски повик на неговиот мобилен телефон при што едно лице му упатило закани. Исто така, пријавителот навел дека на 09.03.2026 пред неговиот дом бил и физички нападнат од две лица. Се работи на расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје Х.Т.(40) од Р.Турција, со привремен престој во Валандово, пријави дека на подрачјето на Бит Пазар, тој и неговиот малолетен син биле физички нападнати од три лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 10:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, едно лице кое претходно се понудило да и помогне на З.Е.(73) од Скопје да ја испрати до нејзиниот дом, со употреба на физичка сила ѝ одзело чанта со пари, лични документи и други предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

На 02.04.2026 во 18:41 часот во СВР Скопје е пријавено во с.Идризово, скопско, на место викано „Наово“ настанал пожар во викенд куќа, сопственост на 72-годишната М.В. од Скопје. Повредени лица нема. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита-Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен е увид.

 

На 02.04.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, С.С.(46) од Скопје пријави дека околу 15:55 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање околу сообраќајот бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Мени за пристапност